Економија
438 невработени лица ќе бидат опфатени со меркaтa за субвенционирање плати, најави Министерството за труд

Дополнителни 438 невработени лица ќе бидат опфатени со меркaтa за субвенционирање плати преку Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот. Владата на Република Северна Македонија, на последната седница, преку пренамена на средства во Оперативниот план во износ од 100.000.000 денари обезбеди поголем опфат на невработени лица.
Со овој вид поддршка, бројот на невработени лица што ќе бидат опфатени со мерката субвенционирање плати, од 866 ќе се зголеми на 1.304. На тој начин вкупниот опфат на невработени лица со Оперативниот план ќе се зголеми од 10.279 на 10.717 лица, посочуваат од Министерството за труд и социјална политика.
Додаваат дека со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување, кои ќе обезбедат создавање нови работни места, поддршка за креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, особено на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош, како и поддршка на невработените лица на кои престанокот на работниот однос им е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради коронавирусот.
Првпат оваа година, како што истакнуваат од Министерството, во Оперативниот план се предвидени три принципи, според кои приоритет се дава на лицата што ја изгубиле работата поради пандемијата на Ковид-19, потоа принципот на диверзитет и инклузивност и принципот на рамномерен регионален развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Над 8 милијарди денари исплатени субвенции за земјоделците, рече Мицкоски

Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со податокот за следење на состојбите во земјоделството во Македонија, соопштен од Државниот завод за статистика, изјави:
„Имаме двоцифрен раст на аутпутот, односно зголемување на цените кон откупувачите, коишто генерално оди за извоз, и би рекол незначителен 1,2 2 % зголемен импут во трошоците, во расходната страна на земјоделците. И тоа е веќе неколку месеци и тоа е одлично. Тоа е одличен параметар, тоа значи повеќе пари за инвестиции и повеќе пари за земјоделците.“, информираше премиерот.
Што се однесува до поддршката која ја дава оваа Влада за земјоделците, премиерот напомена дека изминатата година се дадени повеќе од 8 милијарди денари, пари за исплата на заостанати субвенции од 2021 година.
„Од 2021 плаќавме од 2021, 2022, 2023-та и 2024-та година, мислам дека е заокружена. Сега треба да се размислува за тековната година. Така што од 2021 година се плаќаат заостанати субвенции од 8,6 милијарди денари, од прилика.“, објасни Мицкоски.
Економија
Средба на гувернерот Славески со ММФ: Народната банка е професионална, независна и кредибилна институција

Претставниците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја истакнаа улогата на Народната банка како професионална, независна и кредибилна институција, којашто со своето делување значително придонесува за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност во земјава. Тие искажаа задоволство од досегашната проактивност во водењето на монетарната политика и постојаното унапредување на регулативната и супервизорската рамка.
Оваа порака беше упатена за време на првата официјална средба на гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, со регионалниот претставник на ММФ, Себастијан Соса и новиот шеф на Мисијата на ММФ за нашата земја, Ник Гигинеишвили. Средбата се одржа во духот на продолжувањето на долгогодишната и конструктивна соработка, во интерес на одржувањето стабилен и отпорен економски систем.
Гувернерот Славески во своето обраќање ја истакна определбата на Народната банка за одржување на стабилноста, како и за понатамошно унапредување на независноста, транспарентноста и кредибилитетот на институцијата. Тој истакна дека Народната банка и во иднина ќе биде внимателна и проактивна при водењето на монетарната политика, постојано следејќи ги и анализирајќи ги и внатрешните, и надворешните ризици.
На средбата беа споделени мислења за сегашната економска и финансиска состојба, со осврт на светските економски движења и на нивните можни ефекти врз домашната економија. Соговорниците се осврнаа и на оцените и препораките од последната мисија на ММФ во рамките на редовните консултации според членот IV од Статутот на Фондот.
Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошна силна соработка и координација, заради навремено справување со потенцијалните предизвици и поттикнување стабилен развој. Соговорниците се согласија дека за справување со предизвиците од светската економска сцена се потребни конзистентни, одговорни и усогласени политики, при што постојаната поддршка и експертиза од страна на меѓународните партнери, како што е ММФ, има огромно значење.
Економија
Инженерите повикаа да престане фактурирањето врз основа на измислена потрошувачка за струја: „Регулаторната ја штити ЕВН“

Здружението Инженери на Македонија повторно се огласи по претставката што ја поднесе на 29 мај кога во сила стапи новиот Закон за енергетиката.
Од тука велат дека добиле одговор од Регулаторната комисија за енергетика, кој е типичен пример на институционална покорност пред енергетскиот оператор ЕВН и очигледен доказ за нефункционирање на регулаторниот систем во заштита на јавниот интерес.
„Во нашата претставка баравме итно укинување на член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, затоа што е во директна спротивност со член 185 од новиот Закон за енергетика. Дополнително побаравме итен вонреден надзор над ЕВН. Баравме РКЕ да упати јавен повик до граѓаните да пријавуваат незаконски издадени фактури. Баравме да се повика ЕВН на одговорност за континуираното прекршување на законските и договорните обврски“, велат инженерите.
Суштината на нивната претставка беше да истакнат дека мерењето на потрошената енергија е технички процес што го изведува мерниот уред, а отчитувањето е акција на операторот за прибирање на тие податоци. Се потенцира дека без отчитување, не постои правна основа за реална фактура. Сѐ што се фактурира без реален податок од мерниот уред, освен ако уредот е технички расипан, е спротивно на Законот за енергетика, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за облигациони односи и самиот Устав.
„Во одговорот што го добивме наместо Регулаторната комисија да ја суспендира примената на членот 31, кој дозволува паушално фактурирање дури и кога има валиден измерен податок, таа тврди дека тој член останува во сила сè додека не се донесат нови подзаконски акти, иако истиот е очигледно спротивен на член 185 од Законот. Со тоа, РКЕ свесно го крши уставното начело според кое секој пропис мора да биде во согласност со закон. Подзаконски акт кој е спротивен на закон автоматски ја губи правната сила. Уште пострашно е што Комисијата во својот обид да го оправда системот, се повикува на обврски на МЕПСО (операторот на преносниот систем) иако темата на претставката се однесува на мерење и фактурирање кај домаќинства, што е исклучива надлежност на ЕВН Електродистрибуција и ЕВН Хоум, универзалниот снабдувач. Ова или укажува на неспособност за разбирање на правната и техничката структура на енергетскиот систем, или на намерно заматување на одговорноста, а патем еден член на Регулаторната комисија за енергетика е стручно лице за правни прашања од областа на енергетиката“, велат од Здружението додавајќи дка регулаторот дури отворено признава дека се обратил до Министерството за енергетика за „мислење“, како да е некаков пасивен извршител без самостојна надлежност.
Потсетуваат дека Регулаторната комисија, според член 46 од Законот е независно тело кое има целосна обврска да постапува по закон. Толкување на закони може да даде исклучиво Собранието. До тогаш, законот се применува таков каков што е. Барање мислење, според нив, не е основ за продолжена примена на незаконска пракса.
Оценката е дека со ваквото однесување, РКЕ ја погазува својата основна функција. Наместо да врши надзор над пазарот, како што ѝ е наложено со член 55 од Законот, таа активно го толерира кршењето на правата на потрошувачите, ја штити компанијата што има доминантна позиција на пазарот и дозволува нејзината волја да биде над законот.
Бараат веднаш да се суспендира примената на членот 31, да се поведе вонреден надзор над ЕВН и да престане практиката на фактурирање врз основа на измислена непроверлива потрошувачка. Најавија и други граѓански мерки за да се спроведе законот.