Македонија
Адвокатите реагираат: Судот врши тортура врз Камчев, не го пушта во домашен притвор
Одбраната на бизнисменот Јордан Камчев, кој е во притвор за обвинението „Плацеви на Водно“, објави реакција во која наведува дека судот врз него врши репресија и тортура, а дека тој е со влошена здравствена состојба. Како што велат во реакцијата, судот не прифаќа да го замени неговиот затворски притвор со домашен и покрај тоа што Вишото јавно обвинителство пред два дена ја прифатило гаранцијата што бизнисменот ја понудил.
Оттаму додаваат дека по четири месеци ефективен притвор Камчев бил со видливо влошена здравствена состојба која продолжувала да се влошува поради несоодветни медицински и санитарни услови во КПУ Затвор Скопје.
„ По неговото последно влошување на состојбата додека ја издржува мерката притвор и неговата хоспитализација на Клиниката за кардиологија, со оглед на ситуацијата, постои голема загриженост за сериозен ризик по неговото здравје, се вели во реакцијата.
Исто така се додава дека јавното обвинителство е овласатен предлагач на мерките за безбедност и дека според досегашната судска пракса на кривични постапки, судот секогаш ги засновал своите одлуки за определување на мерки според предлозите од јавното обвинителство.
„ Оттука целосно небулозно е ваквото постапување на судот кое не соодејствува со законски определената улога на судот во кривичната постапка па поради тоа се отвора и прашањето за незавиност и непристрасност на судот во случајот со г-динот Камчев“ посочуваат адвокатите на Камчев.
Камчев е во притвор од 14 март и треба на 16 јули да седне на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1 за обвинението познато во јавноста како „Плацеви на Водно“. За тој случај обвинети се и поранешниот премиер Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.
Камчев во март беше приведен откако беше издадена сомнителна белешка од безбедносните органи, што е спротивно на законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фондот за здравство и ПМФ склучија договор за молекуларно-дијагностички анализи
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) склучи договор со Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за вршење молекуларно-дијагностички анализи.
Договорот го потпишаа генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, и деканот на Природно-математичкиот факултет, Даворин Трпески.
Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ е една од најмодерните лаборатории во земјата. Таа располага со напредна опрема за молекуларно-дијагностички анализи, вклучително и секвенционирање од новата генерација (NGS).
Првата цел во овој момент е проширување на мрежата и зголемување на капацитетот за онколошки анализи, односно за прецизно и брзо утврдување на генски мутации кои се клучни за избор на целна онколошка терапија. Најсовремената опрема и стручниот кадар со долгогодишно искуство ќе придонесат за поефикасно одговарање на зголемената потреба од онколошки анализи во здравствениот систем и ќе претставуваат значајна поддршка на постоечките капацитети.
Втората цел, како образовна и научна установа од областа на молекуларната биологија и генетиката, ПМФ со овој договор ќе им овозможи на студентите и вработените поголеми можности за практична примена на стекнатите знаења.
Со овој договор се проширува националната мрежа за молекуларно-дијагностички услуги, што претставува значаен чекор напред за здравствениот систем во земјата.
Во моментов, Фондот има договори за NGS-анализи со следните установи:
· Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) – претежно за ретки и наследни болести,
· Медицински факултет – Институт за патологија – претежно за онкологија,
· Медицински факултет – Институт за имунологија – претежно за имунодефициенции и трансплантации,
· Медицински факултет – Институт за судска медицина – претежно за форензика,
· Фармацевтски факултет – претежно за хематологија и онкологија,
· Институт за јавно здравје – претежно за вирусологија.
NGS-анализи извршуваат и приватни лаборатории, како и Ветеринарниот факултет.
Бројот на услуги во 2025 година (проекција) е зголемен за околу 22 % во однос на 2023 година, додека буџетот е зголемен за над 40 %, што овозможува поцелосни и посложени генетски истражувања.
Се унапредува дијагностиката за рак, со цел поголема успешност во лекувањето.
Овој договор претставува почеток на поширока соработка. Со ПМФ се разговара за воведување нови услуги, вклучително и генетска дијагностика пред имплантација (PGD) кај бременост со биомедицински потпомогнато оплодување (БПО). Станува збор за анализа на неколку клетки од ембрионот уште пред негово внесување во матката, со цел избор на ембриони без патолошки мутации. Со тоа значително се намалува ризикот од појава на одредени вродени заболувања и се зголемува шансата за успешна бременост.
Фото: Pixabay
Македонија
Снег и заладување низ земјава, од следната седмица утрински температури под -10
Утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер (над 60км/ч.). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат само од снег.
Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20, а во останатите места од 5 до 10 сантиметри. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица наместа утринските температури ќе се спуштат и под -10 степени, а дневните ќе се задржат под нулата.
Во Скопје, утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
(Видео) Филипче: Техничката влада е единствената гаранција за чесни избори
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со медиумите уште еднаш порача дека средба со криминалци нема да има и дека техничката влада мора да остане, затоа што, таа е последната линија на одбрана од целосно заробување и злоупотреба на најважното, а тоа е слободната волја на граѓаните за време на изборниот процес.
Филипче нагласи дека на Мицкоски „му се брза“ и дека „се бара алиби за распишување избори, не му треба дијалог, туку покритие.“
Во аргументацијата зошто техничката влада мора да остане, Филипче посочи дека таа може да се укине „само тогаш кога ние би биле зрело општество, а ние тоа сега во овој момент не сме.“
Причината, е што „оваа власт агресивно ги стави канџите на сите институции и ги злоупотребува во свои политички цели.“
„Не смее да се укине техничката влада, затоа што е тоа само светлина, единствена можност за честни и фер избори. Тие не ја сакаат техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на пандорината кутија.“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ Филипче наведе дека се гледа „окупирање на правосудниот систем“ и дека „воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет и се носат измени на кривичниот закон кои што одговараат само на власта“, нагласувајќи дека „тоа не се прави случајно, се прави за да се заштити криминалот и корупцијата.“
Како дополнителен аргумент за потребата од техничка влада, Филипче посочи и конкретни примери.
„Во земјоделството видовме што се случи со ИПАРД 3, директор кој е поставен од ВМРО беше уапсен за корупција и проневера на европските пари. Тоа е една причина зошто мора да има техничка влада.“
Тој предупреди и на опасностите од партизација и злоупотреба на полицијата.
„Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата“ и дека „со Законот за полиција се оди кон целосна партизација на МВР“, при што „секој разговор за укинување на техничката влада не е само неодговорен, туку и опасен по демократијата и процесите во земјата.“
Филипче потенцираше дека „само техничка влада, која има присуство на опозицијата во владата, може да гарантира фер и демократски изборен циклус“ и дека е потребна и како институционална рамнотежа: „Техничката влада ќе гарантира некаков институционален баланс.“
Во делот за дигиталниот надзор, Филипче предупреди на ризиците од нерегулираните системи.
„Легализација на масовен надзор, преку системот Safe City, со 65 илјади камери, овозможува дигитален надзор на движењата на граѓаните“, и нагласи дека „технички министер за внатрешни работи од опозицијата е гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби“ за следење на граѓаните или опозицијата за време на кампањата.
СДСМ останува на ставот дека техничката влада е неопходна како последна институционална брана за демократски избори и заштита од злоупотреба на државните институции, затоа што, како што порача Филипче, таа не е само „техничко тело“, туку „институционално вето против воспоставување на авторитарен режим.“

