Македонија
Јанакиески: Дај боже Мукоски да постапеше во согласност со мојата порака, немаше да ги отвори вратите
Ексминистерот Миле Јанакиески смета дека обвинителката Вилма Русковска не приложила ниту еден материјален доказ за да го докаже сведочењето на Александар Василевски-Нинџа, а со кој го поткрепува обивнителниот акт за „Организатори на 27 април“.
Јанакиески повтори дека не можел да прави некаков план за што го товари Русковска бидејќи нема комуникација со обвинетите, а бегалецот Никола Бошковски не го ни познавал. За комуникацијата со Спиро Ристовски и Никола Груевски, обвинетиот Јанакиески рече дека со нив не разговарал за никаков план. Говорот го заврши со цитат од изјава на премиерот Зоран Заев, во која кажува дека не смета дека тој е организатор на упадот во Собранието.
„За Обвинителството е најлесно да се каже: ‘Кој ако не Миле, Миле за сѐ е крив’. Како може да направиш план со лица што воопшто не ги познаваш. Во мојот исказ пред овој суд истакнав и тврдам дека лицето Никола Бошковски воопшто не го познавам. Како изгледа Бошковски, видов од телевизија. Со Трајко Вељановски не сум имал никаква комуникација во текот на 2017 година, а тоа се потврдува и со доказите на Обвинителството. Како може со некого да сум правел и координирал план ако во критичниот период февруари-април 2017 година од неговите 30.000 изведени пораки, ниту една не е со мене. Ниту една! Со Спиро Ристовски имавме комуникација додека бевме министри. Исто така, и покрај тоа што постои детаљна анализа од комуникацијата помеѓу мене и Спиро Ристовски, за критичниот период се потврди дека не постои никаков разговор – доказ меѓу нас за некаков наводен план, а најмалку за дејствто што ми се става на товар. Со Владимир Атанасовски сум немал комуникација. Со Никола Груевски никогаш, ама баш никогаш не сме зборувале за некаков си план за настаните. Исто така, не постои запис, ниту беше изведен доказ во оваа постапка дека со Груевски сум правел план. Во периодот од 22.4 до 1.5.2017 година, период за кој Обвинителството има обезбедено листинзи од мојата комуникација, јас имам разменето, единствено една СМС-порака, што Груевски ја праќа до мене“, рече Јанакиески за комуникацијата со другите обвинети.
Тој рече дека сведокот Александар Василевски-Нинџа е лице без кредибилитет, со криминално минато, повеќепати осудуван и осуден за настаните од 27 април. Тој праша дали нему или на сведоци на државни функции со пристап до безбедносни информации релеватни на настанот треба да им се верува.
„Исказот на сведокот, кој е основата во обвинителниот акт, Александар Василевски-Нинџа, не е потврден од ниеден друг изведен материјален и вербален доказ. Со измените на обвинителниот акт, а поради немање докази, не сум обвинет за организирање на партиската структура – општинските и месните комитети и организаторите на протестите, а се става ново дејство – организирање протести. Во пресудата по првиот предмет е констатирано дека во период од 60 дена имало ненајавени, односно непријавени собири на граѓани во МВР, но тие не биле организирани од ниедна политичка партија, а се одржувале под името ‘За заедничка Македонија’. Како организатори на протестите, во согласност со извештајот што е прифатен како релевантен доказ во првата постапка, ‘се јавувале Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Игор Дурловски’. Не е доставен доказ дека Никола Груевски ми дал или дека јас сум примил негова наредба“, додаде Јанакиески.
Обвинетиот Јанакиески рече дека не постои комуникација со кој било пратеник, која би придонела да се случат дејствата во обвинителниот акт.
„Во однос на мојата порака испратена до Крсто Мукоски: ‘качете се дел во прес-салата’. Во согласност со доставените докази на одбраната докажавме дека ништо не презел во врска со неа. Дај боже да постапел во согласност со мојата порака и да се качел во прес-салата, немаше да ги отвори вратите и масата народ немаше да влезе во Собранието. Сакам да потсетам дека тројца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои се најдоа во прес-салата, со жив штит ги бранеа колегите од СДСМ, кои беа нападнати“, додаде Јанакиески.
Јанакиески цитира изјава на Заев во која вели дека многумина од организаторите се во затвор, а за обвинетиот вели дека ќе биде осуден за други предмети.
„Имено, во својата изјава премиерот наведува, цитирам: ‘Нема правда ако не ја зборувате вистината од почеток до крај. Трајко Вељановски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски ниту се ниту ќе бидат повеќе политичари. Што имам јас интерес да правам калкулации. Миле Јанакиески, веројатно, ќе биде осуден за некој предмет, 7-8 има. Но, за ова, моја должност е да ја кажам вистината. Делото за кое се товари тој е над 10 години затвор. И сега те прашуваат во суд и треба да дадеш исказ и треба да ја дадеш вистината. За мене, политички, ако ги осудат на 15-20 години, е аргумент плус. Меѓутоа, правда ли е ако знаеш нешто, а не го кажеш. Многумина од организаторите се во затвор, Чавков, Нинџи, минџи и сите што беа внатре што даваа инструкции. Правда не е само ако се водите како ви одговара на вашата политичка гарнитура, туку ќе се исправите пред судот и ќе кажете сè што мислите за да може и на тој суд да му стане јасно да носи мерливи податоци. Многу често нашата болка е судиите гледаат да ѝ учинат на власта, не бе, не треба никому да му учинат’, рече Јанакиески цитирајќи ја изјавата од Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на починатите деца од „Пулс“ бараат новиот јавен обвинител да го преиспита случајот
Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска на 34. Марш за ангелите во Кочани побараа проширување на истрагата, утврдување на индивидуална одговорност и јавно образложение зошто одредени лица досега не се опфатени со постапка. Исто така, тие испратија порака до новиот државен јавен обвинител – да се преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, како што рекоа, за да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил.
-Гневни сме затоа што постојат и други лица за кои јавноста, а и ние како семејства, основано знаеме дека носат вина, а истите не се ниту осомничени, ниту предмет на видлива и транспарентна истрага. Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња. Имаат приказни. Имаат семејства што засекогаш ќе ги чекаат. Овој марш е порака: дека сме тука, дека паметиме, и дека нема да дозволиме вистината да се закопа заедно со нашите деца, рече Александар Наунов, татко на починато девојче од пред полициската станица во Кочани.
Пред зградата на Судот и Обвинителството во Кочани, Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова, нагласи дека оставката на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски е задоцнета.
-Денес, во време кога ние повторно чекориме со сликите на нашите деца во срцата, државниот обвинител Коцевски поднесе неотповиклива оставка. Оставка што доаѓа предоцна. Затоа што немаше храброст и волја самостојно да го отвори предметот од денот на трагедијата. Наместо вистинска истрага, тој бараше информации од МВР, а постапките што следеа беа насочени кон лица осомничени уште од 2024 година и претходно, додека вистинските носители на моќ и одговорност останаа заштитени, децидно рече Трифунова.
Таа смета дека новиот државен обвинител треба да го преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил, и на обвинителна клупа да се најде секој што директно или индиректно придонел за убиството на нивните деца.
Протестниот марш, вообичаено, започна од „Паркот на Револуцијата“, преку Трговскиот центар и Управата за јавни приходи, кон полициската станица и Судот. На двојниот мост кај кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, запирајќи, родителите направија застој во сообраќајот, на што возачи реагираа со свирежи од нивните автомобили и не знајќина од кои причини е стојат подолго време во место.
Македонија
Петти конгрес на ДУИ – Ахмети бара нов историски договор
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на денешниот Конгрес на партијата во Скопје најави нов „Национален договор за напредок“ и побара целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години. Ахмети предложи и воведување на „извршен Бадентер“ при избор на Владата, примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд и нова фаза на функционална и фискална децентрализација.
Лидерот на ДУИ истакна дека иницијативите имаат за цел да го зајакнат унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, да ја зацврстат довербата во институциите и да обезбедат стабилна, функционална и праведна држава.
– Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Во таа насока, предлагаме три клучни мерки кои обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид. Прво, избор на Владата со двојно мнозинство, односно извршен Бадентер; Секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници, смета Ахмети.
Ова, според него, ќе овозможи Владата да ужива двоен легитимитет и реално да ги претставува сите заедници. – Овој механизам обезбедува двоен демократски легитимитет и гарантира реална застапеност на сите етнички заедници, како и зачувување на меѓуетничката кохезија на највисоките нивоа на извршната власт, рече Ахмети.
Како втора мерка, лидерот на опозициската ДУИ ја посочи примената на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд.
-Законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да бидат поништени од Уставниот суд без двојно мнозинство и во рамките на судскиот состав. Предлагаме уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се донесуваат без заемна согласност меѓу судиите, рече Ахмети.
Трета мерка, додаде, е продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа, односно, како што рече, „финансиска автономија на единиците на локалната самоуправа, преку правична распределба и враќање на даночните и таксените приходи во општините каде што тие се создаваат“.
Во делот за владеењето на правото, Ахмети изјави дека ДУИ ја поддржува идејата за темелна истрага на потеклото на имотот, приватизацијата и дејствијата на безбедносните служби од 1945 година до денес, нагласувајќи дека „правдата не смее да биде селективна“.
Најави дека нивниот предлог за „Национален договор за напредок“ ќе ги обедини сите заедници и експерти за заедничка визија на државата „во која достоинството е гарантирано, а соништата се остварливи“. На крајот од обраќањето Ахмети упати повик до младите, жените, професионалците и дијаспората активно да се вклучат во, како што рече, процесот за изградба на европска иднина, бидејќи „иднината не се гради со поделби, туку со еднаквост, не со експерименти, туку со државничка одговорност“.
На Конгресот, партијата усвои четири резолуции – за зајакнување на унитарниот карактер на државата и консолидирање функционална еднаквост, за владеење на правото, независното судство и враќање на довербата во институциите, за национален договор за напредок и одржливиот развој на државата и за европската интеграција.
Македонија
Откажани летови и отежнат авиосообраќајот на скопскиот аеродром поради маглата
Како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина денеска до 14 часот на Меѓународниот Аеродром Скопје има пет откажани, два пренасочени и шест летови со доцнење. Од 12 часот временските услови се подобрени, така што три лета пристигнаа, еден полета, а три лета се спремни да полетаат, информираат од ТАВ Македонија.
Од ТАВ Македонија апелираат до сите патници дека временските услови се менуваат постојано и во однос на нивните летови да ги следат насоките кои им ги дава нивната авиокомпанија.
-Денеска, 20 декември 2025, од 00:00 часот до 14 часот, на Меѓународниот Аеродром Скопје има 5 откажани летови, 2 пренасочени летови и 6 летови со доцнење, како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина. Од 12 часот временските услови се подобрија, така што 3 лета пристигнаа (од Дортмунд, Истанбул и Париз), 1 лет полета (за Истанбул), а 3 лета се спремни да полетаат (за Осло, Љубљана и Баден-Баден), информираат од ТАВ Македонија.
Маглата, што го зафати денеска Скопје го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб-страница, има откажани и летови што се реализираат со задоцнување, додека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но со намалена видливост на одредени патни правци.

