Економија
Еуромакс Ресоурцес: Непоколебливо и со уште поголем ентузијазам продолжуваме победнички напред
Познатиот австриски неуролог и основач на психоанализата, Сигмунд Фројд забележал дека „прв знак на глупоста е кога ќе се манифестира потполно отсуство на чувство за срам“. Секако оваа типично Фројдовска констатација нема никаква директна поврзаност со овој текст…
Најблаго речено, небулозни се бесрамните обвинувања од петмината самопрогласени лидери на еко-активизмот за нетранспарентна и манипулативна основа за благородната одлука на нашите инвеститори и Бордот на Директори за располагање со интервентен рамковен фонд од 1 Милион Евра за ефикасна реализација на локални проекти од општ интерес за СИТЕ ЖИТЕЛИ на Струмичкиот и под Огражденскиот регион.
Како проектна компанија, која јавно е лицитирана на Берзата за хартии од вредност во Торонто – Канада, финансиското работење на Еуромакс Ресоурцес е под стриктна контрола, целосно регулирано и усогласено со најстрогите меѓународни и домашни законски прописи.
За оние кои ете, се уште ништо не сакаат да разберат, нашиот клучен инвеститор, глобалниот деловен гигант – Групацијата ТРАФИГУРА, на светскиот пазар остварува годишни приходи од 160 до 180 МИЛИЈАРДИ долари (реално, петнаесетина пати поголеми од нашиот БДП!). Како мултинационален конгломерат имаат мрежа од свои компании во 48 земји на сите континенти од земјината топка… Во актуелниве времиња на огромни предизвици од глобалната здравствена, економска и социјална криза со епски пропорции, убедени сме дека нашата држава и нашата национална економија не смее да си дозволи таков „луксуз” неодговорно да ги избрка и со тоа да испушти „уанс ин а лајф тајм” шанса за брза ревитализација и долгорочен развој. Проаѓаме низ драстично променети околности и ништо веќе не може да биде третирано на ист начин како пред пандемската криза. Само агресивно инвестициско трошење и отворање на реален бизнис, производство и извоз може да ја придвижи националната економија напред. Извозот е еден од главните носители на развојот затоа што обезбедува ликвидност на стопанството, а само така ќе може да ги враќаме кризните задолжувања од интервентните мерки.
Парадоксално, но за жал вистинито, е дека токму таа насилна група самопрогласени лидери на регионалниот квази-активизам, без чувство на срам постојано нẻ обвинуваат за нетранспарентност, матни работи, коруптивни манипулации и слични измислици. Злоупотребувајќи ја благородната улога на легитимниот граѓански активизам, овие петмина „лидери” ги потпалуваат емоциите на своите заведени следбеници, повикувајќи ги на бунт и конечна пресметка со „сатаните и клетите профитери” .
Почитувани жители на Струмичкиот и под Огражденскиот регион, посебно вие нивните подржувачи, веруваме дека барем од време на време логично се прашувате – Кој ги финансира нив и за Чиј интерес ја одработуваат оваа улога на заканувачи и сејачи на омраза !?? Веќе четири години овие добро платени „актери” ви глумат загриженост, френетично повторувајќи ги истите празни пароли и паушални проценки, полни со агресивни закани и повици за линч. Во овие кризни пост-КОВИД времиња, јавно ги повикуваме конечно да се одважат и тие доброволно да одвојат барем симболичен дел од средствата со кои лично се спонзорирани и да реализираат еден реален проект од интерес за нивните сожители!
Се прашуваме дали некогаш човечки ќе се засрамат за истурената пизма кон сите нас од тимот на Еуромакс, но и кон нивните сожители кои ете се охрабриле да размислуваат и постапуваат различно од нив!? Дали ќе почуствуваат барем малку засраменост од изговорените и запишаните навреди и грди квалификации!? Зарем ова е цивилизираното ниво на комуникација кое би доликувало на прогресивниот граѓански активизам во легитимните заложби за транспарентност, отчетност и широка партиципативна демократија!? Што ни се случува и каде се изгубија основните вредности на доброто домашно воспитување, карактеристични за традиционалниот македонски дух на толерантност, емпатија и безусловна љубов кон другите луѓе, дури и тогаш кога мислат и постапуваат различно од нас!?
А што се однесува до нас, ние непоколебливо и со уште поголем ентузијазам продолжуваме победнички напред, со нашата прогресивна цел преку акција и дела да придонесеме за подостоинствен живот СЕГА и ВЕДНАШ! Посветено ја реализираме нашата развојна визија следејќи ги идеалите кои се како сјајни звезди на небото … никогаш не можеш да ги допреш, но доколку си мудар и искусен морнар кој плови по морето на животот, ќе умееш да ги користиш како безгрешен водич кој ќе те донесе сигурно до финалната дестинација…
Д-р Живко Груевски, Директор за Комуникации и Односи со Јавноста
Еуромакс Ресоурцес
(ПР текест)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

