Свет
(Видео) Силен земјотрес од 6,7 степени според Рихтер ја погоди Панама
Силен земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала го погоди северниот брег на Панама во близина на границата со Костарика. Досега не се добиени извештаи за штети и не се очекува цунами.
Според извештајот на Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), епицентарот на земјотресот бил 321 километар југоисточно од главниот град на Костарика, Сан Хозе, а се случил на длабочина од два километра.
Според мерењата на Американскиот геолошки институт, земјотресот бил со јачина од 6,8 степени според Рихтер.
„Го почувствувавме земјотресот речиси во целата земја, но нема штети на јавната инфраструктура или повредени“, изјави Александар Солис, шеф на Комисијата за итни случаи на Костарика.
„Нашиот тим продолжува да ги следи областите погодени од земјотресот. Досега не е пријавена штета“, рече шефот на панамската цивилна заштита на „Твитер“.
Американските и панамските служби објавија дека не се очекува цунами.
Првиот земјотрес беше проследен со уште еден силен земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтер, објави ЕМСЦ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Полскиот премиер: Европа мора да ја зголеми одбраната
Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека Европа ќе мора да ги зголеми своите одбранбени капацитети за да избегне конфликти и да биде побезбедна и повторно повика на развој на заеднички европски систем за противвоздушна одбрана.
Минатата година Полска одвои речиси четири отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбраната со цел да ги зајакне сопствените воени капацитети.
На Европскиот економски конгрес на југот на Полска, Туск ги повика земјите од ЕУ да ги зголемат трошоците за одбрана за најмалку 100 милијарди евра.
„Европа мора да биде подготвена во следните десет месеци и следните пет години за ситуација во која ниту една сила нема да се осмели да крене рака против неа“, рече Туск.
„Голема сума пари (за европска безбедност) ќе ја оддалечи војната од европските граници долго време, можеби и трајно“, смета Туск, повторувајќи ја потребата од заеднички систем за противвоздушна одбрана.
„Мора да бидеме способни да го одбраниме нашето небо“, порача Туск.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така присутна на конгресот, се согласи дека Европа мора да троши повеќе за одбраната и вети дека доколку остане на чело на Комисијата, ќе предложи нови проекти во областа на одбраната. .
Таа претходно предложи назначување постојан европски комесар за одбрана.
Европа
Шпанските студенти планираат протести против Израел
Студентите во Шпанија во наредните денови би можеле да почнат протести против „геноцидот што го изврши Израел во Палестина“ по примерот на универзитетите во САД, Холандија и Белгија, изјавија нивните претставници за шпанските медиуми.
На Филозофскиот факултет во Валенсија, приморски град на југозападот на земјата, студентите веќе една недела спијат во шатори и секојдневно протестираат.
„Бараме од нашиот универзитет да ги прекине сите врски со институциите и компаниите што соработуваат со Израел“, изјави 20-годишната Естер Монге, студентка по политички науки и социологија за весникот „Ел Паис“.
Во моментот многу универзитети одржуваат состаноци, на кои студентите и професорите гласаат за блокадите на факултетите.
„Студентскиот совет ќе одлучи за активностите во наредните денови“, рече Марија Хозе Лера, координаторка на „Палестиниум“, група за солидарност со палестинските аспирации.
Лера, која има докторат по психологија на Универзитетот во Севилја, вели дека моменно се одржуваат состаноци на универзитетите во Мадрид, Сарагоса, Барселона, Жирона, Гранада и во други градови.
Во понеделникот стотици студенти се собраа пред Универзитетот во Барселона, каде што ги развиорија своите транспаренти.
„Сакаме нашите факултети да ги прекинат сите односи со Израел и компаниите што работат таму“, рече 24-годишниот Пабло Кастиља, дипломиран студент по јавна политика.
Во Мадрид сѐ уште нема протестно кампување, но има демонстрации. На автономниот универзитет во Мадрид планираното предавање за НАТО беше откажано под притисок на пропалестинските демонстранти.
Друг јавен универзитет, Universidad Complutense de Madrid, објави декларација со наслов „Со Палестина против геноцидот во Газа“.
„По влошувањето на насилството врз палестинскиот народ, ги повикуваме професорите, истражувачите и вработените во администрацијата да се спротивстават на колективното казнување на Палестинците што го спроведува Израел“, се вели во декларацијата усвоена од администрацијата на Факултетот за политички науки и социологија.
Сведоци сме на геноцидот врз палестинскиот народ, што е продолжение на децениското систематско насилство врз палестинскиот народ и неговата присилна емиграција“, се вели во декларацијата објавена на веб-страницата на Факултетот.
Свет
Италијанскиот министер за одбрана: Треба да преговараме со Путин
Италијанскиот министер за одбрана, Гидо Крозето, изјави дека санкциите наметнати на Русија не успеале и го повика Западот да направи повеќе за да преговара за дипломатско решение со претседателот Владимир Путин со цел да се стави крај на војната во Украина.
Крозето за весникот „Месаџеро“ изјави дека Западот погрешно верувал дека санкциите може да ја запрат руската агресија и го прецениле неговото економско влијание во светот.
„Наместо тоа, единствениот начин да се реши оваа криза е сите да бидат вклучени, прво да се воспостави примирје, а потоа мир“, рече Крозето. На забелешката на новинарот дека Путин не покажал волја за преговори, министерот за одбрана на Италија одговорил дека „тоа е добра можност да се потрудиме повеќе“.
„Не смееме да пропуштиме ниту еден дипломатски пат, колку и да е тесен“, посочи тој. Тој, сепак, ја бранеше одлуката на Италија да продолжи да испраќа оружје во Украина со цел „да се обезбедат време и услови за постигнување прекин на огнот и мир“.
Министерот исто така предупреди дека во случај Русија да го окупира Киев „тоа неизбежно ќе доведе до конфликт со други земји, кои нема да прифатат руски тенкови да се наоѓаат на нивните граници“.
Тој ја нарече минатогодишната украинска контраофанзива грешка со оглед на воената супериорност на Русија велејќи дека лично го предупредил украинскиот претседател Володимир Зеленски дека е осудена на пропаст, „но тој не го послушал“.