Свет
Путин: Русите и Украинците се еден народ

Рускиот претседател, Владимир Путин, ги опиша Русите и Украинците како еден народ. Тој исто така изјави дека Украина може да биде стабилна и успешна само доколку одржи пријателски врски со Москва.
Во статија објавена вчера Путин го обвини Киев дека нема намера да го почитува мировниот договор од 2015 година и да стави крај на конфликтот со проруските сепаратисти во источна Украина, пренесува „Асошиетед прес“.
„Убеден сум дека вистинскиот суверенитет на Украина е можен само со партнерство со Русија. Нашите духовни, човечки и цивилизациски врски се формираат со векови, вкоренети во истите извори и зајакнати со заеднички достигнувања и победи“, напиша Путин во текст објавен на страницата на Кремљ.
Реагирајќи на написот на Путин, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека тезата за братски нации го потсетува на библиската приказна за Каин и Авел. Според таа приказна, Каин го убил својот брат Авел.
Зеленски исто така изјави дека Путин нема време да се сретне со него, а има време да напише обемни написи.
„Немав време да го прочитам целиот напис бидејќи вчера имав важни состаноци. Можам само да завидувам на тоа што претседател на толку голема земја може да си дозволи да потроши толку многу време на толку детаљна работа. Јас, едноставно, не знаев на што го троши своето време, а сега го гледам резултатот“, рече Зеленски.
Москва и Киев се во непријателски односи од руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година, по соборувањето на прорускиот претседател на Украина, Виктор Јанукович. Повеќе од 14.000 лица се убиени во седумгодишниот конфликт во источна Украина, каде што Русија ги поддржува бунтовниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп именува наследник

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес посочи дека потпретседателот Џ. Д. Венс би можел да биде неговиот најверојатен наследник за претседател во 2028 година.
„Мислам дека тоа е најверојатно“, им рече Трамп на новинарите кога беше прашан за неговиот можен политички наследник, објави „Ројтерс“.
Трамп исто така предложи Венс и државниот секретар Марко Рубио да ги здружат силите за идниот републикански кандидат.
Како што истакна „Ројтерс“, ова е првпат Трамп отворено да го поддржи Венс како можен кандидат.
Во февруари тој рече дека Венс е многу способен, но дека е прерано да се утврди кој ќе биде кандидат.
Регион
Српскиот министер кој доживеа мозочен удар во емисија е свесен, но сè уште е во критична состојба

Министерот за јавни инвестиции на Србија, Дарко Глишиќ, се разбуди по операцијата поради мозочен удар и е свесен, но има тешкотии со говорот, објавија медиумите.
Министерот сè уште е во опасност.
Глишиќ вчера утрото доживеа мозочен удар за време на гостувањето во живо на ТВ Пинк, а како што најави министерот за здравство Златибор Лончар по операцијата во Клиничкиот центар на Србија, следните 24 часа се клучни.
„Операцијата е завршена, траеше подолго од очекуваното, но најважно е што она што сакавме да го постигнеме со процедурата беше успешно. Исклучително комплицирана операција, работеа неколку тима, имаше и тромб и крварење, интубиран е, на респиратор и на одделението за интензивна нега, каде што борбата за неговиот живот ќе продолжи. Најважно за нас беше да ја решиме блокадата на крвниот сад, тоа е крвниот сад што ја пренесува крвта до мозокот, говорниот центар, а без тоа, немаше да има шанси. Има уште еден сад кој исто така беше проширен и во него има тромбна маса, која крвареше. Тоа беше нашата главна задача, да го решиме тоа. Следува период кога неговото тело мора да се бори и да се справи со она што го доживеал. Се јави навреме и тоа беше направено во првите неколку часа“, рече Лончар.
Тој додаде дека министерот сè уште е во сериозна состојба.
„Мораше да биде интубиран, на респиратор. Сè уште е на интензивна нега, на респиратор. Следува сериозна борба. Луѓето кои работеа, нашите експерти се задоволни. Извршени се интервенции кои се изведуваат во неколку центри во светот. Причината е елиминирана, но ќе видиме како ќе реагира неговото тело. Не ме прашувајте за прогнозата, се бориме час по час, наша работа е да го правиме она што медицината го знае“, рече Лончар.
Свет
(Видео) Смртоносни поплави во Индија: има загинати, околу 100 лица се водат како исчезнати

Ненадејна поплава што предизвика порој од кал погоди населено место во хималајскиот регион во северна Индија, каде што четири лица загинаа, а околу 100 се водат како исчезнати, објавија денес локалните власти.
„Ситуацијата е сериозна. Добивме извештаи за четири смртни случаи и околу 100 исчезнати. Се молиме за нивна безбедност“, изјави државниот министер за одбрана Санџај Сет.
Видео снимките што ги објавија индиските медиуми покажуваат порои од кал и вода како ги носат станбените згради во Дарали, туристичка дестинација во индиската држава Утаракханд.
Индиската армија соопшти дека 150 војници на лице место помогнале во спасувањето на околу 20 преживеани од лизгањето на земјиштето.
Индиската метеоролошка служба издаде претходно предупредување поради обилните дождови во Утаракханд.
Смртоносните поплави и лизгање на земјиштето се чести за време на сезоната на монсуни во Индија од јуни до септември. Експертите велат дека климатските промени го зголемуваат нивниот интензитет и фреквенција.
Фото: принтскрин