Топ
Акција на полициските специјалци во Дебар Маало, уапсени дилери со две ќеси кокаин и дрогиран возач
Припадници од криминалистичка полиција и специјалната едница „Тигар“ синоќа околу 23 часот и 30 минути спровеле акција на подрачјето на Дебар Маало.
Како што информираат од МВР, пред угостителски објект уапсени биле двајца скопјани, Г.П.(34) и Н.С.(35), бидејќи при преглед извршен кај нив биле пронајдени и одземени две ќеси со кокаин, наменет за продажба.
На улицата „Боемска“ бил лишен од слобода и С.Г.(25) од Скопје, кој управувал автомобил „ауди“, со скопски регистарски ознаки, затоа што при преглед и кај него е пронајден кокаин, а поради управување на возило под дејство на алкохол и дрога, тој бил исклучен од сообраќај и изречена му е соодветна санкција.
На истата улица лишени од слобода биле и А.А.(24), Б.И.(20) и О.А.(23), сите од Скопје, кои се превезувале со автомобил БМВ, со скопски регистарски ознаки, бидејќи при преглед биле пронајдени нож и дрвена палка.
И кај нив биле констатирани сообраќајни прекршоци, кои биле соодветно санкционирани.
Од МВР посочуваат дека лицата се приведени и предадени во полициската станица Центар, а по документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вклучија камерите во Скопје, возачите што ќе направат прекршок ќе добијат опомена
Камерите поставени на сообраќајниците во Скопје од денеска ќе снимаат, возачите што ќе направат прекршок ќе добијат опомена, а од 1 јануари ќе се казнува.
„Сторителите на прекршоци, кои ќе бидат документирани преку системот ‘Безбеден град’, ќе бидат санкционирани во согласност со одредбата што ја регулира најголемата дозволена брзина на движење на возилата, односно нема да има толеранција, без разлика дали ќе се документира прекршок во населено или надвор од населено место. Во почетниот период ќе се евидентираат сообраќајните прекршоци, како: управување возило со брзина поголема од дозволената, минување на црвено светло, изминат рок на важност на сообраќајната дозвола и непрописно паркирани возила, а во следната фаза од проектот планирано е проширување на видот на сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрира електронскиот систем“, информира МВР.
За прекршоците што ќе бидат документирани преку системот „Безбеден град“, на сопственикот на возилото со кое е констатиран сообраќаен прекршок МВР ќе му достави СМС-порака на мобилниот телефон и на електронската адреса (податоци што сопственикот на возилото ги дал при регистрација на возилото) со линк за преземање записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.
Доколку сторителот ја прифаќа одговорноста за сторениот прекршок во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, ќе плати половина од изречената глоба, ако истекол рокот од осум дена за да плати половина од изречената глоба, ќе може да го плати целиот износ на изречената глоба најдоцна во рок од осум дена по истекот на рокот за плаќање на половина од изречената глоба, а пред постапката за извршување. Кога ќе заврши со плаќање на изречената глоба во дадените рокови, не се плаќаат трошоци на целокупната постапка.
Странец, како и државјанин на Република Северна Македонија, кој со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог да ја плати изречената глоба. Ако сторителот не ја платил глобата, МВР ќе ја достави до органот надлежен за присилна наплата.
За прекршок за кој, покрај глобата, е предвидена и санкцијата забрана за управување со моторно возило и ако сторителот ја платил глобата во предвидените рокови, и за прекршок престанок за важење на возачката дозвола, МВР ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд.
Глобите ќе може да се платат електронски преку линк што сторителот на прекршокот ќе го добие со известувањето. Во овие случаи потребно е во уплатницата автоматски да биде внесен бројот на записникот за сторниот сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог и износот на глобата изразена во денари.
Во овие случаи МВР веднаш електронски добива известување дека глобата е платена.
Инаку, од денеска, 1.12.2025 година, почна пробниот период во кој сторителите ќе добиваат известување за сторениот сообраќаен прекршок.
Македонија
Пазарниот инспекторат со засилени контроли во угостителските објекти во пресрет на празниците
Државниот пазарен инспекторат најави засилени инспекциски надзори во угостителските објекти во пресрет на претстојните празници и зголемениот број прослави. Целта, како што наведуваат, е спречување нерегуларности во работењето и поголема заштита на гостите.
Од Инспекторатот апелираат угостителите совесно да ги почитуваат законските обврски, особено одредбите за дозволениот број гости, работното време, Законот за заштита од пушењето и сите други регулативи што се однесуваат на нивната дејност.
Инспекторатот најавува соодветни мерки и санкции за сите што нема да ги почитуваат законските правила.
Граѓаните се повикуваат сите неправилности да ги пријават на телефонскиот број 191 или преку веб-страницата www.dpi.gov.mk.
.
Македонија
(Видео) Николоски: Пробиени 17 километри за обиколување на Стража на автопатот Гостивар – Букојчани
Интензивно се одвиваат градежните активности на автопатот Гостивар – Букојчани, кој е дел од Коридорот 8, на релацијата Скопје – Струга – Охрид, објави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски на „Фејсбук“.
Тој сподели и видеоматеријал од теренот наведувајќи дека досега се пробиени 17 километри од трасата, со што се заобиколува популарната планинска делница Стража.
Во објавата Николоски порача: „Ја градиме Македонија!“
Автопатската делница Гостивар – Букојчани е дел од големиот инфраструктурен пакет на Коридорот 8, кој треба да ја подобри поврзаноста меѓу Скопје, западниот регион и Охридско-струшкиот крај.

