Македонија
Груевски: Ниту сум купувал, ниту сум продавал станови или земјишта, сѐ е валкана конструкција
Уште еднаш повторувам дека ниту сум купувал, ниту продавал земјишта или станови. Ниту сум зел пари од партијата за тоа. Сè е лага и валкана конструкција, тврди експремиерот Никола Груевски, азилант во Будимпешта, откако пет лица денеска седнаа во обвинителна клупа поради сомневања дека му помагале да купи земјиште на Водно од над 11 илјади квадратни метри.
Освен Груевски, обвинети се бизнисмените Јордан Камчев и Ненад Јосифовиќ, мајката на Камчев, Ратка Камчева, кумот од првиот брак на Груевски, Ристо Новачевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков. На Груевски, бидејќи е недостапен за органите на прогонот, денеска кривичниот суд одлучи да му се суди во отсуство.
За случајот Груевски тврди дека е „театарска престава во режија на Зоран Заев а во изведба на обвинителството во кое самиот нарачува случаи и издава инструкции за оние кои ги одбрал да се пресметува со нив“. Според него, станува збор за „претстава темпирана да го сврти вниманието во предизборниот период“.
„Се прашувам како тоа сум перел пари и сум го зголемил имотот кога и самите сведоци и лица кои давале изјави, колку и да биле притиснати и под тешки закани, дале изјава во обвинителството дека пред 10-11 години наводно некое трето лице им рекло да купат стан или земјишта кои тие ги купиле со свои пари и никогаш никој не им дал пари за истото. Таков е случајот со земјиште купено на јавна лицитација од некоја фирма во големина ако добро разбрав околу 2.400 мкв на Водно, еден стан од 60-тина метри квадратни и многу слично е со земјиште во Крушево кое било купено на јавна лицитација во вредност од 40.000 денари. Па така, и денес тој стан и тие земјишта се нивни имот, на оние што ги купиле, за кои дале свои пари и не примиле пари ниту од мене ниту од кој било, како што кажале во обвинителството.
Чиј имот во овие случаи сака да запленува обвинителството? Имот кој ниту сум го купил, ниту платил како што тврдат самите оние кои давале изјави во обвинителството под големи притисоци да кажат дека претпоставуваат дека тие требало да бидат мои. Како тоа сум испрал пари ако никому не сум дал пари и никој не зел пари во овие случаи ниту од мене, ниту од некој друг? Како сум го зголемил имотот ако не сум купил имот? Ако и по 10 или 11 години подоцна тој имот си е на име на тие луѓе кои го купиле со нивни пари како што самите се изјасниле во обвинителството“, тврди Груевски преку статус на „Фејсбук“.
Сепак, тој вели дека нема да дојде во судница за да го докаже ова.
„Но ќе кажам, жалам што на моја кожа ја осетив репресијата на власта, како многу пати во историјата кога се судело на личности, меѓу кои и јас се препознавам, заради политички потреби, во случајот на Зоран Заев. Јас знам дека на овој човек му е потребен и овој случај за да приредува забава во која се игра со човечки судбини“, тврди тој.
Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска-Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК Сашо Мијалков е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Според обвинението, Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе. Станува збор за 1,3 милиони евра.
Во средината на 2012, според обвинението, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе, и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.
Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра.
Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје – овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.
Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

