Македонија
Заев: Западен Балкан не може да чека ЕУ да ги реши внатрешните проблеми за да оди напред
Со обраќања на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, и на претседателот на Владата на Република Албанија, Еди Рама, како организатори и во координација и соработка со стопанските комори на трите земји, денеска во Скопје почна Економскиот форум за регионална соработка.
Со претставници на преку 350 компании од Албанија, Србија и Северна Македонија и уште стотина претставници на стопанските комори и на деловните заедници од другите земји од Западен Балкан, како и од повеќе други земји пошироко од регионот почнува нова ера на соработката во регионот, истакна премиерот Заев во своето обраќање.
„Овој масовен одѕив да учествуваат на овој настан и да бидат активни чинители на уште посилно и поорганизирано поврзување на регионот, е силна порака дека Балканот почнува да создава највисоко ниво на разбирање дека економското поврзување и создавањето на динамичен и витален регионален економски простор е заедничка желба и амбиција“, потенцираше Заев.
Тој истакна дека неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувања за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, и на кластерите за Србија и Црна Гора, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа, и дека ние, земјите од Западен Балкан не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред.
„Нашиот регион има приближно 18 милиони луѓе и тоа е многу сериозен капитал за да ги зајакнеме нашите економии. Да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции. Тоа се остварува многу потешко доколку го правиме поединечно“, потенцираше премиерот Заев.
Тој додаде дека оваа нова енергија е израз на максималната посветеност на лидерите на трите земји за ефикасна регионална соработка.
„Ова е силна политичка волја. Се поврзуваме за развој на нашите економии, за изградба на заедничка економија, за подобар живот на секој наш граѓанин. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Очекуваме многу скоро бенефитите да се осетат во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на живот на милиони граѓани“, нагласи премиерот Заев.
Во завршницата на своето обраќање додаде дека иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан и ги повика и охраби и останатите земји од регионот да се придружат.
„Да ја направиме визијата за заеднички политички и економски простор на Западен Балкан реалност со конкретни придобивки за сите наши граѓани. Да направиме да стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар“, нагласи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Состојба по обилните дождови во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со криви направи пресек на состојбата по обилните врнежи до 18:30 часот.
Источен регион – Штип
Во моментов нема позначителни врнежи, а водостоите на реките се во опаѓање. Активностите за средување на коритото на Оризарска Река во Чешиново–Облешево ќе продолжат во понеделник. Поради претходните врнежи има зачестени одрони и свлечишта, особено на патниот правец Истибања – Делчево и кон граничниот премин. ЈП „Македонија Пат“ и СВР Штип ги одржуваат патиштата проодни.
Скопски регион
Нема нарушување на редовната состојба поврзано со обилните врнежи од дожд.
Југозападен регион – Охрид и Струга
Во Охрид, Кризниот штаб е на терен и ги контролира критичните точки. Регистрирано е излевање на реката Сушица кај ул. Прилеп, каде се интервенира со багери и се прават насипи. Во селата Орман и Дебелополе реката Далјан е со максимален водостој, но без излевање. Кај с. Вапила, надојдената вода го подјадува патот под мостот кон селото Ливоишта и ќе се интервенира со механизација. Поплавени се поголем број подрумски простории.
Во Струга се пријавени поплавени дворови во четврти реон на Мислешевски пат, како и повеќе куќи во с. Мислешево и дворови во с. Калишта. ТППЕ Струга интервенира со пумпи, а состојбата е пријавена до Општина Струга и ДЗС Струга.
Дебар
Реката Радика има зголемено, но стабилно ниво, без опасност од излевање. Сите патни правци се проодни. Забележани се помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат. Се спроведуваат повеќекратни теренски контроли во текот на денот.
Кичево
Водостоите на реките Зајашка и Треска се зголемени, но под нивото на излевање. Најкритично е кај ул. Прилепска, каде состојбата со 125 поплавени објекти е непроменета. Евакуирани се околу 150 лица и се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Екипи на ЈП „Комуналец“, ДЗС и приватни фирми работат на насипи, проширување и чистење на речното корито. За евакуираните лица е обезбедена храна, медицинска грижа, облека и основни услови за престој.
Битолско–Пелагониски регион
Во Битолско–Пелагонискиот регион се регистрирани повеќе последици од поројните врнежи, при што надлежните служби интервенираат на повеќе локации.
Поради оштетување на мост на Боишка Река, затворен е локалниот пат кон село Мренога. ЈП „Комуналец“ превентивно интервенира во населбата Мургашево со проширување на речното корито со цел заштита на околните куќи.
Поради поројните врнежи во изминатите денови дојде до поматување на водата за пиење, поради што се препорачува истата да се преврива најмалку 10 минути. Нивото на реката Црна кај с. Бучин беше покачено, но е стабилизирано и во моментов не постои опасност од излевање. За превенција, ЈП „Комуна“ ги зајакна и поткрена насипите на критичните точки.
Во општина Крушево е пријавено излевање на Крушевска Река кај мостот на патот Кривогаштани – Светомитрани. По координација со општина Кривогаштани договорена е интервенција според потребите на терен.
Во општина Долнени е пријавена штета кај жител на с. Лажани, каде се поплавени двор и приземни простории, со оштетувања и на земјоделски култури. Поплавувања се евидентирани и во селата Пешталево и Лажани поради неисчистени канали, при што интервенирано е со градежна механизација за расчистување.
Во повеќе села се регистрирани поплавени земјоделски површини:
с. Кравари – заезерени 10–20 хектари земјоделско земјиште (без опасност по објекти),
с. Жабени и с. Породин – во текот на денот беа поплавени околу 70–80 хектари, по што водата постепено се повлече.
Излевање е евидентирано и кај Елешка Река, каде беа поплавени околу 50 хектари земјоделски површини, но до попладневните часови водата се врати во коритото.
Поради оштетувања од водата, патот кон Буковски манастир беше разорно раскопан, но по интервенција на ЈП „Нискоградба“ патот е саниран и пуштен во употреба. Активни се и интервенции на свлечишта кај селата Буково, Горно Ореово и Бистрица, како и чистење на канали и речни корита на повеќе локации.
Како последица на врнежите, на повеќе места се поплавени земјоделски површини, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка. Во општина Ресен ангажирани се сите расположливи градежни машини и пумпи за црпење вода и прочистување на критичните точки.
Југоисточен регион – Струмица
Нема пријави за штети, излевање на реки или одрони. Врнежите се со послаб интензитет и состојбата е стабилна.
Североисточен регион – Куманово
Нема нарушување на редовната состојба. Реките се во коритата, а патиштата се проодни по влажни коловози. Во моментот има врнежи од дожд.
Полошки регион – Тетово
Нема пријави за материјални штети. Врнежите од снег се со слаб интензитет. Пријавени се локални проблеми со електрична енергија во делови од Гостивар, каде интервенираат екипи на ЕВН. Воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Мавровска раскрсница – Маврово – Дебар.
Македонија
ДИК: Гласањето се одвива без проблеми
Гласањето на болните и немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните локални избори, се уште е во тек, информира Државната изборна комисија.
„Според податоците пристигнати до Државната изборна комисија до 15:30 часот, од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено поправните установи, гласале 44 лица. Од вкупно пријавени 249 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, до 15:30 часот, правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. 2 лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово и Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека „досега гласањето се одвива без проблеми и на секој гласач му е овозможено непречено да го оствари своето право на глас“.
Македонија
УХМР: Водостоите остануваат високи, вечерва се очекува заладување и снег
Според податоците од хидролошките станици се уште е висок водостојот на река Сатеска, како и на река Коселска кој почнува да бележи благо намалување, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во благо намалување е и водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот но се уште е прилично висок. Останува висок и водостојот на река Треска и на река Кичевска каде сеуште со внимание треба да се следи состојбата. Исто така, во Охридско-Преспанскиот регион сеуште е висока влажноста на земјата и високи се подемните води така што можно е и понатаму да се појавуваат заезерени површини во Струшкото Поле. Водостојот на река Црна во долниот дел од сливот е во намалување но останува можноста за појава на заезерени површини во Пелагониската Котлина“, велат од УХМР.
Оттаму додаваат дека „за време на вечерните часови и ноќта се очекува заладување на времето и врнежите насекаде да бидат во вид на снег. До тогаш остануваат високи водостоите во посочените региони и останува можноста за појавување на заезерени површини во котлините и низините. Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците до крајот на денот“.

