Македонија
Од понеделник почнува имунизацијата на деца од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер“, најави Филипче

Од понеделник ќе се дозволи имунизирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер“, која во овој момент е единствена вакцина дозволена да се користи во согласност со препораките од внатрешното упатство за оваа категорија деца и за оваа возраст, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој потсети дека почнувајќи од понеделник (12 јули) вакцинацијата во државата ќе се одвива без закажување термини.
„Почнува и теренската вакцинација, која ќе се врши преку здравствените домови, а во изјавата Филипче најави дека ќе се одобри вакцинација и за децата. Според препораките, децата од 12 до 16 години ќе се имунизираат исклучиво со вакцината на „Фајзер“, чие упатство од производителот го дозволува тоа.
Вакцинирањето што поголем број граѓани ќе овозможи заштита од ширење на епидемијата.
Спуштањето на возрасната рамка за лицата што се вакцинираат, како што појасни Филипче, ќе ја намали веројатноста за ширење на вирусот од страна на младите. Со вакцинација се овозможува заштита од преносливост на новите соеви и заштита од тешка форма на болеста или смртен исход, велат од Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Билатерална средба на директорите на царинските управи на Македонија и Црна Гора

Меѓусебна размена на искуства на патот кон интеграција во Европската Унија, зајакнување на царинската соработка помеѓу Македонија и Црна Гора, како и подобра комуникација и размена на податоци во реално време со цел побрза реакција на службите, зголемена безбедност во регионот и олеснување на меѓународната трговија.
Ова беа главни теми на билатералната средба одржана во Подгорица помеѓу директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски, и директорката на Царинската управа на Црна Гора, Маја Вучиниќ, на која учествуваа и експертски тимови од највисокото раководство на двете институции.
„Оваа средба произлезе од потребата да размениме искуства во процесот на дигитализација и усогласување на царинската легислатива со законодавството на ЕУ, и претставува можност да воспоставиме системска соработка во иднина – во интерес на зајакнување на безбедноста во регионот и подобрување на конкурентноста на економиите на двете земји,“ истакна директорот Николовски.
Особен акцент беше ставен на дигитализацијата на царинските постапки во Црна Гора, како и на можностите за примена на добрите практики од кои Македонија ќе извлече искуства во процесот на усогласување со европските стандарди.
Во рамки на посетата беа одржани и повеќе технички состаноци на експертско ниво, на кои беа договорени идни конкретни чекори:
∙ продлабочување на соработката врз основа на потпишаниот Протокол за електронска размена на податоци преку системот SEED+, кој овозможува размена на информации за стока пред нејзино пристигнување на граница, со што се зголемува ефикасноста на контролите, спречувањето на измами и забрзувањето на легалната трговија;
∙ воспоставување директни контакт точки меѓу секторите за контрола и истраги на двете управи за размена на информации во реално време;
∙ разгледување и споредба на постапките за спроведување на царинските процедури, со цел нивно унапредување и олеснување на трговијата.
Директорката Вучиниќ ги нагласи заедничките цели на двете управи и потребата од меѓусебна поддршка во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната и регионалната соработка, како и силната посветеност на реализација на стратешките приоритети за економски развој и интеграција на регионот.
Македонија
„Вреди“: Бујар Османи излажа пред граѓаните за своите средби со Никола Груевски

Бујар Османи се сретнал со Груевски во Будимпешта, доказите наскоро ќе излезат во јавноста.
Бујар Османи не само што бил во Будимпешта заедно со своето семејство, туку таму приватно се сретнал со бегалецот од македонското правосудство, велат од „Вреди“.
„Обидот на Османи да се сокрие зад изговори за „класифицирани информации“ и подоцна да ја негира средбата на Фејсбук е доказ за неговата дволичност. Вистината е јаснa, средбата се случила, а доказите наскоро ќе бидат објавени пред целата јавност.
Факт е дека МВР се сомневала дека ДУИ била активно вмешана во бегството на Груевски. Автомобилот на Али Ахмети беше задржан цел ден во полициска станица, бидејќи постоеле сомневања дека токму со него поранешниот премиер бил изнесен од државата“.
Граѓаните, додаваат од „Вреди“, треба да знаат дека зад сите лаги и манипулации стои една вистина: Бујар Османи и ДУИ се најважните соработници на Никола Груевски и неговата мрежа.
ДУИ, нагласуваат од оваа партија, беше верен соработник на Никола Груевски и Сашо Мијалков. „Останаа верни до денес“.
Македонија
Нови линии на улично осветление на повеќе локации во општина Илинден – рекордни 7.000 метри во текот на 2025 година

Во рамки на проектот „Илинден – Светла Општина“, општина Илинден интензивно продолжува со поставување на нови линии за улично осветлување во сите населени места низ општината.
Во месец август беа поставени нови линии за улично осветлување во вкупна должина од 1.700 метри, од кои: комлетно осветлен патниот правец Илинден – Пуста Кула во должина од 1.200 метри, крак на ул. „9“ во н.м. Кадино во должина од 70 метри, крак на ул. „1“ во н.м. Ајватовци во должина од 150 метри, крак на ул. „1“ и осветлување пред училиштето во н.м. Бунарџик во должина од 230 метри, како и крак на ул. „2“ во н.м. Мралино во должина од 50 метри, известува Општината.
„Во тек е поставување на дополнителни 2.500 метри нови линии за улично осветлување, и тоа: ул. „119“, ул. „120“ и дел од ул. „106“ во н.м. Јака во должина од околу 1.000 метри. Потоа, патот кон манастирот „Св. Ѓорѓија“ во н.м. Делјадровци во должина од околу 1.100 метри
Покрај тоа, во наредниот период ќе започне и реализацијата на нов проект за улично осветлување на патниот правец Бујковци – Мршевци, каде ќе бидат поставени нови канделабри со ЛЕД осветлување во должина од околу 400 метри. А, во наредниот период ќе се продолжи и со поставување на улично осветлување низ сите населени места во општината.
Со овие активности, како и со претходно реализираните 2.120 метри нови линии, вкупната должина на поставено улично осветлување во текот на една календарска година ќе достигне рекордни 7.000 метри, што претставува јасен доказ дека Општина Илинден останува посветена на подобрување на јавната инфраструктура, со цел создавање на побезбедна и поквалитетна средина за живеење на сите граѓани“, соопшти општина Илинден.