Македонија
Спасовски најави засилена соработката со граничната полиција на Црна Гора

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Подгорица, во рамки на дводневната работна посета на Црна Гора, каде што утре ќе се одржи форумот на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци – МАРРИ, имаше билатерална средба со својот домаќин, црногорскиот министер за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ, на којашто се разговараше на повеќе теми од заеднички билатерален интерес, како и теми поврзани со регионалната и меѓународната соработка во областа на безбедноста.
Нагласувајќи ја досегашната извонредна соработка меѓу министерствата на двете земји, министерот Спасовски истакна дека од примарен заеднички интерес е унапредувањето и продлабочувањето на билатералната соработка, вклучително и во регионален контекст, пред сè во оперативна смисла, во развивање во делот на организираниот криминал, особено во борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, потоа трговијата со дрога, како и справувањето со илегалната миграција.
Оттаму, на средбата двајцата министри особено внимание посветија на соработката изразена и преку мулилатералните, но примарно и преку регионалните иницијативи, асоцијации и организации, а мотивирани од потребата за поефикасно координирање и спроведување на активностите со останатите земји од регионот и заземање заеднички ставови за прашања кои се од взаемен интерес.
Во тој контекст, министерот Спасовски потенцираше две иницијативи на МВР на Република Северна Македонија коишто се во зачеток по однос на соработката со МВР на Црна Гора, и генерално, во поглед на регионалната соработка. Првата, околу формирањето Заеднички контакт центри (ЗКЦ) како механизам за соработка на граничните полиции, а се особено значајни за зајакнување на прекуграничната соработка и во борбата против прекуграничниот криминал и тероризам. Притоа користејќи ја Конвенцијата за полициска соработка на земјите од Југоисточна Европа како правна рамка за регулирање на една ваква амбициозна иницијатива.
И втората иницијатива, која исто така е веќе во тек, а се однесува на менаџирањето на миграциските текови, поточно на спроведувањето на Пактот за азил и миграција на ЕУ. Според министерот Спасовски, овој документ, усвоен од страна на Европската комисија, во одредена мерка се однесува и на земјите од нашиот регион, така што во таа смисла веќе е побарано од Меѓународниот центар за развој на миграциски политики да се направи анализа на Пактот од аспект на неговиот импакт врз нашите земји.
„Верувам дека заедничкиот настап на ‘третите’ земји, како што милуваат да нè наречат, ќе биде од есенцијална важност за нас самите, особено ако сакаме да изградиме заеднички став за сите прашања поврзани со менаџирањето на миграцијата, вклучително и прашањата на враќања и реадмисија“, истакна министерот Спасовски.
Црногорскиот министер за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ, заблагодарувајќи се за искрената поддршка и соработка постигната на полето на внатрешните работи, на билатерално ниво, но и преку регионални иницијативи, истакна дека средбата се одржа во конструктивна размена на мислења за иницијативите на оваа наша пријателска земја.
„Првата се однесува на зајакнување на соработката во борбата против прекуграничниот криминал и тероризмот, а втората на управувањето со миграциските текови. Овие области се, исто така, клучни за Црна Гора, тие се опфатени со нашите бројни стратешки документи, и ние со задоволство ги прифаќаме. Иницијативите ќе го зајакнат вмрежувањето на земјите од Западен Балкан во надминување на предизвиците со кои се соочуваме“, подвлече Секуловиќ.
Тој особено ја нагласи поддршката што ја добиваат од колегите од Северна Македонија во областа на управувањето со миграцијата.
„Црна Гора и Северна Македонија воспоставуваат интензивна полициска оперативна соработка преку бироата на Интерпол Подгорица и Скопје, што овозможи размена на важни информации, меѓу другото, со цел борба против трговијата со дрога“, рече министерот Секуловиќ, додавајќи дека силната врска меѓу Црна Гора и Северна Македонија е и заедничката цел, односно членство во Европската Унија, при што од големо значење е соработката постигната преку процесот Брдо и форумот МАРРИ, преку кој земјите од Западен Балкан разменуваат искуства за процесот на преговори.
Инаку утре, министерот Спасовски ќе учествува на Форумот на МАРРИ регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци, каде што е предвидено да има и свои обраќања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Фатмир Дехари е градоначалник на срамот во Кичево, малтретирал и сексуално понижувал жени

Фатмир Дехари е градоначалник на срамот во Кичево. Дехари е симбол за брутална злоупотреба на моќта, понижување на жените, и сексуална злоупотреба, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во јавноста излегоа снимки кои ја откриваат одвратна вистина за градоначалнкот на Кичево, Фатмир Дехари. Дехари малтертирал и сексуално понижувал жени на работно место. Фатмир Дехари ја злоупотребил својата позиција и ова не смее да биде премолчено и неказнето. Ова е срам, навреда и понижување на секоја жена во државата без разлика на етничката припадност. И наместо оставка од Дехари и извинување, ДУИ се обидува да го прекрие скандалот нарекувајќи ги снимките како ”фабрикувани материјали” и ”шпекулативни и монтирани снимки” во обид да ја замајува јавноста“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во снимките се слуша како вработените жени се принудени да го бакнуваат дури и да му седнуваат во скут на Дехари.
„Ова недолично и некултурно однесување на Дехари не заслужува никакво оправдување. Дали ова е нивото на кое падна ДУИ, да бранат и поддржуваат функционери кои сексуално малтертираат жени? Дали ова е нивото, дали почитта кон жената е празно слово во ДУИ? Што им порачуваат на жените и семејствата со ваквото однесување?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата бара Дехари веднаш да поднесе оставка и да се повлече од јавниот живот.
„ДУИ и жените од ДУИ да го осудат ваквото однесување. Сите институции, политички партии и здруженија за заштита на жените да реагираат јасно и безкомпромисно“, бараат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Осумнаесет години без Тоше – ја обедини Македонија со својот глас и своето големо срце

На денешен ден, 16 октомври во 2007 година, Тоше Проески го загуби животот на 26-годишна возраст, во сообраќајна несреќа на автопатот во Хрватска. Целиот Балкан плачеше и се прости од овој уметник, а денеска се навршуваат 18 години од неговата смрт која го потресе целиот регион.
Автомобилот во кој се наоѓаше македонскиот пејач се судри со камион во утринските часови во близина на хрватскиот град Нова Градишка. Тоше Проески во моментот на несреќата седел на совозачкото седиште и спиел.
Колку беше обожаван и сакан од народот, покажува и информацијата дека македонското Собрание тој ден ја прекина седницата за да му оддаде почит на починатиот пејач со едноминутно молчење. Во Македонија тогаш 17 октомври беше прогласен за Ден на жалост.
Тоше беше сакан од целиот регион, неговиот глас допре до секое срце. Би-би-си Њуз го нарече „балканскиот Елвис Присли“. Тој беше познат и по својата хуманитарна работа, неговиот ангелски лик и глас го направија личност чија љубов кон другите немаше граници.
Во негова чест, денеска од 12 до 15 часот на детската улица „Тоше Проески“ во Ново Лисиче ќе се одржи настан под слоганот „Тоше те сакаме“.
Овој настан претставува искрена почит и сеќавање на човекот кој остави траен белег во македонската музика и култура. Целта е да се испрати порака дека Тоше сè уште живее во нашите срца, а неговата музика и хуманост остануваат безвременски симбол на добрината, љубовта и единството.
Публиката ќе ужива во настапите на децата од градинките, училишните хорови од основните училишта, како и на македонските музички ѕвезди: Огнен Здравковски, Мартинијан Кириловски, Наде Талевска, Марија Спасовска, Драган Темелков, Лили Акустик, Ивона Јо, Тамара Волческа, Владимир Поповски и Васил Ангелов, кои ќе ги изведат безвременските хитови на Тоше Проески. Покрај музиката, ќе има изложба на дела од основците, активност за пишување на хумани пораки на картони со Бомбакис, цртање на мега-слика со РВР бренд.
Со песна, љубов и сеќавање, сите заедно ќе му оддадеме чест на човекот кој ја обедини Македонија со својот глас, својот дух и своето големо срце.
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992), каде што испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјата и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата.
Македонија
Без струја денеска делови од Центар, Гази Баба, Бутел и Ѓорче Петров

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Питу Гули од бр. 4 до бр. 20. (општина Центар)
– во периодот од 08.00 до 14.00 часот, корисниците од село Стајковци. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од ул. Рокомија. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од улиците Ибе Паликуќа и Воин Драшковиќ. (општина Ѓорче Петров)