Македонија
Царовска: Од септември учениците ќе добиваат зголемени стипендии
Во просек за 11 % се зголемуваат ученичките стипендии, кои ќе се исплаќаат со почетокот на новата учебна година. Со владината одлука, која е донесена во понеделникот, наместо досегашните од 2.200 до 2.970 денари на месечно ниво, учениците ќе добиваат стипендија во висина од 3.500 денари. Вкупниот годишен износ што ќе се распределува за оваа намена од речиси 87 милиони денари се зголемува на 97,8 милиони денари, а ќе бидат опфатени 3.100 ученици.
Ова го најави министерката за образование и наука, Мила Царовска, по средбата со средношколските и студентските здруженија, кои ја поздравија одлуката за зголемување на износите и воведување нови стипендии.
„Заедно со претставниците на средношколците и со работната група МЛАДИ-МОН, изминатите десет месеци работевме на анализи и план за зголемување на ученичките стипендии со цел да ги стимулираме нивниот труд, знаења и успеси, но и да ги поттикнеме да се запишуваат во дуалните паралелки, кои заедно со стопанските комори, компаниите и локалните самоуправи ги воспоставивме во средните стручни училишта. Политиката на стипендирање е проширена како од аспект на видовите стипендии, имаме повеќе нови категории за да се опфатат што повеќе млади, но и значително зголемени износи за голем дел од постојните за навистина да ја почувствуваат материјалната поддршка од државата“, рече Царовска.
Министерката истакна дека фокусот на уписните политики е средното стручно образование, кое се покажува како дефицитарно и нуди просперитет за младите, затоа најмногубројна категорија се стипендиите за ученици што ќе се запишат во дуални паралелки во четиригодишно стручно образование, но и ученици што ќе се запишат во тригодишно средно стручно образование.
„Поголема категорија се и стипендиите за социјална поддршка за да им излеземе во пресрет на учениците чии семејства имаат месечни приходи под она што значи оптимум за нормално живеење и функционирање“, рече Царовска.
За сите видови стипендии ќе се објавуваат конкурси и заинтересираните навремено ќе бидат информирани за сите услови, критериуми и рокови за остварување на ова право, најавија од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

