Македонија
Заев: Португалскиот предлог е добра основа за решавање на спорот со Бугарија
Службите во Министерството за надворешни работи ќе ја проверат автентичноста на изјавата на португалската министерка за Европа во која таа вели дека македонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот, па ќе се реагира соодветно на тоа, истакна македонскиот премиер Зоран Заев. Запрашан дали и после ваквата изјава сеуште смета дека португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија е добар, Заев рече дека во него Португалија не зазема страни.
„Португалскиот предлог нуди решение, но не зазема страни внатре. Во самиот португалски предлог, во преговарачката рамка е решението, преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик. Секако имаат изјави и двете страни. И нашата и бугарската страна, каде што веројатно министерката направила толкување за бугарски медиум или слично за кое нешто ќе провериме денес преку стручната служба на МНР за автентичноста на тоа што е кажано и МНР соодветно ќе реагира во јавноста“ изјави Заев.
Тој уште еднаш потсети дека португалскиот предлог е добра основа за решавање на спорот со Бугарија.
„Сме кажале, за нас е добра основа затоа што нормално кога заврши Самитот на ЕУ, односно Европскиот совет, ние веќе дадовме и длабински коментари за португалскиот предлог во мои изјави во изјавите на Бујар Османи, нашето МНР, каде што неколку пати кажавме во тој предлог секако и како што е конструирана преговарачката рамка доколку се донесеше нормално одлуката таму стои преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик. Ги има унилатералните изјави на Северна Македонија, и на Бугарија. Си имаат тие свое толкување. Вие знаете до ден денес со Бугарија имаме билатерален реципроцитетен договор со којшто потпишуваме договори, одредени меморандуми и спогодби на кои стои дека тоа е бугарски јазик согласно Уставот на Република Бугарија и македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија. Тоа е билатерален дел кој го имаме со Бугарија“, истакна премиерот нагласувајќи уште еднаш дека прво ќе се провери автентичноста на изјавата од МНР и потоа ќе следи коментар.
Инаку Државната секретарка на Португалија за европски прашања, Ана Паола Закаријас во разговор со новинари во Лисабон, како што пренесе Бугарското национално радио (БНР), посочила дека дебатата помеѓу двете земји е тешка и изјавила дека „јазикот на Северна Македонија некогаш бил дел од бугарскиот јазик“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

