Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност и температури до 35 степени

Утре се очекува сончево време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието и во источните делови засилен ветер од северен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 26 до 35 степени. УВ=8
Во Скопје, сончево со мала облачност и умерен до засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Во наредните денови следува период на стабилно време, во четврток со умерен, вдолж Повардарието засилен ветер од северен и северозападен правец.
Дневните температури ќе бидат без позначителни промени, а утрата ќе бидат посвежи. Позначителен пораст на температурите ќе има од недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство

Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство, информира Министерството за култура и туризам.
„Во врска со оштетувањата на споменик на културата на ул. „Браќа Миладиновци“ бр. 16 во Струга, информира дека министерот Љутков е во координација со надлежните институции за преземање на соодветни мерки. Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029“, велат од Министерството.
Од таму додаваат дека при увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект.
НУ Завод и музеј – Охрид го доставил наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување.
Од Министерството велат дека инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година..
„Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава“, велат од Министерството.
Владо Малески (5 септември 1919 – 23 септември 1984) е истакнат македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Автор е на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“. Роден е во Струга.
Фото: фејсбук
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урна куќата на Владо Малески

Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урна куќата на Владо Малески, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Градоначалникот на ДУИ од Струга даде градежна дозвола за објект до куќата на Владо Малески и ја загрози истата со нејзино уривање. Криминалот на ДУИ и неадекватното работење прави штета по државата секој ден. Јавното обвинителство мора да постапи и отвори истрага. Очекуваме одговорност за штетата“, велат од партијата.
Од таму изразија надеж дека Министерството за култура ќе направи се да ја поправи штетата направена од ДУИ и ќе ја обнови куќата на Владо Малески.
Македонија
Мицкоски на средбата со фон дер Лајен: Државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност

Денес во просториите на Владата, премиерот, Христијан Мицкоски, имаше средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамки на нејзината балканска турнеја.
Мицкоски информира дека на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
„Ја истакнав решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Посочив дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, вели Мицкоски.
Според него, посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата.