Регион
Радев: Нема да дозволиме кршење на правата на Бугарите во Северна Македонија

Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест, изјави бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со својот австриски колега Александар ван дер Белен.
Политиката на ЕУ за проширување кон Западен Балкан беше меѓу темите на кои разговараа претседателите на Бугарија и Австрија. На средбата било истакнато дека европската интеграција на земјите од регионот е во интерес на стабилноста и економскиот развој на Европа.
Радев, како што пренесуваат медиумите, истакнал дека Бугарија во принцип и доследно ја поддржува европската перспектива на регионот, која сепак не треба да биде ограничена на формални фази во процесот на пристапување и не може да им наштети на интересите на земјите членки на Унијата и нејзините вредности.
Во врска со напредокот во европската интеграција на Република Северна Македонија, шефот на бугарската држава изјавил дека очекува јасна политичка волја од нашата земја за спроведување на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, потпишан 2017 година.
„И покрај фактот што во Скопје тврдат дека ги исполнуваат критериумите за пристап, ние сè уште сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на РСМ со бугарско потекло и нивна дискриминација, сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавноста. Напредокот и решавањето на овие прашања зависат исклучиво од политиките на РСМ, со кои Бугарија постојано изразува подготвеност да се вклучи во конструктивен и отворен дијалог. Ова е начинот да се создаде клима на доверба и да се постигнат конкретни, одржливи и неповратни резултати, што ќе доведат до почеток на преговорите за членство во ЕУ“, рече Румен Радев.
Тој истакна дека во рамките на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, Бугарија е подготвена да работи на постигнување напредок на чувствителни прашања и на решенија прифатливи за двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.