Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ предлага 15 мерки за спречување ширење на делта-сојот
Комисјата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ подготви предлог-мерки, кои смета дека треба да се преземат од надлежните што побргу за да се спречи ширење и нов пандемиски бран од делта-сојот на коронавирусот, посочи денеска Игор Николов, претседател на партиската комисија.
„Комисијата за заразни болести најави дека сега ќе ја разгледува состојбата, очигледно затоа што кажа Филипче, а само пред некој ден рекоа ‘се е под контрола и дека мерки не требаат’. Евиденто е дека Комисјата работи под диктат на Филипче и Владата, а не професионално“, смета Николов.
Тој посочи дека иако министерот Филипче најавил дека неделава ќе се разгледува воведување мерки на границите при влез во земјата, сепак изостанува каква било реорганизација на институциите надлежни за справување со вирусот.
Затоа, Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ предлага 15 мерки, кои Николов ги наброи во продолжение:
1. Професионализација на Комисијата за заразни болести;
2. Забрзување на вакцинацијата против Ковид-19;
3. Зголемување на контролата на границите;
4. Достапност на тестирање на Ковид-19;
5. Јасен и прецизен бел план за здравствениот систем при нов бран на Ковид-19;
6. Зголемување на достапноста за рендген и лабораториските анализи за пациенти со Ковид-19;
7. Актуализирање и обновување на протоколите за третман на Ковид-19;
8. Мапирање на здравствениот персонал;
9. План за пациентите со други дијагнози;
10. Мапирање на здравствените капацитети;
11. Одредување болници посветени на Ковид-19;
12. Мапирање на постојната функционална апаратура;
13. Достапност на соодветен третман за пациенти со Ковид19;
14. Достапност на лична заштитна опрема ;
15. Постковид-центри за пациенти што прележале Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

