Македонија
Првпат изведена афереза на периферни матични клетки кај дете на Клиниката за хематологија
Министерството за здравство информира дека на Универзитетската клиника за хематологија, во соработка со Универзитетската клиника за детски болести, денеска се реализира и афереза на периферни матични клетки кај 9-годишно дете, ХЛА ДНК-идентичен донор на матични клетки за сестра што боледува од акутна леукемија и на која ѝ е потребен третман со трансплантација на матични клетки. Со оваа соработка се отвора можност и педијатриски пациенти и донори да бидат лекувани со овие најсофистицирани медицински интервенции.
Од Министерството дополнуваат дека во текот на оваа недела на ЈЗУ Универзитетската клиника за хематологија се реализира меѓународна едукација за клеточна сепарација (афереза) и колекција на периферни матични хематопоетски клетки, донорски лимфоцити и плазмафереза, методи што ќе се користат во третман на болните со малигни и немалигни хематолошки заболувања. Едукацијата ќе ја реализираат лекари специјалисти од Клиниката за хематологија и Клиниката за детски болести со помош на странски експерт. Ова е втора меѓународно акредитирана едукација, која се спроведе на клиниката во изминатиот период со цел да се воведат нови терапевтски методи, кои претходно не се изведувале на Клиниката. Екстракорпорална фотофереза, афереза на периферни матични клетки кај адултни и педијатриски болни и донори, колекција на донорски лимфоцити и плазмафереза се процедури што се применуваат во трансплантациската хематологија за третман на малигните хематолошки заболувања или компликациите по трансплантација, како што се акутен и хроничен тип на графт верзус домаќин болест.
ЈЗУ Универзитетската клиника за хематологија со воведување на новите терапевтски процедури ќе стане еминентен трансплантациски центар по примерот на европските центри за трансплантација на хематопоетски матични клетки, во кој ќе се изведуваат сите процедури врзани за мобилизација, колекција, одредување на квалитетот на графтовите и бројот на ЦД34+ клетки, обработка и криопрезервација на алогените и автологни графтови на матични клетки и следење на имунолошкото закрепнување по трансплантација преку одредување лимфоцитни субпопулации со проточен цитометар, соопшти Министерството за здравство.
Според надлежните, на Клиниката во период од 3 години се реализирани над 150 трансплантации, од кои 6 хаплоидентични трансплантации, 20 трансплантации од несроден донор, најсложени интервенции поради кои во минатото пациентите беа праќани за третман во странски центри. Резултатите од третманот со овие интервенции се идентични со оние од европските центри за трансплантација и се пријавуваат во базата на Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ), во која членува и тимот за трансплантација на Клиниката од 2003 година. На 15 септември 2021 година Клиниката ќе го одбележи своето искуство од 21 година со трансплантација на хематопоетски матични клетки и реализирани 615 трансплантациски процедури, дополнија од Здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски?
ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски? Сателит-партијата на ВМРО експресно се јавува да го брани шефот Мицкоски, реагираат од СДСМ, на соопштението на Движењето ЗНАМ.
„По предавството на Македонија со потпишување и изгласување на Резолуцијата што личеше на Хитлеров Декрет, сега имаат уште една задача, да ја укинат последната линија на одбрана на демократијата, техничката влада. Само за уште неколку тендери. Малку им се тендерите во Пошта вредни 1,2 милиони евра за нивниот советник од Кисела Вода. Им треба уште. Затоа партнерот на тендерската коалиција, ЗНАМ, најавува историски трансфер – во тендер-лигата. Квислингот Деспотовски ли им се приклучува на останатите предавници? Очигледно, и нему треба да му се намести некој тендер, да му се плати координираното делување со Геро. Идеално е сите да се соберат на едно место, за Обвинителството подоцна да нема потреба да ги брка поединечно. Како што рековме – време е житото да се одвои од плевелот. Но не само во СДСМ, туку на целата политичка сцена во Македонија. На крај, сите ќе одговарате“, пишува во реакцијата.

