Македонија
Николовски на средба со Мојсовски: Нема место за корупција во спортот
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупција, човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски, и директорот на Агенцијата за млади и спорт, денеска одржаа работен состанок на кој беа презентирани наодите од пристигнатите претстваки за работата на Борачката и на Скијачката федерација. Вицепремиерот Николовски посочи дека изминатиот период, по пристигнувањето на претставките, се побара од Агенцијата за млади и спорт да спроведе детаљно истражување и на двата случаја и следствено на тоа да се преземат соодветни мерки.
„Од преставките што пристигнаа до мојот кабинет и од приложените документи јасно се гледа дека постојат нерегуларности во работата на федерациите, кои треба да бидат промотори на спортот, но и пропусти на инспекциската служба. Целокупната документација доставена од подносителите против Борачката федерација од страна на мојот кабинет е препратена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Секоја дополнителна документација што ќе ни биде доставена на увид, ќе биде доставена до надлежните органи за откривање криминал сѐ со цел спроведување детаљна и целосна истрага“, изјави Николовски.
Во изминатиот период до кабинетот на вицепремиерот Николовски пристигнаа повеќе претставки против Борачката федерација, со доказен материјал за направени злоупотреби и постоење сомнеж за корупција и криминал, фалсификување документи, непотизам, нетранспарентност, судир на интереси, недонесени прописи и низа други нерегуларности, информираат од неговиот кабинет.
Претставката против Скијачката федерација, што беше доставена до кабинетот на вицепремиерот Николовски, се однесува на нерегуларности и незаконитости при изборот на нејзин претседател. Придружната документација содржи докази за фалсификување и злоупотреба на потписи на одредени лица од скијачки клубови, непочитување на одредбите од статутот на Федерацијата за одржување вонредно собрание за избор на претседател, злоупотреби на дејноста на одредени скијачки клубови и друго, соопштија од кабинетот на Николовски.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Мојсовски, посочи дека по поднесените претставки до кабинетот на вицепремирот Николовски и по направените анализи, Агенцијата за млади и спорт во согласност со својата надлежност поведе дисциплинска постапка против самостоен инспектор, кој ја испитувал работата на двете федерации.
„Ова го направивме од причини што постојат сериозни индиции за определени пропусти при вршење на инспекцискиот надзор од страна на инспекторот, од една страна, а тоа ќе биде можност да се расветлат евентуалните злоупотреби и нерегуларности во работењето на посочените федерации, од друга. Сите федерации се должни да ги почитуваат Законот за спортот и Законот за здруженијата на граѓани, во зависност од тоа како се организирани и како функционираат, бидејќи само на таков начин можеме да очекуваме развој на спортот во РСМ и постигнување одлични резултати од нашите спортисти“, рече директорот Мојсовски.
Притоа вицепремиерот Николовски потенцира дека ваквите заеднички и координирани активности се потврда дека нема недопирливи, истовремено беше упатена и јасна порака дека секаде, во секоја институција, каде што ќе се утврди незаконско постапување, злоупотреби и корупција, ќе се постапува неселективно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Тренчевска, новото лице на Филипче, стариот кадар на Заев
Претседателот во сенка Заев, му ги напиша и состави новите членови на раководството на неговиот чувар на фотелјата Филипче, кој без двоумење ги изгласа со две раце. Едно од така наречените нови лица е Јована Тренчевска, кадар на Заев од Струмица, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Подемите во политичката кариера Тренчевска ги добива токму од Зоран Заев. Таа станува државен секретар во Министерството за труд и социјална политика токму во времето кога Зоран Заев е премиер. Потоа станува и директор во неговата влада на Инспекторатот за труд, како и министер за труд и социјална политика, секако неуспешен.
Јована Тренчевска, граѓаните ја паметат по рекордните зголемувања на пензиите од 180 денари годишно. Јавноста ја памети Тренчевска по тоа што на работа го врати Александар Филев – трговец со дрога во Радовиш како директор на социјалното. Пензионерите ја паметат кога им велеше дека супер им било да живеат со 25.000 денари месечни примања, кога инфлацијата беше вивната до небото. Синдикалците ја паметат по тоа што местеше претседатели на синдикатите, по насока на нејзиниот лидер. Ја паметат и по кочењето на 16 согласности за воспитувачки и негувателки како и 10 согласности за помошно технички персонал во градинките во Бутел и во Куманово“.
Тренчевска минатата година по изборниот пораз на парламентарните избор, додава Манасиевски, си даде оставка од претседател на форумот на жени, каде што рече дека местото го остава на нови, поквалитетни и лица неизвалкани од минатото.
„Тренчевска изгледа има заборавено на ова што го има кажано, и по само една година за да му удоволи на Заев, стана потпретседател на Филипче.
Со ваквите кадри СДС тоне и оди во стечај. Народот не им верува“.
Македонија
Уапсени 11 лица за местење тендер вреден над 7,6 милиони евра во ЕСМ Дистрибуција на топлина
Завчера во текот на ноќта помеѓу 17 и 18 декември и вчера, под раководство на јавен обвинител, полициски службеници спроведоа координирана акција на повеќе локации во Скопје и околината, како и во Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани. Во рамките на акцијата уапсени се 11 лица.
Постапувајќи по поднесена кривична пријава, јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против 33 лица, поради основано сомнение дека сториле кривични дела од економско-финансиска природа. Сите осомничени лица се товарат за кривично дело Злосторничко здружување.
Дополнително, седум лица дел како помагачи, а дел како поттикнувачи, се осомничени за продолжено кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, 12 лица за продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, додека на 20 лица на товар им се става дека, како соизвршители, сториле продолжено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Според наводите во наредбата за истрага, во текот на 2023 година тројца осомничени како службени лица вработени во ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје и четворица управители и/или сопственици на двете осомничени правни лица создале група со цел вршење кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело. Кон групата се приклучиле останатите 26 осомничени лица.
Во текот на 2023 година, со намера да се изигра постапката, по претходно договорена и изготвена техничка спецификација за набавка на „СКАД Ормари мониторинг ормар со ГСМ контролор за топлинска станица“ за потребите на ЕСМ Дистрибуција на топлина Дооел Скопје, дел од припадниците на злосторничкото здружување, во својство на службени лица не ја извршиле својата службена должност и постапиле спротивно на законските прописи и внатрешните акти.
Истите договориле на огласот за јавна набавка, да се пријават двете осомничени правни лица од Скопје и од Куманово. Правното лице од Куманово се јавило како економски оператор со непотполна документација и со понуда повисока од понудената цена од правното лице од Скопје, кое понудило речиси идентичен износ со проценетата вредност на јавната набавка, иако вредноста не била објавена во огласот за јавната набавка. Со ова дејствие овозможиле правното лице од Скопје да го добие договорот за јавна набавка на СКАД ормари и да се стекне со противправна имотна корист во вкупна вредност од 472.470.407 денари со ДДВ, односно 7.682.445 евра на штета на Буџетот на ЕСМ Дистрибуција.
По извршувањето на горенаведените предикативни кривични дела, пријавените од 2023 до 2025 со намера за себе или за друг да прибават противправна имотна корист и да го прикријат потеклото, движењето и сопственоста на паричните средства, истите во вкупен износ од 125.556.930,00 денари, односно 2.041.576 евра, ги пуштиле во оптек, примиле и пренеле и со вака преземените дејствија го извршиле битието на кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Ценејќи ги околностите јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, достави предлози што беа прифатени од судот и со Решение на седум лица им е определена мерка притвор, додека за шест лица се определени мерки за обезбедување на присуство.
Македонија
Поради јавен собир блокиран сообраќајот на патот Берово-Струмица
Од 10.00 часот сообраќајот на патниот правец Берово-Струмица е блокиран поради јавен собир, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

