Македонија
РСБСП: промоција на прирачник за возачи почетници
Сообраќајните незгоди не претставуваат нечија животна судбина, туку се последица на неодговорно учество во сообраќајот и непочитување на сообраќајните правила и прописи од страна на поединци.
Личната одговорност на секој поединец, кој на каков било начин учествува во сообраќајот, се издвојува како примарна одговорност за севкупната безбедност на сообраќајот на патиштата. Имајќи ги предвид последиците од неодговорното управување со возилото, може да се каже дека одговорноста на возачите се издвојува како највисока.
Особено ризична и ранлива група на учесници во сообраќајот претставуваат возачите почетници. Во согласност со наведеното, а со цел унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во својата работа посебен акцент става на возачите почетници.
Целта на РСБСП е да му се укаже на секој возач почетник дека неговата одговорност за безбедноста во сообраќајот е голема и дека секој возач почетник треба да биде свесен дека возачката дозвола – правото за управување моторно возило – претставува доверена одговорност од семејството и општеството.

„Добар возач не се станува со самото полагање на возачкиот испит и со добивањето на возачката дозвола. Возачката дозвола е доказ дека возачот поседува минимум потребни знаења и вештини за да учествува во сообраќајот, а за да се стане добар и безбеден возач, потребни се знаење, едукација и години пракса и искуство и токму затоа законот предвидува одредени ограничувања за оваа категорија учесници во сообраќајот. Со цел да се овозможи постепено надградување на знаењата и вештините кај возачите почетници и нивно постепено и безбедно интегрирање во сложениот и динамичен сообраќаен систем, РСБСП изработи стручна литература – Прирачник за возачи почетници“, истакна Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП, на денешниот настан по повод промоцијата на прирачникот.
Прирачникот претставува добро систематизиран, сликовит потсетник за законските и моралните обврски на секој возач почетник и е изработен во таква форма и содржина што на еден јасен и разбирлив начин ги прикажува најважните правила и прописи што треба да ги знаат и почитуваат возачите почетници од Б-категорија.
Прирачникот е достапен во печатена форма, на македонски и на албански јазик, и во наредниот период ќе биде дистрибуиран до голем број автошколи, средните училишта, високообразовните институции итн.
Покрај тоа, прирачникот е достапен и во електронска форма на веб-страницата на РСБСП така што сите заинтересирани лица имаат слободен пристап за негова употреба.
РСБСП со апел до возачите почетници: Сообраќајот не е игра. Во сообраќајот нема место за возачи без возачка дозвола, но нема место ни за возачи, кои поради незнаење или неодговорност ги прекршуваат сообраќајните правила и прописи и на тој начин ја загрозуваат неговата безбедност. Безбедноста во сообраќајот бара сериозност, одговорност и максимално почитување на сообраќајните правила и прописи. Младоста и тоа што сте возач почетник не е и не може да биде никакво оправдување за неодговорно однесување во сообраќајот. Прочитајте го прирачникот, едуцирајте се дополнително за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот. Повторувањето е мајка на знаењето!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Сопственикот на илегалната дрога, рамо до рамо со Венко Филипче, јасно е кој седи позади дрогата
Со денови ги слушаме СДС и Филипче, во прашална форма како лажно ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за некаков шверц на дрога, па го мешаат Томовски, и кој се уште не, но, еве ја вистината на дело.
Откриваме фрапантен податок и фотографија, која покажува директна инволвираност на Венко Филипче со шверцот на илегалната дрога. Венко и газдата на фабриката со илегалната марихуана – еден до друг, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче на телевизиско интервју, кажа дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на Фирмата „ЦБД Медплант“ и поранешен функционер на СДС, Тони Котев, а како што гледаме на сликата тие двајца добро се познавале и соработувале.
Венко Филипче и Тони Котев, рамо до рамо еден до друг.
Венко Филипче и СДС, наместо секојдневно да прашуваат и да шират невистини и манипулации, треба да одговорат на вистинското прашање, зошто се толку потресени и толку силно водат кампања за овие заплене на околу 30 тони дрога? Дали во СДС се исплашени затоа што Филипче и Заев се вмешани во трговијата со дрога? Затоа ли Филипче добро знае колку камиони требаат за одредена количина на дрога? Затоа ли во 2023 година го променија правилникот за одгледување на канабис? Колку милиони требале да заработат и на овој криминал“.
Според него, каде има чад, има и оган.
„Каде има криминал и корупција, таму се и Филипче и Заев. Ако порано се велеше дека сите патишта водат кон Рим, денес сите патишта за криминал и корупција, водат кон Филипче и Заев“.
Го повика ЈО, да ја истражи поврзаноста на Филипче и Заев, во случајот со 30-те тони запленети дрога.
Македонија
(Видео) Македонија на чекор до историски трговски договор со САД, рече Стојаноски
Македонија е на чекор до потпишување историски трговски договор со Соединетите Американски Држави, објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на денешната прес-конференција, нагласувајќи дека се работи за „историски успех за македонската Влада и дипломатија“.
Како што информира Стојаноски, доцна синоќа Белата куќа објавила Заедничка изјава за реципрочна трговија помеѓу САД и Македонија, со која се најавува рамка за договор со царински тарифи до 15%, а за одредени производи и 0%.
„Се идентификуваат производи коишто ќе добијат до 0% реципрочна тарифа, што значи дека за дел од клучните индустрии и производи царинските тарифи ќе се намалат до нула“, рече Стојаноски.
Според него, ова претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и економската соработка меѓу двете држави. Договорот, како што рече, на македонските компании ќе им обезбеди конкурентска предност, регулаторна сигурност, предвидливост и посилна позиција на американскиот пазар.
„Во овие непредвидливи глобални времиња се зачувани илјадници работни места, а се испраќа и сигнал за политичка и економска стабилност на нашите односи со официјален Вашингтон“, додаде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, Стојаноски истакна дека документот е доказ за неоснованоста на критиките од СДСМ дека Владата нема надворешен план или визија. Целта на Владата, рече тој, е повеќе извоз, инвестиции и добро платени работни места дома.

