Култура
„Наша вечер во Охрид“ со Иван Босиљчиќ вечерва на Охридско лето

„Наша вечер во Охрид“ е насловот на програмата што вечерва во рамките на Охридско лето ја носи големиот и признат драмски уметник и актер Иван Босиљчиќ од Србија.
„Нашата вечер во Охрид“ е нова програма, специјално составена за долгоочекуваната средба со публиката на фестивалот Охридско лето. Стиховите на Бодлер, Есенин, Блаже Конески, Анте Поповски, Алекса Шантиќ, Милан Ракиќ – ќе бидат обоени со гитарската вибрација на фадо-звукот, ориентот и класичните ноти. За тоа ќе биде задолжен професорот по класична гитара и композитор Горан Ковачиќ, како и маестро Зоран Стојановиќ, кој веќе три децении живее во Португалија, од каде што со себе го носи искуството од настапите и соработките со ѕвездата на фадо-музиката Дулче Понтес.
Повеќе од една деценија Босиљчиќ, покрај богатата театарска и интернационална филмска кариера, е посветен на изведбата на авторски поетски проекти. Како голем почитувач на српската и на светската литература, тој креира и изведува интимни театарски исповеди, раскажани низ стиховите на големите поети. Со голем успех неговите претстави се изведувани во голем број театри и концертни сали во целиот Балкански Регион – почнувајќи од белградскиот Дом на синдикатите и операта „Мадленијанум“ преку Македонската опера и балет и Универзалната сала во Скопје, Новосадскиот национален театар и многу други, а успешно се претставува и во: Австрија, Шведска, Швајцарија, Норвешка, Исланд и во Канада.
Возбудата што ја носат неговите претстави е уникатен спој на драмска претстава и концерт, форма што е посебна и ретко видена на нашите простори.
Програмата на Босиљчиќ ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Седумдесет поети од земјава и странство на 64. издание на Струшките вечери на поезијата

Од 21 до 25 август по 64-ти пат ќе се одржат Струшките вечери на поезијата, а Струга уште еднаш ќе биде центар на светската поетска сцена.
Седумдесет поети од земјава и странство, критичари, преведувачи и литературни работници ќе учествуваат на манифестацијата.
Покрај лауреатот, словачкиот поет Иван Штрпка, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, полскиот поет Матеуш Шимчик, на 64-тите Струшки вечери на поезијата учество ќе земат еминентни поети од Македонија, Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, Литванија и земјите од соседството…
Покровител на манифестацијата е претседателката на Република Македонија Гордана Сиљаноска Давкова, а како национална установа е финансирана од Министерството за култура и туризам.
Директорот на Националната установа манифестација „Струшки вечери на поезијата“, Никола Кукунеш денеска на прес-конференција информира дека фокусот на годинашното издание ќе биде Глаголицата, како една симболична врска, мост кој обединува низ вековите. Врска меѓу Македонија и Словачка уште од времето на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј и поетска Словачка што ни доаѓа преку лауреатот Иван Штрпка.
„Токму затоа за промоција на годинашното издание подготвени се графички и видео содржини кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд кој реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик. Традиција или врска која што надминува временски период од 1.160 години. Годинава, манифестацијата ги подвлекува овие вредности што како традиција ги имаме во поглед на литературното создавање и несомнено и во поезијата, бидејќи се појавува уште со почетоците на писменоста кај нас. Тоа значи дека и литературата и јазикот и поезијата своите корени ги влечат далеку во минатото, а нивните рефлексии и одеци ги слушаме и денес“, рече Кукунеш.
Според него, Струшките вечери на поезијата не се локална организација ниту локален настан, туку ги надминуваат границите на државата и се широко етаблирани и познати во светот.
„Она кое се обидуваме подолго време да го потврдиме како некаква теза која вреди да се воочи и да се сфати како факт е дека Струшките вечери на поезијата не се локална организација и не се локален настан. Освен тоа што се национални, ги надминуваат рамките на државата. Манифестацијата е широко етаблирана и позната во светот. Она што мора да го разбереме е дека вложувањето токму во таа меѓународна промоција на нашиот јазик и култура е тоа за кое што оваа манифестација е всушност наменета и тоа е нејзината основна цел“, подвлече Кукунеш.
Култура
Јовановиќ: Прикажавме силно авангардни и ангажирани филмови на унгарската филмска вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“ викендов во копродукција со МФФ Киненова беа прикажани унгарските филмови „Три илјади изброени парчиња“ и „Без здив“.
Кинo-проекциите се одржаа во Центарот за култура „Григор Прличев“, а беа дел од Унгарската вечер на фестивалот, која беше поддржана од Унгарската амбасада и Општина Охрид.
– Силно авангардниот и ангажиран филмт „Три илјади изброени парчиња“ во режија на Адам Чаши ја отвори филмската вечер, а продолжи со филмот „Без здив“ во режија на Каталин Молдовај.Настанот привлече бројна публика, а филмот „Три илјади изброени парчиња“ кој е силно ангажиран и авангарден филм сметам дека предизвика силни импресии кај присутите со темата за дискринимација на одредени малцинства во европските општества, вели Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова.
Култура
Почина актерот Теренс Стамп, познат по улогата на негативец во филмот за Супермен

Теренс Стамп, британсски актер кој имаше кариера долга шест децении во филмот, почина на 88-годишна возраст, јавува Би-Би-Си.
Стамп, кој беше номиниран за Оскар, глумеше во бројни филмови, а исто така ја играше и улогата на главниот негативец, генерал Зод, во филмовите за Супермен.
Стамп починал утрово, соопшти неговото семејство.
„Зад себе остави извонреден опус, како актер, така и како писател, кој ќе продолжи да ги допира луѓето во годините што доаѓаат,“ изјавија тие.