Култура
На 15 јули почнува јубилејното 20. издание на „Синедејс“

На 15 јули почнува јубилејното 20. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“. Фестивалот ќе се одржи на отворено на повеќе локации во Скопје, а ќе трае до 21 јули. Ќе бидат прикажани повеќе од 40 филма.
„Како увертира на годинешното јубилејно издание во тек е Европското патувачко кино, кое се одвива под отворено небо. Досега ги посетивме Крива Паланка и Струмица, а викендов ни следува Струга, со која ќе го заокружиме загревањето за официјалниот почеток на 20. ‘Синедејс’. Јубилејот го одбележуваме со одлична програма, од која дел донесена директно од Канскиот фестивал, нови наслови и имиња, како и богата музичка програма со која ги враќаме концертите во живот. Годинешнава програма, на наша радост, вклучува и гости од регионот и малку пошироко, некои од нив и физички присутни, други онлајн со свои предавања, мастер-класи и средби со публиката. Особено се гордееме што годинава имаме мастер-клас на највлијателниот европски режисер изминативе 30 години, револуционер на современото кино, господинот Бела Тар. Едноставно, правиме сѐ за да ја надминеме дистанцата и да го живееме и уживаме филмот во оваа топла, летна, скопска недела на ‘Синедејс’“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на фестивалот.
Со слоганот „Филм фактор 20“ филмскиот пулс на „Синедејс“ ќе се прошири во целиот град и програмата се сели покрај вода или во дебела ладовина на POP-UP кинолокациите покрај Вардар, езерцето во Градскиот парк, на врвот на Водно или на Кале, покрај познатите локации како МКЦ, Градскиот парк, паркот „Ибни Пајко“ и за најмладите – два детски филма во киното „Милениум“.
Селектор на програмата на 20. „Синедејс“ е долгогодишниот соработник на фестивалот, Бернд Будер, па и годинава ќе има филмови структурирани во повеќе селекции.
Како дополнителна програма на фестивалот е Living music project со кој на пет филма ќе се изведува музиката во живо, создадена од разни тимови од композитори и режисер, потоа предавање на тема „Музиката во македонскиот филм“ на проф. д-р Александар Трајковски.
Годинава фестивалот првпат соработува со УНИЦЕФ и во негови рамки ќе се одржат работилници и филмски програми, кои ќе ја потенцираат важноста на филмската уметност во процесот на зачувување на животната средина.
На фестивалот публиката ќе има можност да ги види најновите остварувања на Јасмила Жбањич, Андреј Кончаловски, Висар Морина, Џиа Копола, Кирил Сребреников, Вуди Ален, Педро Алмодовар…
Програмата на cinEmusic ни го носи електронскиот состав Bella Technika, бенд составен од два члена на веќе непостојниот Дарквуд Даб, потоа новата сензација на домашната сцена, Дина Јашари, загрепскиот феномен Свемирко и за затворање – швајцарските инструментални магови од L’éclair, првпат во Скопје.
Билетите ќе бидат по цена од 100 денари за сите филмови, освен за филмовите од POP-UP КИНО, кои се бесплатни. Билетите може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk, како и на самиот влез на овие локации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Голдберг варијациите“ на Бах во изведба на Дино Имери – утре во Виена

Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од највпечатливите уметници на својата генерација, утре (13 јуни) ќе настапи во Виена – глобалниот и историски центар на класичната музика. На програмата е капиталното дело на Јохан Себастијан Бах – „Голдберг варијации“, кое ретко се изведува на концертните сцени низ Европа, токму поради неговата исклучителна сложеност и длабочина.
Концертот ќе се одржи во престижниот „Бехштајн Центрум“ во Виена, во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.
Ова дело, коешто Имери премиерно го изведе во Скопје во рамки на „Недела на Бах“, привлече големо внимание од публиката и критиката. Програмата бара техничка виртуозност и уметничка зрелост, а само мал број пијанисти во светот се осмелуваат да го стават во својот концертен репертоар.
„Настап во Виена е сон на секој уметник. Особено ми е чест да ги изведам ‘Голдберг варијациите’ – едно од најмонументалните дела на класичната литература, на сцена пред публика која секојдневно слуша врвни уметници и програми. Работев на ова дело повеќе од пет години. Искрено им се заблагодарувам на Н.Е. г-дин Освит Росоклија и на поддржувачите на концертот – без нив оваа реализација немаше да биде можна“, изјави „волшебникот на пијаното“ Дино Имери пред настапот.
Концертот е со слободен влез и отворен за сите љубители на класичната музика.
Култура
Фестивалот Credence Dance почнува на 16 јуни

Третото издание на фестивалот Credence Dance започнува на 16 јуни, а ќе трае до 21 јуни со програма конципирана тематски, Вечери на класичен балет и Вечери на современ танц.
Фестивалот оваа година има и дополнителна програма која ќе се состои од работилници и трибини. На програмата се фрагменти од бисерите на класичното наследство „Лебедово езеро“, „Рајмонда,“„Копелија“, „Дон Кихот“, „Силфида“ и други.
Освен тоа во делот на модерниот и современиот танц премиерно ќе бидат изведени дела на Игор Киров, Бојан Мицов, Џонс Хинг, Франциско Руиз и Јована Петровска кој кореографите наменски ги подготвија за фестивалот.
Овогодинешниот Credence Dance фестивал ќе понуди ексклузивни гости од Кина, САД, Италија, Франција, Германија, Велија Британија итн. Ова е исклучителна и ретка можност да се видат овие уметници на домашна сцена.
Во рамки на фестивалот традиционално ќе биде врачена Наградата за трајни вредности во танцовата уметност. Настанот се одржува во Националата опера и балет.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, Скопје. Влезот е слободен.
Култура
Во Москва излезе „Пиреj“ од Петре М. Андреевски

Романот „Пиреj“ излезе од печат во Москва на инициjатива на Олга Панкина, познат популаризатор на македонските културни вредности во Русија. Таа го преведе уште во 2008 година, го обjави издавачката куќа „Феникс“, Скопjе. Како што обjаснува Панкина, романот на руски веднаш предизвика интерес каj публиката, но сепак книгата не можеше да допре до широк круг рускоjазични читатели. Сметаjќи го романот на основоположникот на современата македонска проза Петре М. Андреевски за ремек дело, таа си постави за задача да го преобjави во Москва.
Оваа година идеjата jа поддржа Центарот за книга „Рудомино“ со коj Олга Панкина плодно соработува веќе петнаесет години (Центарот за книга има обjавено творби на над 20 македонски автори).
Ова издание на „Пиреj“ е многу квалитетно (368 страни, тврд повез) и изгледа современо. На корицата има фрагмент од сликата „Стара куќа“ на Олга Панкина. Блескав предговор за книгата напиша Венко Андоновски, коj даде за руска читателска публика основни информации за историјата која е заднина на личната драма на едно македонско семејство од почетокот на ХХ век, семејството на Јон и Велика, jа подвлече актуелноста на романот и го нарече како најголем македонски бестселер на сите времиња.
Тукушто обjавениот роман веќе заживее своj книжевен живот – почна да стекнува читатели. Минатата недела, од 3 до 7 jуни, беше презентиран на Саемот на книга на Црвениот плоштад во Москва на штандот на издавачот Центар за книга „Рудомино“.