Македонија
Заев: Одлуката на УНЕСКО е предупредување дека сите мораме да го штитиме Охридскиот регион
Македонија и Албанија ќе ја засилат соработката за управување со светското и културно наследство во Охридскиот регион. Откако со консензус беше донесена одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Охридскиот Регион да не биде впишан на листата на светско наследство во опасност премиерот Зоран Заев се огласи на социјалните мрежи.
Вели дека одлуката е признание за напредокот за зачувување на вредностите на Охридскиот Регион, но и најсилно предупредување дека сите мораме да се вложуваме и постојано да го штитиме охридското, македонското, светското наследство.
„Во периодот што претстои, заедно со Албанија, ќе ја засилиме соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери, со цел соодветна рехабилитација и за бескомпромисна имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.
Северна Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебрца и со граѓаните, ќе продолжиме да работиме посветено во таа насока“, потенцира Заев.
Додаде дека нашето природно и културно наследство треба да го предадеме и на идните генерации, па затоа мора да биде заштитено. Премиерот е дециден дека со заштитата според највисоките стандарди од препораките на УНЕСКО за Охридско-струшкиот Регион се подобрува и квалитетот на живот на граѓаните и се афирмира владеењето на правото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За хаосот со пензиите единствена вина има владата на Мицкоски која ги излажа пензионерите, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски создаде тотален хаос со исплатата на пензиите, освен што ги излажа пензионерите сега се обидува вината да ја префрли на некој друг, велат од СДСМ.
„Ако власта на ДПМНЕ доставила во Собрание закон кој е неуставен не може некој друг да биде крив освен тие што го поднеле.
Прашањето е дали намерно ДПМНЕ им го направи ова на пензионерите?
Факт е дека методологијата за усогласување на пензиите ќе донесеше повеќе пари кај пензионерите а немаше да го доведе под прашање одржливоста на Фондот каде дупката е над 1 милијарда евра.
Дополнително, ДПМНЕ исклучи 12.000 пензионери од усогласувањата и зголемувањата на пензиите согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување“.
Во меѓувреме како што велат, има Одлука на Комисијата за заштита од дискриминација, која потврдува дека е сторена дискриминација и даваат рок за да направат измени на Законот кој се уште не е поднесен.
„Веќе има и судски тужби кои ќе ја чинат државата многу. Со катастрофално лошите политики на ДПМНЕ дупката во Фондот за ПИОМ е над 1 милијарда евра, односно толку пари државата ќе префрла за да можат да се сервисираат секој месец пензиите. Ова е реалноста а се друго е спин од страна на власта“, според СДСМ..
Македонија
Жители на Чучер-Сандево тргнаа во наплата на изборните ветувања: ја бараат ветената канализација од градоначалникот Зоран Бајовски
Со уредно платени комуналии за куќите, жители на четири улици кои припаѓаат на Општина Чучер-Сандево, иако се многу поблиску до Бутел, бараат новиот градоначалник да го реализира предизборното ветување и да им изгради канализација. Претставници на улиците Бел Камен, Бутелска 31,33 и 35 побараа прием и го потсетија новоизбраниот градоначалник на Општина Чучер Сандево, Зоран Бајовски, дека нивниот децениски проблем треба да го стави на листата приоритети, токму како што и ветуваше пред изборите.

Улицата Бел Камен е претворена во решето оти кој како стигне ја прекопува, се пожалија жителите
„Му оставивме неколку недели на новиот градоначалник да се прилагоди на функцијата, но не можеме повеќе да молчиме. Со децении ниту еден досегашен градоначалник не се амбицираше да го реши проблемот со канализацијата, а сите ветуваа дека ќе го решат. Побаравме известување од градоначалникот во која фаза е изградбата на најавената канализација оти на терен нема никакви активности, побаравме да ја обнови улицата Бел Камен која е претворена во решето оти кој како стигне ја прекопува, а бараме и жителите од овој дел од општината да гласаат во соодветната општина, не половина да гласаат во Бутел половина во Чучер Сандево, како што е сегашното решение“, вели претставник на жителите на четирите улици.

На делови од улицата Бел Камен речиси и да нема траги од асфалт
Покрај тоа што усно му ги кажале барањата, жителите од четирите улици му ги доставиле на градоначалникот барањата и во писмена форма. Му оставиле рок од 15 дена во кој ќе чекаат одговор, а доколку не го добијат ќе ги известат сите надлежни институции, а не ја исклучуваат и можноста за протести оти се решени да не дозволат да истече уште еден градоначалнички мандат без решение на проблемот.
Градоначалникот Бајовски вели дека веќе работи на изнаоѓање конкретни решенија на сите проблеми што му ги посочиле жителите и уверува дека ќе ги реши децениските проблеми кои му паднало да ги решава токму нему оти претходниците не направиле разлика.

Градоначалникот Бајовски вели дека прво ќе го стокми буџетот па потоа ќе почне со реализација на ветувањата
„Сите овие се проблеми кои не се од сега туку од децентрализацијата во 2005 година, но ќе ги решиме. За канализацијата на Бел Камен и улиците Бутелска 31,33 и 35 веќе се подготвуваме за нарачка на проект оти со сегашните проекти не се целосно опфатени. Еден дел ќе бидат опфатени со проектот за Кучевишка Бара, друг дел, оние куќи што се под патот на Бел Камен , заедно со повисоките делови од Бутелска 31,33 и 35 треба да се стават во нов проект оти нив ги нема во ниту еден досегашен. Мојата идеја е за нив да се направи посебен проект со вод кој што ќе оди покрај коритото на Серава за што ќе ни треба соработка со Општина Бутел, но сепак ќе има куќи кои се пониски од нивото на планираните канализациски водови за кои жителите бараат пумпи, но последниот збор за тоа ќе го имаат проектантите. Ќе направиме се што е изводливо“, вели градоначалникот Бајовски за „Макфакс“.
На општинарите им претстои подготовка на буџетот за 2026 година во кој треба да бидат предвидени средства за канализацијата и за обнова на улицата, а конкретни чекори градоначалникот Бајовски најави веќе во јануари.
Македонија
Облачно време со врнежи од дожд и температуриа до 9 степени
Времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни во источните делови (над 35 l/m²). На планините врнежите ќе бидат од снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд. Во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Утре на планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Од недела времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и таму температурата ќе остане пониска.

