Македонија
Шахпаска: Интензивно работиме на формализација на секое работно место
„Справувањето со неформалната економија и потребата и значењето да се формализираат тие работни места како за работниците така и за општеството, се исклучително важни прашања и во регуларни услови, но тоа е особено важно во услови на ваква сериозна економска и здравствена криза предизвикана од пандемијата Ковид-19“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на промоцијата на кампањата за справување со непријавената работа „За да имаш подобар персонал – грижи се подобро за персоналот“, во организација на Меѓународната организација на трудот.
Осврнувајќи се на почетокот на кризата, Шахпаска истакна дека Владата, преку економските мерки, успеа да спаси најмалку 80.000 работни места и значајно да го ублажи падот на БДП, но нагласи дека комплицирано беше со оваа помош да бидат опфатени неформалните работници.
„Не беше лесно да се креираат мерки кои ќе ги таргетираат вработените во неформалната економија, бидејќи реално тие не беа дел од системот. И затоа е важна формализацијата на секое работно место, затоа што тоа значи сигурност, извесност, но и начин на заштита на работничките права“, подвлече министерката Шахпаска.
Таа посочи дека Владата и Министерство за труд и социјална политика преземаат системски решенија за формализирање на неформалната економија, како што е Стратегијата за формализација на неформалната работа за периодот 2018-2022 година, преку која ќе се создаде сеопфатен и конзистентен систем за ефикасно намалување на неформално вработените, намалување на нерегистрираните деловни субјекти, како и намалување на неформалните активности во рамките на формалната економија.
„Нашата задача беше да создадеме таков економски амбиент во кој граѓаните ќе имаат одреден бенефит и сигурност доколку се дел од системот, наспроти неизвесноста што ја носи неформалната економија. И токму затоа оваа кампања ќе даде значаен придонес во подигнување на јавната свест за придобивките од формална работа и со тоа работниците да се дел од системот“, оцени министерката Шахпаска.
Таа нагласи дека и во новиот системски закон за работни односи, на кој интензивно се работи во Министерството за труд и социјална политика, ќе бидат вградени решенија кои ќе придонесат за намалување на неформалната економија.
„ Учеството на неформално вработените во вкупниот број на вработени во 2019 година изнесува 16.05 проценти и е намалено за 2.55 процентни поени во однос на 2018 година или за 3.85 процентни поени во споредба со 2015 година. Тоа е позитивен тренд кој ние ќе го продолжиме“, додаде Шахпаска и информираше дека се работи на мерки за формализација и на сезонската работа, особено во земјоделството.
На регулирање на неформалната економија, нагласи министерката Шахпаска, се работи и преку мерката за активација на пазарот на трудот во која се вклучени и Центрите за социјална работа кои заедно со АВРМ изработуваат индивидуален план за секое вработливо лице, а потоа преку преквалифакција и доквалификација се создаваат услови секое вработливо лице да добие соодветно работно место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.

