Економија
На стопанството му се ставаат на располагање 10 милиони евра бескаматни кредити, промовирана кредитната линија „Ковид 4“

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, и извршниот директор на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов, денес ја промовираа новата бескаматна кредитна линија „Ковид 4“ за која компаниите ќе може да аплицираат од 15 јули.
„Ковид 4“ бескаматна кредитна линија, која денес ја промовираме, изнесува 615 милиони денари или околу 10 милиони евра, и со оваа линија ќе бидат поддржани микро, мали и средни трговски друштва од најпогодените сектори од Ковид-19, од таргетираните дејности во делот на кредитокорисниците, занаетчиите што плаќаат давачки на реален приход, трговските поединци и приватните здравствени установи. Износот на кредитот ќе биде дефиниран во зависност од бројот на вработените и падот на приходите, може да изнесува од 3.000 до 30.000 евра, роковите за отплата ќе се движат од 36 до 42 месеца со 12 месеци грејс-период. Со оваа кредитна линија е овозможена и грант-компонента до 50 % од висината на кредитот доколку корисниците ги исполнат потребните услови, а тоа е во 2021 да имат 5 % повеќе вработени во однос на 2020 година и вкупните приходи во 2021 да се зголемени 10 % во однос на 2020 година или може да добијат грантови од 20 или 30 % доколку е остварен еден од условите“, нагласи Битиќи.
Тој потсети дека Владата досега има донесено шест сета мерки, со вкупна проектирана вредност од речиси 1,1 милијарда евра како директна помош за справување со последиците од корона-кризата. Во рамките на тие мерки, како што рече, беа спроведени и трите бескаматни кредитни линии – „Ковид 1, 2 и 3“ од Развојната банка на Северна Македонија, со кои се обезбедија ликвидни средства во вкупен износ од над 44 милиони евра, при што беа поддржани над 4 илјади компании, кои вработуваат околу 37 илјади лица.
„Во последните три месеци бележиме раст на индексот на индустриско производство, и тоа во март 7,6 %, во април дури 46,1 % и во мај 16,5 % во однос на соодветните месеци во 2020 година. Меѓународата трговска размена бележи сериозен раст од 41,5 %, во првите 5 месеци од 2021 година во споредба со истиот период лани извозот расте со стапка од 44,3 %, а покриеноста на увозот со извоз во овој период е 73,7 %. Според податоците од Државниот завод за статистика, вкупниот број на вработени изнесува 793.121 лице, а стапката на невработеност е стабилна и изнесува 16 %. Просечната нето-плата во април 2021 година изнесува 28.438 денари, што претставува раст од 10,1 % во однос на април 2020 година и веќе сериозно се доближуваме до просечна плата од 500 евра“, истакна Битиќи.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека годинава ќе биде година на заздравување по што Република Северна Македонија ќе се стреми кон остварување на приоритетните цели за забрзан раст и спроведување на европската агенда.
„Приоритетите кон кои се насочени Владата и Министерството за финансии е постигнување повисоки стапки на економски раст од 4 до 5 % годишно, како и раст на платите од 20 до 30 % на среден рок, со цел подобрување на стандардот на граѓаните. Кон ова ќе целиме преку спроведување фискална политика на среден рок, која ќе биде насочена кон инвестиции, заздравување и одржлив раст и фискална консолидација. Од аспект на зголемување на инвестиците, во Министерството за финансии во финална фаза е планот за финансирање забрзан раст, кој има цел да мобилизира дополнителен капитал и ги мултиплицира средствата за инвестиции преку ангажирање приватен капитал. На тој начин побргу ќе се постигне планирата развојна агендам, ќе се задржат фискалната консолидација на јавниот долг и буџетскиот дефицит на среден рок и ќе се зголемат инвестициите во јавниот сектор и поддршката на инвестициите во приватниот сектор“, нагласи Бесими.
Директорот на Развојната банка, Кире Наумов, ги презентира јавниот повик и критериумите за компаниите во него, при што посочи дека аплицирањето за оваа четврта бескаматна кредитна линија почнува на 15 јули од 9 часот.
„Со објавата на повикот за ‘Ковид 4’ се стават на располагање уште 10 милиони евра за приватните субјекти, кои во 2020 година имале најмалку 30 % пад на приходите. За кредит од ‘Ковид 4” може да аплицираат субјекти што не користеле средства од првата мерка од петтиот економски сет, односно мерката за финансиска поддршка за плати за февруари и март на Управата за јавни приходи, субјекти што не користеле кредит од ‘Ковид 3’ од Развојната банка и субјекти што користеле кредит од ‘Ковид 1’ и/или ‘Ковид 2’, но немаат ненамирени достасани обврски на денот на аплицирање“, рече Наумов.
Тој додаде дека документите што се потребни да бидат поднесени при аплицирање се во голема мера идентични со претходните бескаматни кредитни линии, а задолжителните документи вклучуваат кредитно барање, ЗП-образец и изјави, кои може да се преземат од веб-страницата на банката, каде што е објавен и кавниот повик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Македонија доби речиси 2,5 милиона евра од планот за раст за постигнати резултати во намалување на неформалната економија, извести Министерството за економија

Европската комисија, во најновиот извештај за имплементацијата на Планот за раст, потврди дека Северна Македонија преку министерството за економија и труд целосно и успешно ја спроведе реформската мерка 4.1.1 – „Справување со неформалната економија во поддршка на Стратегијата за формализација на неформалната економија“, извести Министерството за економија и труд.
„Целта на мерката е унапредување на формалната економија преку интензивирање на инспекцискиот надзор и примена на пристап заснован на проценка на ризик, со фокус на секторите најподложни на неформални активности, градежништво, туризам и земјоделство.
Според оценката на Европската комисија, земјата далеку ги надминала поставените цели за зголемување на бројот на инспекции и резултатите од надзорот во рамките на оваа реформа со вкупна вредност од приближно 2,5 милиони евра, насочени кон јакнење на институциите, дигитализација на инспекциските служби и зајакнување на формалната економија.
Државниот инспекторат за труд (ДИТ) спроведе 16.464 инспекции во периодот јули 2024 – јуни 2025, што претставува 242% зголемување во однос на целта за 20% зголемување во однос на просекот од 2020–2023 година.
Притоа се откриени 543 нерегистрирани работници, што е зголемување од над 200% во однос на претходните години.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) реализира 669 инспекции, што е 40% повеќе од целната вредност, при што издадени се 222 управни решенија, а 18 нерегистрирани економски оператори се затворени поради непочитување на законите.
Овие постигнувања се резултат на спроведување на пристап заснован на проценка на ризик при планирањето на инспекциските активности, со приоритетно насочување кон секторите најпогодени од неформална економија – градежништво, туризам и земјоделство. Двете институции применуваат методологии за управување со ризик и активно користат дигитални алатки за подобрување на ефективноста и транспарентноста во своето работење
Европската комисија во својата оценка нагласува дека Северна Македонија ја реализирала реформата „целосно и успешно“, без утврдено двојно финансирање и со целосна усогласеност со европските стандарди.
Ова признание од Европската комисија е потврда за сериозната работа на институциите и за конкретните резултати кои носат корист и за граѓаните и за бизнисот. Справувањето со сивата економија е еден од клучните приоритети на Владата и Министерството за економија и труд– заедно со европските партнери ќе продолжиме да градиме одржлива, конкурентна и формална економија“, соопшти Министерството за економија и труд.
Свет
(Видео) Трамп до австралискиот амбасадор: Не те сакам и веројатно никогаш нема да те сакам

Претседателот на САД, Доналд Трамп, му рече на австралискиот амбасадор во САД и поранешен премиер, Кевин Рад, дека не го сака и веројатно никогаш нема да го сака.
Трамп вчера се сретна со сегашниот австралиски премиер, Ентони Албанезе. Политичкиот уредник на австралискиот „Скај њуз“, Ендру Кленел, го праша Трамп зошто требало толку долго време за да се организира состанокот. Тој беше заинтересиран дали има некаква врска со ставот на Австралија за климатските промени, Палестина или изјавите на Рад.
🤪 Trump to Australia’s ambassador: “I don’t like you either.”
An awkward exchange took place between the U.S. president and the Australian ambassador🇦🇺
After signing an agreement on rare earth minerals, a journalist reminded Trump that Ambassador Kevin Rudd had once called him… pic.twitter.com/UEooOxvqYs
— NEXTA (@nexta_tv) October 20, 2025
„Не знам ништо за него. Ако рекол нешто лошо, тогаш можеби би сакал да се извини. Дали амбасадорот рекол нешто лошо? Не кажувајте ми. Не сакам да знам. Каде е тој? Дали сè уште работи за вас“, Трамп го праша Албанезе.
Албанезе одговори дека Рад е сè уште амбасадор и покажа кон него. Рад призна дека кажал лоши работи за Трамп пред да стане амбасадор. „Ги повлекувам тие изјави“, рече тој.
„Ни мене не ми се допаѓаш. И веројатно никогаш нема да ми се допаднеш“, рече Трамп.
Во ноември минатата година, откако Рад беше потврден како избор на Албанезе за амбасадор на САД, се појави интервју од 2021 година во кое тој го опиша Трамп како селски идиот. Подоцна се дозна дека Рад избришал некои стари објави на социјалните мрежи во кои го нарекол Трамп предавник на Западот и лудак.
Економија
Цените на нафтата паѓаат

Цените на нафтата паднаа под 61 долар на меѓународните пазари денес, поради мрачни проценки за вишок понуда и знаци за затоплување на односите меѓу САД и Русија што би можело да значи полесен пристап до руска нафта.
На лондонскиот пазар, цената на барел по пладне беше за 72 центи пониска отколку на затворањето на трговијата на крајот од минатата недела, на 60,57 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше по цена за 66 центи пониска, на 56,88 долари.
Расположението на пазарите е намалено од проценките за вишок понуда на крајот на оваа година и почетокот на следната година.
Понудата брзо расте, додека побарувачката е пригушена, објави Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) минатата недела.
Во такви услови, светските залихи достигнаа највисоко ниво за четири години во август, од 7,9 милиони барели, пресмета агенцијата, а вишокот на понуда треба нагло да се зголеми најдоцна од следната година.
Инвеститорите се загрижени и за затворањето на американската влада поради спор околу буџетските трошоци.
Демократите го условуваат прифаќањето на предлогот за буџет за 2026 година со продолжено финансирање на програмата за здравствено осигурување за најранливите групи граѓани, додека републиканците ја отфрлаат оваа отстапка.
Дури 750.000 владини службеници би можеле да бидат испратени на неплатен одмор, што исто така ќе значи пониски трошоци, предупреди независниот институт CBO.