Македонија
Град Скопје ќе им додели по 10.000 денари на 194 пожарникари што учествуваат во гаснењето на пожарите
Град Скопје ќе им додели парични награди од 10.000 денари на 194 пожарникари, кои се дел од 3 екипи што со 3 возила на Противпожарната бригада на Градот, придружувани со 3 цистерни вода, учествуваат во гаснењето на пожарите што ја зафатија РС Македонија.
Паричните награди, како што посочуваат од Градот, им се доделуваат заради нивниот вонреден ангажман во гаснењето на пожарите и надвор од територијата на град Скопје, односно нивната пожртвуваност да им помогнат на жителите и на сите други учесници во гаснењето на огнената стихија што ги зафати Старо Нагоричане, Кочани и Пехчево.
„За да им овозможи што подобри и побезбедни услови за работа на пожарникарите, Град Скопје континуирано вложува во човечкиот, но и во преостанатиот инфраструктурен потенцијал, како нова, модерна и побезбедна опрема и возила за Противпожарната бригада. Во изминатите 4 години Град Скопје им ги зголеми платите на пожарникарите, а се зголемува и капацитетот на бригадата, односно се вработени вкупно 41 пожарникар, а во тек е конкурсот за вработување уште 20 пожарникари; со што се доближуваме и до исполнување на европските стандарди во согласност со кои пропорцијата треба да биде еден пожарникар на 1.500 жители“, соопштија од Град Скопје.
Дообјаснуваат дека се вложува многу во опремувањето на Противпожарната бригада, односно набавено е ново специјализирано возило – 45-метарска противпожарна скала, со која брзо и ефикасно ќе може да се спасат сите граѓани што живеат и повисоко од 5. кат на скопските висококатници. Ова повеќенаменско возило има и дополнителна опрема, како пумпа за вода, со капацитет од 45.000 литри во минута, а самата скала може да се користи и како кран за подигање товар од 4 тони. Според Град Скопје, набавени се и нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли, кои ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури. 35 години старата аналогна телефонска централа е заменета со современа нова дигитална централа, а набавена е и опрема за справување со шумски пожари, со што се подига нивото на заштита на природата на комплексите Водно, Сарај и Матка, информираат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 10.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Михаил и Ефтихиј и Георги Димитров. (општина Кисела Вода)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), со услови за невреме со појава на грмежи и силен ветер. Во текот на денот ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во делови од котлината со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во сабота наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со силен ветер и појава на грмежи. Во недела поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Во понеделник и вторник ќе има стабилизирање на времето, а утринската температура значително ќе опадне.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.

