Свет
Одговор на ракетниот напад: гранатиран Либан
Израелската војска соопшти дека нејзината артилерија рано утрово го гранатирала јужен Либан како одговор на две ракети лансирани од Либан кон израелска територија.
Како што е наведено, противвоздушната одбрана пресретнала една од ракетите, а другата паднала на отворен простор. Нема извештаи за повредени или штети.
Ракетен оган од Либан е прв ваков прекуграничен инцидент од мај кога палестинските екстремисти истрелаа ракети кон Израел за време на 11-дневната војна меѓу израелската армија и екстремистите од Хамас на Појасот Газа.
Израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, изјави дека Либан е одговорен за ракетниот напад во текот на ноќта најавувајќи дека „Израел ќе дејствува против каква било закана за неговиот суверенитет и неговите граѓани“.
„Нема да дозволиме социјалната, политичката и економската криза во Либан да се претвори во безбедносна закана за Израел“, рече Ганц.
Либан се соочува со големи кризи, вклучително и економски колапс, што предизвика загриженост во врска со зајакнувањето на милитантните тенденции.
Инцидентот се случи неколку часа откако сириски воен претставник изјави дека Израел извршил воздушни напади во близина на сирискиот град Алепо на север.
Сириската државна новинска агенција објави дека противвоздушната одбрана пресретнала повеќе ракети.
Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права, со седиште во Велика Британија, која ја следи граѓанската војна во таа земја, објави дека цел на израелските удари биле складиштата за оружје што им припаѓале на екстремистички организации во регионот.
Израел во последните неколку години изврши неколку напади насочувајќи се кон иранските сили и конвоите со оружје наменети за проиранскиот Хезболах во Либан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Најмалку десет луѓе загинаа во автобуска несреќа во Мексико
Најмалку 10 лица загинаа, а 20 се повредени во синоќешната автобуска несреќа што се случи во западната мексиканска држава Мичоакан.
Несреќата, чија причина сè уште е непозната, се случила на патот помеѓу главниот град на државата Морелија и селото Пацкуаро. Спасувачките операции и медицинската помош се на местото на несреќата.
Сообраќајните несреќи во Мексико изминатите години бележат пораст, а главни причини се пребрзото возење и лошото одржување на возилата. Во септември, цистерна што превезувала речиси 50.000 литри бензин експлодираше под надвозник на автопат во главниот град Мексико, при што загинаа десетици луѓе.
Регион
Еден загинат во поплавите во Албанија по обилните дождови
Најмалку едно лице загина во Албанија во поплавите предизвикани од обилните дождови што паѓаат во изминатите неколку дена, соопшти денес албанската полиција.
Полицијата објави дека тело на жена (76) е пронајдено откако нивото на водата се повлекло во поплавената југоисточна општина Девол.
Поплавите предизвикаа најголема штета во руралните региони на југот на Албанија, а во селото Душар 30 семејства беа отсечени, бидејќи патиштата беа непроодни поради поплавите.
Свет
Италијанскиот министер: Американскиот план за Украина содржи услови што никогаш не би можеле да бидат прифатени
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето изјави дека американскиот мировен план од 28 точки за Украина е премногу оштар и дека содржи елементи кои никогаш не можат да бидат прифатени. Во објава на мрежата Икс тој наведе дека е важно тоа што и Русија и Украина разговараат за планот, но дека предлогот претставува тешка понуда за Киев.
Крозето додаде дека документот може да послужи како почетна точка за преговори и за обновување на дијалогот. Според него, целта е итно запирање на конфликтот.
Украинскиот претседател претходно предупреди дека се соочува со тежок избор, а европските лидери изразија загриженост дека предложените ограничувања би ја оставиле Украина ранлива на идни напади.

