Македонија
Портокалова фаза и денеска со температури до 43 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната од 35 до 43 степени. УВ= 9.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде 20, а максималната ќе достигне до 42 степена.
Во наредните денови ќе продолжи периодот на стабилно и многу топло време со натпросечни температури за овој период од годината. Максималните температурни вредности вдолж Повардарието за 2 до 3 степени ќе го надминуваат 40-иот степен. И во наредните денови насекаде ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче од Штип: Зад кредитот од 6 милијарди евра се крие антологиски грабеж

Позади кредитот од 6 милијарди евра се крие антологиски грабеж, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од средба со граѓаните во Штип.
„Вчера го потпишале договорот, а веднаш потоа се сретнале со фирмите кои ќе бидат изведувачи. Каков тендер, каков Закон за јавни набавки – сè е тоа една голема лага!“, истакна Филипче.
И во Штип, Филипче повтори дека долгот се префрла врз идните генерации, што значи дека секое дете што ќе се роди следните 25 години, на самиот ден на раѓање ќе биде задолжено со 6.000 евра.
Македонија
Зошто Филипче е изземен од случајот Онкологија, прашува ВМРО-ДПМНЕ

Судиите и обвинителите се клиентелисти на СДСМ кои ги штитат политичките криминалци, велат од ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение, прашувајќи зошто ексминистерот за здравство и актуелен претседател на опозициската партија, Венко Филипче е изземен од случајот Онкологија.
Партијата оценува дека Венко Филипче бил убедливо најлошиот министер за здравство во Македонија, а неговиот мандат, поврзан со скандали и злоупотреби.
„Самиот Филипче е до гуша заглавен во скандалот со Онкологија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со одлуката на ОЈО, за завршување на истрагата за случајот Онкологија, поднесени се две обвиненија. ВМРО-ДПМНЕ се повикува на членот 295 од Законот за здравствена заштита, каде што стои „Надзор над законитоста на работата на здравствените установи врши Министерството за здравство“, што, според нив, значи дека Филипче бил директно одговорен.
„Дали Филипче знаел дека не се дава онколошка терапија и дека се крадела па дури и завршувала на црниот пазар во Косово? Зошто омилениот обвинител на СДС и ДУИ, Гаврил Бубевски, не покренува истрага против Филипче, иако Филипче самиот директно или индиректно, дозволил системски хаос и непочитување на шеесетина законски одредби. Последиците од Филипче и СДС во здравството се катастрофални и штетни. Судиите избрани во Струмица и Зајас наместо да обезбедат правда, тие опструираат предмети и го продлабочуваат клиентелизмот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија заклучи дека неопходни се реформи во правосудството, односно независно судство, растоварено од политички влијанија.
Македонија
Мицкоски: На достоинствен начин продолжуваме да го негуваме животот и делото на светите браќа Кирил и Методиј

На достоинствен начин продолжуваме да го негуваме животот и делото на светите браќа Кирил и Методиј, нивната благородна мисија обединува и денес, порача премиерот Христијан Мицкоски во честитката по повод празнувањето на 24. мај.
„Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата да ви го честитам 24 Мај Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.
Чествување на браќата Кирил и Методиј кои се темелот на писменоста на словенските народи и основачи на словенската азбука Глаголица по која се создаде и кирилското писмо, е доказ дека нивната благородна мисија и ден денес обединува.
Браќата Кирил и Методиј уште тогаш ја промовирале визијата дека силата на еден народ и држава е во образованието и науката и неговата писменост. И токму благодарение на нивната духовност, посветеност, денеска и ние можеме да ја развиваме сопствената култура, образование и наука на мајчиниот јазик.
Нашата заложба е преку образованието кое е темелот за опстанокот и развој на една држава да создаваме идни генерации кои ќе продолжат да ги негуваат вредностите на Македонија.
Овие двајца браќа, благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок — писмото, словото, гласот на нашиот идентитет.
Таа борба за право на свој глас, право на своја духовност, е основата на нашата вековна борба за самостојност, идентитет, и национално достоинство.
Нивната мисија продолжува преку секој ученик што учи да чита, секој писател што твори, секој наставник што пренесува знаење. Тие не се само минато — тие се вековен мост кон иднината.
Нека е честит 24 мај Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј“, се вели во честитката.