Забава
Некои од најгласните политичари против ЛГБТ-правата честопати биле прикриени хомосексуалци

Пред девет години беше објавена психолошка студија во престижниот магазин „Journal of Personality and Social Psychology“, што уште еднаш го потврди она што одамна е познато во психологијата и пошироката јавност – некои од најгласните противници на ЛГБТ-правата и ЛГБТ-заедницата се всушност хомосексуалци кои самите одбиваат да го признаат тоа.
Според пишувањата на хрватски „Индекс“, таа студија била заеднички спроведена од експерти од Универзитетот во Рочестер и Универзитетот во Есекс во Велика Британија, како и Универзитетот Санта во САД, при што истражувачите го донеле следниот заклучок: „Хомофобијата е поизразена кај луѓе со непризнаена привлечност кон истиот пол и кај луѓе кои пораснале покрај авторитарни родители поради кои ги потиснале таквите желби“.
„Личностите кои се идентификуваат како хетеросексуалци, но покажуваат силна привлечност кон истиот пол во психолошките тестови, се чувствуваат загрозено од хомосексуалци и лезбејки затоа што ги потсетуваат на нивните слични склоности“, објасни Нета Вајнстин, предавач на Универзитетот во Есекс и главна авторка на студијата.
„Во многу случаи, ова се луѓе кои војуваат со себеси и го насочуваат тој внатрешен конфликт кон надвор“, додава коавторот Ричард Рајан, професор по психологија на Универзитетот во Рочестер.
Ова, се разбира, не значи дека сите хомофоби се потајно хомосексуалци, но значи дека тоа е едно од научно заснованите објаснувања за нечии ставови против ЛГБТ.
Не недостигаат примери на жестоки хомофоби, за кои подоцна се покажало дека имаат хомосексуални тенденции, па написот на хрватски „Индекс“ потсетува на некои политичари и верски лидери за кои се покажало дека ја изразиле својата т.н. автохомофобија, со ширење омраза и нетрпеливост кон ЛГБТ-луѓето.
Најсвежиот пример е скандалот што изби во Брисел кон крајот на минатата година, кога близок соработник и европратеник од партијата на Виктор Орбан беше фатен во геј-оргија.
Како што тогаш објавија белгиските медиуми, полицијата прекинала нелегална корона-забавата на која присуствувале 25 лица. Консумирале алкохол и дрога, а имало и групен секс. Кога упаднала полицијата, неколку учесници биле голи, а еден се обидел да избега и притоа се повредил.
Тоа беше Јозеф Сајер, еден од најпознатите и најистакнати политичари на Фидес, парија која ја основал заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Сајаер ги поддржуваше и ги артикулираше хомофобичните политики на Фидес, за на крајот да се открие дека тој всушност се борел против сопствената сексуална ориентација.
Пред неколку години, сенаторот од сојузната американска држава Охајо, Весли Гудман, поднесе оставка откако се дозна дека имал секс со маж во неговата канцеларија.
Оставка даде и поранешниот сенатор од Оклахома, Ралф Шорти откако беше обвинет за детска проституција поради наводно барање секс од 17-годишно момче. Подоцна Шорти одлучи да се изјасни за виновен по обвиненијата.
И Гудман и Шорти се оженети мажи, кои биле јасни политички противници на ЛГБТ-заедницата додека извршувале политички функции.
И меѓу верските водачи постојат примери на луѓе со цврсти ставови против истополови односи за кои потоа се покажало дека се хомосексуалци.
Во САД најпознат е случајот со пастор на фундаменталистичката црква, Тед Хагард, кој во американската јавност беше познат како гласен противник на хомосексуалците.
Откако сексуалниот работник Мајк Џонс откри дека Хагард бил негов клиент, пасторот се бранеше во јавноста на следниов начин: „Го повикав за да купам дрога, која потоа ја фрлив. Бев во искушение, но не зедов“.
Дрогата што Хагард ја споменал била метамфетамин, позната уште и како кристал мет, инаку многу опасен опијат, така што објаснувањето на Хагард одговара на ставот дека е подобро да се биде зависник од дрога отколку хомосексуалец.
Сепак никој не поверувал во изјавите на пасторот, па тој бил отстранет од сите должности и отфрлен од неговата верска заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Еден гест може да открие дали вашиот партнер е психопат

Мислите дека поради сите криминалистички документарци и хорор филмови што сте ги гледале, можете да забележите психопат на километри оддалеченост? Размислете повторно. Научниците открија врска помеѓу занемарен гест и луѓе со темни црти на личноста, што може да се користи за манипулирање со партнери во напнати ситуации.
Кога вашиот партнер ќе ви ја допре раката или ќе ви го стисне рамото, тоа е веројатно само физички знак на наклонетост, нели? Понекогаш е така, но може да биде и знак за нешто позагрижувачко. На пример, ако вашиот партнер се обиде да ве прегрне среде расправија, тој всушност може да се обиде да го воспостави својот авторитет.
Допир како оружје за манипулација
Научниците од Универзитетот Бингамтон во Њујорк предупредија дека таков допир може да поттикне „послушност од подредениот“. Иако прегратката може да „го смири вашиот ум, да го намали стресот и да го активира окситоцинот“, новите откритија покажуваат дека „не сите прегратки се безопасни“.
Трудот објавен во списанието „Current Psychology“ откри дека лицата со особини на личноста од таканаречената „темна тријада“ – нарцизам, психопатија и макијавелизам – имаат поголема веројатност да користат допир за манипулирање со своите партнери.
Авторот на студијата, Ричард Матсон, професор по психологија на Универзитетот Бингамтон, рече: „Ново во нашата работа не е само идентификување на проблематичните употреби на допир – туку поврзување на овие однесувања со типот на личност која веројатно ќе ги користи кај романтичен партнер“.
Истражувачите проучувале различни стилови на приврзаност и особини на личноста за да утврдат како тие влијаат на начините на кои луѓето изразуваат и примаат физичка наклонетост. Во студијата учествувале повеќе од 500 студенти, а резултатите откриле значајни разлики помеѓу половите.
Мажите кои доживеале анксиозност во врската имале поголема веројатност да бараат утеха преку физичка наклонетост. Од друга страна, жените кои ги покажале особините на „темната тријада“ изјавиле дека се чувствуваат понепријатно со допир, но исто така имале поголема веројатност да го користат физичкиот допир манипулативно во своите врски.
„Нашите наоди ја истакнуваат важноста на разгледувањето на особините на личноста и ориентациите на приврзаност во разбирањето како допирот се перцепира и користи во романтичните врски“, заклучуваат авторите. Оваа област на истражување е сè уште во развој, но може да биде клучна за поцелосно разбирање на тоа како функционира допирот во романтичните врски.
Забава
Нов скандал околу осрамотениот војвода, наводно сите морале да му носат девојки, претпочитал балерини

Принцот Ендру наводно ги молел своите вработени и пријатели да му најдат девојки и имал посебна преференција кон балерини и русокоси, открива неговиот биограф во нова книга, објавува „Пејџ сикс“.
Осрамотениот војвода, кој се откажа од своите титули поради скандалот со Џефри Епштајн, наводно барал од сите околу него за да си најде девојки. Ова, според авторот и историчар Ендру Лоуни, понекогаш довело до тоа да спие со жени за кои „дури и не сфатил дека се проститутки“.
Во својата нова книга, насловена: Подемот и падот на Јоркшката куќа, Лоуни пишува дека дури и телохранителите на Ендру, платени од британските даночни обврзници, биле вклучени во оваа мрежа.
„Тој ќе забележеше атрактивна балерина во Кралскиот балет, а потоа ќе го испратеше својот телохранител да ја покани на состанок со него. Други ситуации вклучуваа испраќање помошници да поканат девојки на неговата маса во лондонскиот ноќен клуб „Чајнавајт“ или во неговиот хотелски апартман кога беше во странство“, рече Лоуни.
Авторот, исто така, наведува дека „персоналот на Ендру често барал атрактивни жени да бидат поканети на настани, а приватната секретарка навела дека тој претпочита русокоси“.
Додека патувал низ светот во својата поранешна улога како британски трговски претставник, од која поднесе оставка во 2011 година поради неговите врски со Епштајн, Ендру, наводно, претпочитал хотели пред кралски резиденции за да има поголема слобода.
Ендру, исто така, наводно ги искористил своите кралски врски, како што е неговото покровителство на Англискиот национален балет.
„Неговиот главен интерес биле танчерките, а не самиот балет“, напиша Лоуни.
Жртвата на Џефри Епштајн, Вирџинија Џуфре, која изврши самоубиство во април на 41-годишна возраст, тврдеше дека била принудена да спие со Ендру три пати како малолетничка. Таа го повтори тврдењето во своите мемоари, објавени постхумно оваа недела. Ендру, која ѝ плати на Џуфре спогодба од повеќе милиони долари во граѓанската тужба во 2022 година, продолжува да ги негира обвинувањата.
Само неколку дена пред објавувањето на книгата, Ендру објави дека се откажува од своите титули, вклучително и онаа на војвода од Јорк, бидејќи обвиненијата против него го одвлекуваат вниманието од работата на Неговото Височество и кралското семејство.
Забава
(Видео) Нова песна од Тарабунов – „Љубов“: Вулкан од емоции, сведоштво за љубовта и зрелоста на еден автор

Во време кога искреноста ретко ја среќаваме во музиката Александар Тарабунов – Тара ни ја подава својата душа – сурова, чиста, автентична. Со новата песна „Љубов“, овој талентиран изведувач и автор ја отвора вратата кон своето најинтимно, најзрело и најкомплетно музичко дело досега.
Создадена во еден здив, во тишината на едно дождливо попладне, песната „Љубов“ не е само уште една баладa, таа е емотивна ерупција, вулкан од страст и жив доказ за уметничката зрелост на Тара.
Песната е напишана, компонирана и изведена од самиот автор што ја прави уште посилна, уште повистинита. Слична е приказната и кога станува збор за видеото зашто истото е работено по идеја на Тара, а реализирано со помош на Никола Марковски.
„Трепериш ко капка утринска… Ѕвезден прав ни спои патишта…
Во сите мои животи знам ќе те пронајдам…“ Секоја строфа носи по еден универзум на чувства, а секој стих е сведоштво за една љубов која не боли, туку спасува.
„Љубов“ го претставува Тара во едно сосема ново музичко светло, искрен, ранлив, но и моќен во својата тишина. Со оваа песна, тој не само што ја отвора својата душа, туку ја става љубовта на пиедесталот каде што и припаѓа како суштина, како судбина, како најголема тајна на животот.
„Сите кои ја слушнаа песната пред нејзиното официјално објавување беа искрено воодушевени. Секој ја доживеа на свој начин, но сите се согласија во едно дека ова е песна што останува. Верувам дека и судот на публиката ќе биде идентичен. „Љубов“ нека биде химна за вљубените, песна за опуштена вечер со чаша вино во рака и доза на романтика. Затоа што музиката освен што се слуша и се чувствува“, вели Тара.
„Љубов“ не е само песна. Таа е момент. Вистина. Воздишка. Спомен. Ветување…
Со полни гради ја вдишуваме, и не престануваме да ја слушаме. Тара е тука, поинаков, посилен, поискрен. Ова е неговото време. Ова е „Љубов“.