Македонија
AСОМ: На улица ќе останат 10.000 вработени во игрите на среќа
Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) посочува дека ставовите на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ во врска со измените на Законот за игри на среќа со кои, меѓу другото, се предвидува дистанца од 500 м на објектите на приредувачите од образовните институции, во целост го потврдуваат она на што АСОМ со години наназад укажува.
АСОМ смета дека ваквиот предлог е практично невозможно да се спроведе на терен, бидејќи дистанцирање од една образовна институција едноставно го доближува објектот до друга. Така, растојанието од 500 метри значи целосно затворање на сите објекти во кои се приредуваат игрите на среќа и гасење на цела една легална стопанска гранка. Следствено на ова, АСОМ постојано предупредува на последиците од измените на Законот – затворање на игрите на среќа, негативни социјални ефекти и огромни загуби за државата.
„И натаму тврдиме дека целта на ваквиот предлог не е унапредување на индустријата, заштита на играчите или пак зголемување на приходите во буџетот. Ако приредувачите на игрите на среќа стават клуч на своите објекти, речиси 10.000 директно вработени во индустријата остануваат без работа, а државата останува без повеќе од 250 милиони евра кои по сите основи се слеваат во буџетската каса од игрите на среќа. Но, она што е уште поважно, наместо заштита на малолетници, државата свесно ќе отвори пат на нелегално обложување во импровизирани и скриени објекти, каде практично ќе нема никаква контрола врз играчите. “ – велат од АСОМ и додаваат дека законот е целосно контрадикторен, економски неиздржан и правен без соодветни анализи за можните негативни импликации од негово усвојување.
Од АСОМ додаваат дека и покрај бројните укажувања од нивна страна и другите приредувачи на игрите на среќа, испратените готови анализи и предлози за унапредување на индустријата и носење квалитетен закон со кој ќе се постигнат низа позитивни промени, слух од Владата и Министерството за финансии немаше.
Напротив, предлог измените на Законот за игри на среќа со спорните 500 метри, Министерството за финасии ги достави до Собранието.
„Уште еднаш посочуваме дека овој закон за нас е неприфатлив и ние сме подготвени да ги искористиме сите расположиви средства да спречиме тој да се донесе. Државата мора да биде свесна дека ако усвои ваков скандалозен закон, на улица ќе излезат сите 10.000 вработени во индустријата, но и вработени во други стопански гранки кои директно зависат од нашата работа.“ – предупредија од АСОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На едно семејство со четири члена му биле потребни близу 1.100 евра за да го помине декември
Вредноста на синдикалната минимална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за декември годинава изнесува 65.492 денари и е за 319 денари зголемена во однос на минималната кошница за минатиот месец кога изнесуваше 65.173.
ССМ денеска информираше дека со изнајмен стан од 60 метри квадратни за декември синдикалната минимална кошница изнесува 80 .867 денари.
Според пресметките на ССМ, во декември за храна и пијалаци се потребни 23.640 денари, за Образование 7.159 денари, за Станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.130 денари, Облека и обувки 5.875 денари, Транспорт 4.636 денари, Ресторани и хотели 4.131 денар, Комуникации 3.417, Лична хигиена и оддржување на хигиена во домот 2.620 денари.
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески на 17-ти месецов најави дека од 1 јануари освен што синдикатите ќе ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка и тие како Влада ќе прават пресметка за просечна потрошувачка кошничка, која ќе биде за најмалку четиричлено семејство. На оваа тема ќе се разговара на Економско –социјалниот совет, кој е закажан на 22 декември (понеделнк).
– Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината, изјави Ристески.
Македонија
Боки 13 ја вознемирувал Русковска, таа го пријави во полиција
Поранешната обвинителка Вилма Русковска поднела пријава до полицијата против Бојан Јовановски – Боки 13 за телефонско вознемирување.
Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 18 декември 2025 година, кога Јовановски, додека бил во живо вклучување на „Јутуб“, повеќепати телефонски ја контактирал Русковска, и покрај нејзиното одбивање на повиците.
Од снимката што циркулира на социјалните мрежи може да се види дека разговорот бил проследен со навредливи и вознемирувачки изјави од страна на Јовановски. Русковска во еден момент го предупредила дека доколку продолжи со повиците, ќе го пријави во полиција, по што повиците сепак продолжиле.
Од Министерството за внатрешни работи за медиумите ја потврдија пријавата и информираа дека работат на расчистување на случајот.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.

