Македонија
Мицкоски: СДСМ може да победи на изборите само доколку дојде со наполнети кутии на гласачките места

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека кандидати за градоначалници ќе бидат лица кои ќе донесат победа на локалните избори за неговата партија. Тој упати порака до граѓаните да излезат и да гласаат посочувајќи: „Добрите луѓе бираат добри политичари, а ако останат дома, добрите луѓе бираат лоши политичари“.
Мицкоски посочи дека се разговара со повеќе партии од другите националности, кои не се дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за заеднички настап на изборите.
„Профилот на луѓето е дека тие се победници, чесни и честити луѓе, кои доаѓаат од општини каде што се познати на жителите на тие општини, луѓе кои се комплетно нови, луѓе коишто за првпат се кандидираат за политичка позиција во општините од каде што доаѓаат и луѓе кои се дијаметрално спротивни од актуелната реалност којашто ја застапува СДСМ во тие општини преку нивните градоначалници, кои очекуваме да бидат повторени и на овие локални избори. Очекуваме во сите овие 15 општини, кој ќе бидат презентирани, сериозна победа. За имињата и родовата застапеност, ќе почекате“, додаде Мицкоски.
Тој уверува дека ВМРО-ДПМНЕ има повеќе кандидати кои ќе донесат победа на локалните избори во Скопје, но дека ќе го кандидираат тој што ќе донесе најубедлива победа до сега.
„Има многу кандидати кои можат да бидат успешен кандидат и победник на дуелот со Петре Шилегов. Ние сакаме победата да биде најубедлива до сега што се случила и тоа да биде знак дека времето во политиката на политички измамници како профилот на актуелниот градоначалник на Скопје и актуелниот премиер во Владата е минато. Разговараме со албански, турски, српски, бошњачки, влашки, разговараме и со други политички партии кои не се дел од нашата коалиција. За многу бргу денеска ќе ја дознаете и структурата на политички партии кои ќе го поддржат кандидатот или кандидатката која ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложи за кандидат за Град Скопје“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, СДСМ може да победи на изборите само доколку дојде со наполнети кутии на гласачки места, но не и на фер и демократски избори.
„Човек којшто е уплашен на три-четири месеци пред избори дава предикции. Не сум убеден дека СДСМ во тие општини ќе биде победник, туку убедливо поразен. Во најголем дел од тие општини кои ги споменавте, доколку изборите бидат фер и демократски. Доколку дојдат со наполнети кутии, тоа е единствениот начин СДСМ да биде победник во тие општини“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Милевски: Виница 4 години назадува, катастрофално владеење на Петков и ВМРО-ДПМНЕ

Така наречениот отчет на градоначалникот Миле Петков и ДПМНЕ е најдобар доказ за четири години катастрофално и досега невидено лошо владеење на една локална власт во Виница, изјави кандидатот на СДСМ за градоначалник на Виница, Гоце Милевски.
Наместо вистински отчет, додаде тој, видовме обид за замачкување на очите на јавноста и бегање од одговорност за неисполнетите ветувања.
„Затоа таканаречениот отчет беше во скап хотел а не на улиците, во градот и селата во Виница. Затоа што реалноста е разочарувачка. Ниту еден од капиталните проекти од програмата на Петков и ДПМНЕ за Виница не се реализирани“, рече Милевски.
Според Милевски, Петков се фалел со наследени проекти од претходната власт на СДСМ и неколку асфалтирани улици.
„Но фактите говорат: сегашната власт нема реализирано ниту 20 километри улици, наспроти 45 километри изградени во времето на СДСМ. Виница денес изгледа како мала депонија од не собереното ѓубре и смет, собирен центар за кучиња скитници, со небезбедни кратери од вода и хаос од неправилно паркираните возила, со запуштени зелени површини и ниту едно ново засадено дрво. Тоа сликата за Виница после 4 години неспособна локална власт на ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме оваа казна да продолжи уште четири години! Локалните избори се шанса за промени во Виница“, рече Милевски.
Македонија
Голема акција на Финансиската полиција: уапсени седум лица за даночни измами и перење пари, го оштетиле буџетот за 430 милиони денари

По двегодишна опсежна предистражна постапка, во текот на денешниот ден Управата за финансиска полиција спроведе акција во која беа извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на општина Липково, Куманово и Желино.
Се работи за сложена предистрага, која опфаќа повеќе правни и физички лица, а целта е целосно разоткривање на криминална група, која дејстувала подолг временски период и имала цел вршење на кривичните дела злосторничко здружување, даночно затајување, даночна измама и перење пари и други приноси од казниво дело, со намера организаторите и припадниците на групата да стекнат противправна имотна корист во висина од над четиристотини триесет милиони денари, со што е предизвикана огромна штета на буџетот на Република Македонија.
По налог на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во акцијата со асистенција на САЕ „Тигар“ од слобода се лишени седум лица и тие се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд, а едно лице не е достапно на органите на прогонот.
Македонија
Утре сончево време, со температура до 34 степени

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во источните делови ќе има услови за локален краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степена.
До петок времето ќе се задржи претежно сончево и топло со постепен пораст на дневните температури. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
За време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. В сабота ќе дува умерен до засилен југозападен, а в недела ветерот ќе го смени правецот во северен.