Свет
(Видео) Деветгодишно девојче било силувано од свештеник и тројца мажи, ја убиле и го запалиле телото

Стотици луѓе протестираа во индиската престолнина Делхи четврти ден по ред поради наводно силување и убиство на деветгодишно девојче од една од најзагрозените индиски касти.
Демонстрантите одеа држејќи транспаренти и бараа сторителите на злосторствата да бидат казнети за она што го направија, пренесуваат светските агенции.
„Сакаме правда, правда за ќерките на Индија“, извикуваа тие.
Мајката на девојчето ја испрати да донесе вода од блискиот крематориум во Делхи во неделата вечерта.
Еден час подоцна, таа беше пронајдена мртва во влажна облека, со крвав нос, со модринки на рацете и нозете и помодрени усни на подот од крематориумот, објави „Дејли мејл“.
Родителите на девојчето ги обвинија хинду-свештеникот и уште тројца мажи дека ја нападнале.
Мајката рече дека ѝ се заканувале кога се противела на кремирањето на ќерка ѝ.
Полицијата регистрира случај на групно силување и убиство и ги уапси мажите.
Таткото на девојчето рекол дека додека стигнал до крематориумот, придружуван од речиси 150 селани, телото на неговата ќерка главно било изгорено.
Свештеникот и неговите помошници ја заклучија вратата и насилно го кремираа телото на девојчето и покрај протестите на мајката, а таткото на девојката и соседите, кои дојдоа во меѓувреме, ги фатија свештеникот и тројца помошници, кои потоа, според локалните медиуми, признале дека ја силувале девојката.
Таткото и селаните го изгаснале пожарот, но тој успеал да ги спаси само нозете на девојчето, што значи дека полицијата не може да докаже дека била силувана.
Напаѓачите беа обвинети за групно силување, убиство и за сексуален напад врз дете.
Лекарите што ја извршија обдукцијата рекоа дека изгореното тело им оневозможило да ја утврдат точната причина за смртта.
Девојчето било член на најниската Дали-каста, некогаш позната како недопирлива, и живеела питајќи пред муслиманскиот суфиски храм.
Случајот предизвика гнев во Индија, демонстрантите ги запалија сликите на премиерот Нарендра Моди обвинувајќи го дека не го осудува нападот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Индонезија, Азербејџан и Пакистан – три земји во преговори за мировна мисија во Газа

Американски официјален претставник изјави дека Индонезија, Азербејџан и Пакистан разговараат со САД за можноста да испратат војници во идната меѓународна мисија за стабилизација на Пojaсот Газа, објави американски функционер од одбраната, кој побарал да остане анонимен поради чувствителноста на преговорите, јавува „Политико“.
Ова е дел од планот во 20 точки за мир предложен од Доналд Трамп, кој предвидува привремени сили за обука и поддршка на палестинската полиција и соработка со Египет и Јордан.
САД нагласуваат дека американски војници нема да влегуваат во Газа, туку ќе дејствуваат од координативен центар северно од Израел. Египет, Катар и ОАЕ ќе имаат свои официри таму. Досега нема официјални потврди од трите земји.
Целта на мисијата е привремено да се обезбеди обука на палестинските безбедносни структури и да се овозможи разоружување на Хамас. Аналитичари и дипломати ја доведуваат во прашање изводливоста на планот, а формирањето на силите може да трае неколку месеци од моментот на одлуката.
Свет
„Борбата не е завршена“ – Нетанјаху решен да ги врати сите тела на заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел е решен да ги врати сите тела на заложниците што сè уште се во рацете на Хамас.
Тој ја повтори својата порака за време на одбележувањето на втората годишнина од нападот на Хамас велејќи:
„Борбата уште не е завршена, но едно е јасно – секој што ќе крене рака против нас, ќе плати висока цена“.
Израел го обвини Хамас за прекршување на договорот за примирје, според кој сите заложници – живи и мртви – требало да бидат предадени до понеделник. Хамас предаде 20 живи заложници и девет тела, но тврди дека за другите му е потребна специјална опрема за пребарување под урнатините.
Министерот за одбрана Израел Кац порача дека ако Хамас не го почитува договорот, Израел во координација со САД ќе ја продолжи офанзивата до целосен пораз на организацијата.
Свет
Мерц предлага заем од 140 милијарди евра за Украина, обезбеден со рускиот замрзнат имот

Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека на претстојниот самит на ЕУ ќе предложи Украина да добие заем од 140 милијарди евра, гарантиран со замрзнатиот имот на Руската централна банка.
Средствата би биле наменети исклучиво за финансирање на одбраната, а Киев би ги вратил дури по добивањето репарации од Русија.
Планот е усогласен со иницијативата на Урсула фон дер Лајен за користење на руските средства како гаранција, без директно задирање во нив.