Македонија
Нуредини: Го ставивме Студенчишко Блато под привремена заштита
Додека трае постапката за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природата, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, во согласност со Законот за заштита на природата, донесе решение за негова привремена заштита. Привремената заштита на подрачјето ќе се применува до денот на влегувањето во сила на законот со кој ќе се прогласи Студенчишко Блато за заштитено подрачје, а кој е завршна фаза на изработка. Во меѓувреме, Студенчишко Блато е прогласено за водно живалиште од меѓународна важност според Рамсарската конвенција.
Во согласност со решението за привремена заштита на Студенчишко Блато, за времетраењето на привремената заштита на подрачјето нема да се спроведуваат активности од постојниот ГУП на Град Охрид во делот на Урбана заедница – УЗ 17, Урбан блок – У.Б 17.1, како и изработка и донесување урбанистички планови и урбанистички проекти, урбанистички проекти за партерно уредување на просторот, спровдување постапкa за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, спроведување постапка за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште, одлагање шут и комунален отпад, употреба на хемиски заштитни средства и минерални ѓубрива за земјоделски активности, доделување нови или продолжување на постојните концесии во согласност со прописите за концесии и јавно-приватно партнерство, прописите за градежно земјиште, како и прописите од областа на лов и риболов и проширување или изградба на нови патишта, соопштија од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

