Економија
Народната банка и банкарската асоцијација со насоки за банките и штедилниците, за поголема транспарентност
Поголема транспарентност и достапност на податоците за банкарските производи за граѓаните, а со тоа и поголема заштита на потрошувачите, се предвидува со насоките коишто беа донесени вчера, за содржината, обликот и начинот на објавување на податоците за најрепрезентативните кредитни и депозитни производи на банките и штедилниците за физички лица. Насоките беа потпишани од страна на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и претседателката на Македонска банкарска асоцијација (МБА), Маја Стевкова-Штериева.
Потпишувањето на овој документ во доменот на банкарскиот сектор е прв и значаен чекор од спроведувањето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто неодамна беше усвоена од страна на финансиските регулатори. Имено, во Стратегијата, во рамките на делот за финансиска инклузија, е предвидено зголемување на транспарентноста во работењето и објавувањето податоци за финансиските услуги од страна на приватниот финансиски сектор, вклучително и стандардизација на објавените податоци за ист вид услуга.
„Преку спроведувањето на насоките, коишто ги потпишавме со МБА, банките и штедилниците ќе почнат да ги објавуваат податоците за одделните банкарски производи во една стандардизирана форма, којашто ќе обезбеди поголема прегледност, споредливост на производите и воедно поголема информираност на граѓаните. На овој начин, дејствуваме кон поголема заштита на потрошувачите, како и нивна едукација за одделни видови кредитни и депозитни производи, што ќе придонесе кон издржани одлуки за избор на производи коишто најдобро им одговараат на потребите на физичките лица“, посочи Ангеловска-Бежоска.
„Банките и штедилниците коишто се членки на Македонската банкарска асоцијација се транспарентни економски субјекти коишто редовно објавуваат податоци за своето работење. Со воспоставувањето стандардизиран пристап при објавувањето информации за депозитните и кредитните производи за населението, во согласност со насоките коишто ги потпишавме, ќе се придонесе за уште поголема транспарентност и, најважно, полесна споредливост на банкарските производи“, истакна претседателката на МБА, Стевкова-Штериева.
Со насоките се пропишуваат формата, начинот и податоците коишто се објавуваат за банкарските производи за населението, одделно, од страна на секоја банка и штедилница за нивните производи. Предвидено е условите да се објавуваат на видно назначено место на веб-страниците на банките и штедилниците, како и централизирано на веб-страницата на Народната банка и да се ажурираат редовно од страна на банките и штедилниците, а најмалку еднаш во тримесечјето. Објавата ќе ги опфати најрепрезентативните видови потрошувачки и станбени кредити за населението, како и најрепрезентативните видови депозити за населението кај банките и штедилниците. Покрај основните информации за банкарските производи, како рочноста, валутата и каматната стапка, предвидено е објавите да вклучуваат и дополнителни подетални информации (како што се висината на стапката на вкупните трошоци кај потрошувачките кредити и трошоците коишто не влегуваат во оваа стапка, видот на обезбедувањето и минималниот сооднос обезбедување/кредит кај станбените кредити, можноста за предвремено разрочување кај депозитите и други). Следствено, објавените податоци треба да овозможат подобар увид во понудените услови од страна на одделните банки и штедилници, како основа за носење одлука за избор на најсоодветен производ, согласно со можностите и склоностите на потрошувачите.
Насоките коишто ги донесоа Народната банка и МБА ќе почнат да се применуваат од банките и штедилниците од почетокот на август.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.
Економија
BLACK FRIDAY во СЕТЕК со попусти и до 70 отсто
Акцијата BLACK FRIDAY во СЕТЕК ги носи најголемите попусти и до 70 проценти.
На едно место бирајте сè што ви е потребно од најпознатите светски брендови за бела техника, телевизори, ИТ, мобилни уреди, апарати за домаќинство и уште многу други останати производи за домот и деловниот простор.
Искористете ја можноста да купите најмногу техника со најниски цени за BLACK FRIDAY во сите салони на Сетек и онлајн на www.setec.mk .
Сетек и оваа година, со радост ве очекува во сите салони полни со вашите омилени производи и уникатно шопинг искуство.
Акцијата трае oд 25 ноември до 2 декември 2024.
Има зошто сите купуваат во СЕТЕК.
Сетек – сè од техника е помеѓу водечките во трговијата со техника.
Не пропуштајте, сè што е најдобро – сега е и достапно: бела техника, апарати за домаќинство, уреди за ладење и греење, телевизори, мобилни телефони, гејминг опрема и ИТ уреди.
Сетек континуирано, повеќе од 30 години ја развива својата мрежа и стратегија за блискост со купувачите. Со застапеност на 32 различни локации и модерни салони, вклучувајќи ја и онлајн продавницата, Сетек е достапен до секој миленик на современата техника.
Воедно Компанијата нуди и и многу помошни улуги како лојална програма, кешбек, премиум достава, можности за кредитирање, рати без камата и многу експертски услуги за правилен избор и корисна употреба.
(ПР текст)