Македонија
Маричиќ: Стартува меѓународниот мониторинг на случаите на организиран криминал и висока корупција

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, учествуваше на настанот за одбележување на активностите за мониторинг на судски процеси во областа на организираниот криминал и корупција, регионален проект на Мисијата на ОБСЕ и ЕУ во земјава.
„Искрено верувам дека следењето на судењата за случаи на корупција на високо ниво и организиран криминал навистина може да биде еден од начините за постигнување позитивни резултати. Ќе ја зголеми одговорноста во работењето на обвинителите и судиите, истовремено ќе ја зајакне борбата против корупција, но и ќе ја зголеми довербата кај граѓаните во институциите и во својата држава“, рече Маричиќ.
Според него, фактот што ние сме првата земјава во регионот која од ЕУ побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на предмети за висока корупција, покажува дека Владата има искрена намера за неселективна правда и транспарантни судски процеси.
Во своето излагање министерот за правда, пред првите луѓе на Мисијата на ОБСЕ и ЕУ во земјата, се осврна и на важноста и придобивките од заедничката соработката, посочувајќи го проектот за мониторинг како значаен исчекор напред во борбата против корупцијата, којашто бара силна поддршка и вклученост на сите засегнати страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зелен хуман град почнува со собирање потписи за основање партија

Граѓанската иницијатива Зелен хуман град почнува процес на собирање 1.000 потписи за да основа партија.
„Драги луѓе, Зелен хуман град ја формира првата партија во Македонија која во срцето на својата политичка агенда ги позиционира социјалната правда, заштитата на животните и животната средина. ЗХГ е воедно и првата партија во историјата на Македонија што ја основаат долгогодишни волонтери, а не спонзори. Ја основаат луѓе што со години во континуитет ги вложуваат своето знаење, време, енергија, како и финансии, за да создадат здраво и функционално општество за сите – и за луѓето и за животните. Иако сме принудени да ја основаме партијата само за да имаме право да се кандидираме на избори – нашето делување останува идентично како и до сега – хоризонтално, со директна демократија и активизам, отворено за секој што ги дели нашите вредности“, велат од иницијативата.
Од таму велат дека втора изборна година по ред ја отвараат вратата на секој што смета дека има доволно знаење и ентузијазам да се придружи на нивната листа за Совет на Град Скопје.
Во изминатите 4 години, велат од таму, како дел од Советот на Град Скопје со само 2 од 45 советника успеавме да постигнеме неколку преседани.
Македонија
За една недела „пајакот“ кренал 74 возила во Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 28.07. до 02.08.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 74 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.
Македонија
Бизнисменот Душко Чифлиганец загина во несреќа со мотор

Младиот бизнисмен Душко Чифлиганец загина на 32-годишна возраст во несреќа со мотор во Брно, Чешка.
Тој е син на познатиот стопанственик и универзитетски професор Ванчо Чифлиганец и беше заменик-претседател на „Адора бизнис-групацијата“.
Чифлиганец беше љубител на спортскиот мотоциклизам.