Култура
Филмот „Дедо и внук“ освои романски оскар за најдобра камера
Филмската манифестација „Гопо“ ги слави најважните достигнувања на романскaта кинематографија во годината 2020, што се одржува под знакот на пандемијата на коронавирусот. И покрај тешкотиите со кои се соочија, некои од филмовите објавени минатата година имаа можност да бидат погледнати од романските гледачи, да учествуваат на врвни фестивали, номинации и да добијат важни награди.
На 15-тото издание на Гала наградите „Гопо“, кое е како пандан на холивудскиот оскар за најдобрите достигнувања, во исклучиво силна конкуренција, директорот на Фотографија, Патру Паунеску, ја освои престижната награда најдобра фотографија на игран филм, доделена од романската асоцијација на кинематографери, за играниот филм „Дедо и внук”, кој е направен во македонско-романска копродукција.

„Признанието е за сработеното од нас и целиот тим од Македонија, кој направи сензационална работа и радоста што луѓето можат да видат колку е убав градот во кој снимавме, имено Охрид. Ми беше чест и задоволство да работам на овој филм. Одлични услови и феноменлна екипа. Го сакам Охрид, ја сакам Македонија”, изјави директорот на фотографија, Патру Паунеску, по доделување на наградите.
По шест вредни награди на познати фестивали шурум светот, за играниот филм „Дедо и внук“ ова е седма награда. Филмот неодамна беше прогласен за најдобар странски филм на престижниот Independent Film Awards во Лондон.
Buenos Aires International Film Festival, Osaka International Film Festival – OIFF, Stockholm City Film Festival, Dallas Independent Film Festival и Prisma Rome Independent Film Awards, International film Festival – Sweden се последните филмски фестивали кои го селектираа во својата програма играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот, Илија Пиперкоски.
„Направивме добар филм. Филм со приказна која никого не го остава рамнодушен. Се радувам на сите награди и признанија. Ме прават горд и ме мотивираат и ми даваат поттик за уште подобар да бидам во иднина. Учев во добра школа, Филмската академија во Букурешт, Романија, која ми даде знаење и занает да го прикажам најдоброто. Да бидам достоен, културен амбасадор на Македонија. Филмовите се скапа уметност, но неопходни за културата на еден народ. Се надевам дека националната поддршка ќе биде поголема во иднина”, изјави Илија Пиперкоски.

Режисерот Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, раскажува приказна со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук.
Во филмот играат: Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со: „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“, и е финансиски помогнат од Агенцијата за филм.
Директор на фотографија е романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

