Македонија
Димитров – Довжан: Европската перспектива на земјата и регионот е геостратешка потреба на Унијата
На барање на словенечката страна, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска имаше видеосредба со државниот секретар во МНР на Словенија, Гашпeр Довжан, на која разговараа за приоритетите на словенечкото претседавање со Советот на ЕУ во следните 6 месеци и вклучувањето на европското досие на Северна Македонија во тој контекст, соопштија од кабинетот на Димитров.
„Европската перспектива на Северна Македонија и регионот не е само во интерес на овој дел од Европа, туку и геостратешка потреба на Унијата во овој клучен период и јасно препознаена и во Брисел и во главните градови на земјите членки. Тоа кореспондира и со приоритетите на нашите словенечки пријатели за кредибилна и стабилна ЕУ како израз на процесот на европско обединување. Станува невозможно да се одржи европското влијание без одржување на зборот од европска страна – почеток на пристапните преговори за оние што испорачаа, како што е македонскиот случај”, нагласил Димитров.
Државниот секретар Довжан потенцирал дека регионот е вклучен во трите столба на словенечкото претседателство и процесот на проширување ќе биде истакнат како хоризонтално прашање за иднината на Европа, а особено внимание ќе биде посветено за продолжување на напорите на германското и португалското претседателство за надминување на пречките за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и продолжување на дијалогот со Бугарија во согласност со европските принципи и вредности.
Словенечкото претседателство упатило покана до Димитров за присуство на неформалниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, кој ќе се одржи на 22 и 23 јули во Брдо крај Крањ.
На средбата беше потенцирана и одличната билатерална соработка изразена преку техничката помош, што Северна Македонија ја добива од Словенија во усогласувањето со европските стандарди и политики, како и подготовката на националната верзија на правото на ЕУ, се додава во соопштението од кабинетот на Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).
Македонија
Ученици и наставници од Скопје и Таранто во посета на Собранието
Ученици и наставници од СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје и „Principessa Maria Pia“ од Таранто, Италија, денеска го посетија Собранието на Република Северна Македонија, каде што остварија средба со пратенички од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички.
Средбата се реализираше во рамките на соработката меѓу двете училишта преку Еразмус+ програмата, како дел од заедничкиот проект „Родовата рамноправност и улогата на жената во општеството во различни култури“.
Со работата и надлежностите на Комисијата, младите гости ги запозна претседателката Жаклина Пешевска, која им посака добредојде и истакна дека едукацијата за еднаквите можности и рамноправноста меѓу мажите и жените започнува уште од најраната возраст.
Во дискусијата учествуваа пратеничките Велика Стојкова-Серафимовска и Моника Зајкова.
Пратеничката Стојкова-Серафимовска зборуваше за значењето на соработката меѓу жени со различна културна и етничка позадина во мултиетнички општества, какво што е и нашето. Таа нагласи дека меѓусебното разбирање и поддршка се клучни за создавање инклузивна и праведна заедница.
Пратеничката Зајкова се осврна на застапеноста на жените во политиката, предизвиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот, како и на прашањата поврзани со фемицидот и потребата од континуирана институционална поддршка за родовата еднаквост.
Учениците поставуваа прашања и отворија плодна дискусија за улогата на жените во современите демократии. Пратеничките споделија лични искуства и примери од својата работа, охрабрувајќи ги младите да бидат активни граѓани и поддржувачи на еднаквите можности.
Посетата заврши со организирана обиколка на зградата на Собранието, при што гостите се запознаа со историјата и функционирањето на највисокиот претставнички дом.
„Оваа средба претставува уште еден пример за важноста на образовната соработка и младинската размена во промовирањето на демократските вредности, меѓу културниот дијалог и родовата еднаквост“, велат од Собранието.

