Македонија
Заев: Со Рикер сме согласни дека за некои прашања не може да се преговара
Премиерот Зоран Заев и вршителот на должноста помошник-државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот на САД, Филип Рикер, денеска во Охрид одржаа прес-конференција.
На прес-конференцијата ѝ претходеше билатерална средба на која, покрај Филип Рикер, присуствуваа и заменик-помошник на државниот секретар за Европа и Евроазија, Метју Палмер, и амбасадорката на САД во нашата земја, Кејт Брнз.
Во своето обраќање на прес-конференцијата премиерот Заев им се заблагодари на високите претставници на Стејт департментот на САД за учеството во „Преспа форум дијалогот“, организиран по повод тригодишнината од договорот од Преспа и посветен на дијалогот и добрососедството.
„За Западен Балкан, од исклучителна важност е најавата на претседателот Бајден за враќање на силното присуство на Соединетите Американски Држави на светската сцена со ангажирана дипломатија заснована на најскапоцените демократски вредности на оваа земја и наш стратешки партнер“, истакна Заев на прес-конференцијата.
Премиерот нагласи дека Северна Македонија нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди и дека земјата посветено работи со добра волја на имплементација на договорот за пријателство и добрососедство на сите области од заеднички интерес, вклучително и на Комисијата за историски прашања, но, како што рече, има некои прашања за кои не може да се преговара.
„Ја имаме поддршката на САД во овој поглед и таа има огромна важност. Сега повеќе од кога било, едногласни сме дека унапредувањето на регионалната соработка е неминовно за европеизацијата на Балканот, а таа е суштински дел од нашиот пат до членство во ЕУ“, потенцира Заев.
Тој посочи дека Северна Македонија и САД како блиски стратешки партнери и сојузници заедно се фокусирани на заедничките заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет, како и на заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани за мирот во светот.
„Уште во првата година од членството во НАТО, Северна Македонија докажа дека е активна членка на алијансата и ги дели заедничките вредности на сите сојузници. Потврдено ни е дека сме кредибилен сојузник со значителен удел во напорите на НАТО за мир и безбедност и во регионот и глобално“, истакна премиерот.
Високиот претставник на Стејт департментот, Филип Рикер, од своја страна нагласи дека САД и Северна Македонија како сојузници постигнале многу заеднички достигнувања и ги нагласи Охридскиот рамковен договор и договорот од Преспа, кои, како што рече, ја определиле траекторијата на Северна Македонија кон заедницата на прогресивните демократии.
„Блокадата за пристапните преговори за Северна Македонија го поткопува кредибилитетот на Европа и го истакнува впечатокот дека ЕУ го остава регионот зад себе“, рече Рикер на прес-конференцијата и заклучи дека Северна Македонија во Соединетите Американски Држави има пријател како никој друг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

