Култура
Стефоска: Доаѓајте во Охрид со почит, градот не е забавен парк
Со повик за заштита на Охридскиот Регион, министерката за култура, Ирена Стефоска, се обрати до присутните на Античкиот театар на отворањето на Охридско лето. Стефоска порача дека во Охрид треба да се доаѓа со респект бидејќи градот не е забавен парк.
„Охридско лето ја надмина фестивалската улога, стана македонски бренд, кој го проби патот до светска претпознатливост. Тоа не само што трае туку ни го дава најдоброто од себе. Ниту Охрид без Охридско лето ниту Охридско лето без Охрид. Затоа, повикувам – доаѓајте со респект во Охрид, тој не е забавен парк. Посетете ја питомата Струга, тоа не е само уште еден град. Прошетајте ја живописната Дебрца, таа не е депонија. Искачете ја Галичица, таа не е само уште една планина. Крајбрежјето е мир, а не бетонски рај. Охридското Езеро е редок дар, не е базен. Тапијата е во наши раце, мораме да ја сочуваме. Мораме да ја сочуваме, не поради УНЕСКО, туку поради оставениот аманет. Одиме бавно како Влада, тоа е факт. Но, не застануваме. Сѐ пред тоа и сѐ потоа е само лето“, рече Стефоска на отворањето.
Годинава, фестивалот Охридско лето свечено е отворен со гала-балетскиот концерт „Големиот Чајковски“, во изведба на уметниците од Националната опера и балет. „Гoлемиот Чајковски“ е сочинет од најубавите дела на рускиот композотор, со изведби на делови на балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“. Повеќе од 90 балетски првенци, солисти, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентската палка на маестро Бисера Чадловска, кои се носители на проектот, веќе ги одржаа генералните проби на Античкиот театар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”

