Македонија
Зајакнати контроли за да се спречат опожарувања на депонијата „Доброшинци“ кај Струмица

Државниот инспекторат за животна средина спроведе вонреден инспекциски надзор на депонија лоцирана во близина на селото Добрашинци, што се користи за отстранување на отпадот од Струмица. Депонијата во моментот на надзорот не беше опожарена, но граѓаните од околината се жалат дека таа често гори.
„Областа зафатена со депонирање има површина од 12 хектари и таа е оградена. Има можност за неовластен пристап, што повремено се злоупотребува за потпалување на депонијата. Поради високите температури, се јавува и самозапалување. На теренот има механизација што врши прекривање со земја, а се доведува и вода за гаснење од системот на „Водостопанство“ АД, што минува покрај депонијата“, велат од ДИЖЗС.
Од таму додаваат дека јавното претпријатие е задолжено да ги зајакне контролите, редовно да проверува евентуални оштетувања на оградата и да врши почесто прекривање на отпадот со земја, а со тоа да обезбеди и уште еден багер со кој прекривањето со земја ќе се врши на поголема површина – со цел спречување нови опожарувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи, претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Македонија
(Видео) Едниот качен на хауба, друг вози без дозвола – поднесени пријави за скопјаните кои дивееа низ улиците

Министерството за внатрешни работи поднесе пријави против двајца млади скопјани, откако на социјалните мрежи се појави видео од опасна и непромислена „возачка забава“ по скопските булевари.
Во видеото се гледа како едно лице стои на хаубата од автомобил во движење, а возачот, покрај тоа што управува без дозвола, вози и без регистарски таблици. Станува збор за 20-годишниот С.З. и 19-годишниот Р.Ѓ., двајцата од Скопје. Против нив се покренати поднесоци по неколку основи, вклучително и управување без возачка дозвола, загрозување на сопствената и туѓата безбедност, како и дозволување управување на лице без дозвола.
Од МВР информираат дека лицата биле веднаш повикани на службен разговор, а полицијата презема и дополнителни активности за целосно расчистување на случајот.