Култура
Концерт на Стојан Димов и Дино Имери на Охридско лето
Фестивалот Охридско лето вечерва ќе организира концерт за кларинет и пијано. Во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот, ќе настапат македонските уметници, кларинетистот Стојан Димов и пијанистот Дино Имери.
Стојан Димов основно и средно образование завршува во Велес и во Скопје, а во периодот од 1975 до 1981 година студира на Факултетот за музичка уметност во Скопје (проф. Иван Кочаров) и на Универзитетот во Загреб (проф. Јосип Нохта). Магистрира во 1993 година во Скопје, а од 1980 до 1995 година е соло кларинетист во Македонската филхармонија. Истовремено, е член на Биг бендот на МРТ, а од 2002 година е постојан член на групата на Горан Бреговиќ. Во текот на годините бележи многубројни настапи со рецитали, а како солист настапува со повеќе македонски и странски оркестри. Соработува со значајни диригентски имиња, а член е и на разни камерни ансамбли. Денес, Стојан Димов е еден од најактивните македонски музичари со настапи во целиот свет.
Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со огромен успех со Стразбуршката филхармонија, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Симфонискиот и Камерниот оркестар на ФМУ, Македонската опера и балет, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. Со рецитали настапувал на престижни сцени во цела Европа, меѓу кои: „Ватрослав Лисински“ – Загреб, Палата „Естерхази“ и „Лист-центрум“ во Австрија, „Пијано Плаж фестивал“ во Франција, Охридско лето, Скопско лето, „Интерфест“ – Битола и др. Добитник е на голем број награди и признанија. Имери бележи и многубројни домашни и меѓународни дискографски изданија, а од декември 2018 година стекнува звање доцент и предава на Факултетот за музичка уметност во Скопје, и тоа повеќе предмети од областа на пијано, камерна музика, корепетиција и пијано во контекст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

