Свет
(Видео) Јапонија одбележува 76 години од атомскиот напад над Хирошима
Денеска, во јапонскиот град Хирошима се одржува комеморација по повод атомскиот напад над овој град, кој беше прв таков напад во историјата на човештвото, што предизвика страшно уништување, анализираат светските медиуми.
Според нив, годинашната комеморација е засенета со одлуката на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) да не повика на минута молчење за жртвите оваа година.
Преживеани, роднини и само мал број странски лидери присуствуваа на утринската церемонија во Хирошима, западна Јапонија, за да им оддадат почит на жртвите и да повикаат на светски мир.
За време на пандемијата на коронавирусот јавноста беше исклучена од церемонијата како и во 2020 година, но таа можеше да ја следи на интернет.
Учесниците со маски на лицата и во црни костуми, во 8.15 часот, време кога американската атомска бомба падна врз градот пред 76 години, одржаа минута молчење во чест на жртвите.
Преживеаните и градската влада на Хирошима неодамна му предложија на МОК да ги покани спортистите да се придружат во Токио за да им оддадат почит на жртвите.
Но, претседателот на МОК, Томас Бах, не го прифати предлогот, само рече дека церемонијата на затворање на МО во неделата ќе биде можност да им се оддаде почит на сите жртви на трагичните настани во светската историја.
„Жално е, иако ја цениме посетата на претседателот Бах на Хирошима“, изјави градскиот службеник Томохиро Хигаки пред Игрите.
Бах ја посети Хирошима на 16 јули за да го означи почетокот на традиционалното олимписко примирје кога сите непријателства во светот ќе престанат за време на Олимписките и Параолимписките игри.
Бах положи венец на споменикот со имињата на жртвите од атомската бомба, го посети Меморијалниот музеј на мирот и разговараше со преживеаната жртва.
Во таа пригода тој рече дека МО во Токио е светло на надеж за подобра и помирна иднина.
Неговата посета, сепак, предизвика критики во Јапонија. На интернет е иницирана петиција,потпишана од повеќе од 70.000 луѓе, кои сметаат дека тој ја искористил Хирошима за да ги поттурне Олимписките игри во Токио бидејќи јапонската јавност и медицинската заедница се противеа на одржувањето на Игрите поради пандемијата.
Во бомбардирањето на Хирошима загинаа 140.000 луѓе од август до декември 1945 година, а во бомбардирањето на Нагасаки на 9 август истата година загинаа 74.000 луѓе во истиот период. Јапонија капитулира на 15 август 1945 година, со што заврши Втората светска војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
ЕУ ги укинува санкциите за Косово и ја отклучува финансиската помош
Европската Унија е подготвена да ги укине санкциите што ги воведе против Косово во 2023 година поради тензиите на северот на земјата и ќе ја отклучи финансиската помош, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Земјите од ЕУ воведоа казнени мерки против Косово откога владата на премиерот Албин Курти не одговори на повиците на ЕУ и САД за смирување на немирите на северот со мнозинско српско население по најлошото насилство за повеќе од една деценија.
Мерките вклучуваа суспендирање на посетите на косовски претставници на ЕУ и задржување голем дел од економската помош на ЕУ.
„Добри вести за Косово“, рече Фон дер Лајен во објава на X. „Планираме 216 милиони евра финансиска помош и имаме намера да ослободиме 205 милиони евра на почетокот на следната година“, напиша таа.
Насилството избувна во северно Косово во 2023 година откога градоначалниците од етничките Албанци ја презедоа функцијата со победа на локалните избори. Изборите беа бојкотирани од Србите барајќи спроведување договор стар десет години, со кој им се дава поголема автономија.
30-ина мировници на НАТО, кои ги чуваа градските собранија, беа повредени во судирите со српските демонстранти, а повредени беа и 52 Срби.
Фон дер Лајен рече дека ЕУ одлучила да ги укине мерките откога српските градоначалници ја презедоа функцијата по локалните избори во октомври.
Косово треба да одржи нови парламентарни избори на 28 декември бидејќи не успеа да формира влада по изборите во февруари.
фото/депозитфотос
Свет
„Тажен кактус“: Норвешка се брани по бранот критики за новогодишната елка во Лондон
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ајде одговори на бранот критики што се појавија во британската јавност во врска со елката што Норвешка традиционално му ја донира на Лондон и која беше поставена на плоштадот Трафалгар.
Во некои британски медиуми и на социјалните мрежи изгледот на елката беше оценет како разочарувачки, со иронични споредби со тажен кактус и тврдења дека елката изгледа како да е зафатена од торнадо. Сепак, Ајде нагласи дека станува збор за симбол, чија вредност далеку ги надминува естетските впечатоци.
Тој потсети дека елката е непроценлив подарок и дел од традицијата што трае од 1947 година кога Норвешка првпат ѝ ја подари елката на Велика Британија како знак на благодарност за нејзината поддршка за време на Втората светска војна. Според него, елката е исто така симбол на долгорочно партнерство и пријателски односи меѓу двете земји.
„Многу се гордееме на нашата елка и на оваа традиција“, рече Ајде нагласувајќи дека значењето на овој гест не може да се мери само со визуелни впечатоци.
Фото: депозитфотос
Свет
Зеленски: Украина нема да се повлече од регионот Донецк
Украина не е подготвена да се повлече од регионот Донецк, а Русија се стреми целосно да го преземе Донбас, изјави денес претседателот на Украина Володимир Зеленски наведувајќи дека Соединетите Американски Држави во моментот бараат компромисно решение.
„Сите ја знаеме позицијата на Русија. Тие сакаат да го окупираат целиот Донбас, а сега сакаат ние да се повлечеме од Донбас. Ова е нивниот отворен став. Нашиот став е исто така отворен – ние не сме подготвени да преземеме такви чекори, а Соединетите Американски Држави бараат компромис“, рече Зеленски како одговор на прашања од новинари, објави „Укринформ“.
Зборувајќи за разговорите за мировниот план од 20 точки и безбедносните гаранции, Зеленски рече дека украинските и американските преговарачки тимови ќе одржат серија состаноци во САД в петок и в сабота.
Според него, темите на разговорите ќе бидат мировниот план, безбедносните гаранции, договорот за обнова на Украина и други можни чекори.
Тој додаде дека украинскиот тим веќе е на пат кон САД и дека американската страна очекува нивно пристигнување, а можно е и присуство на европски претставници.
Претходно, Зеленски изјави дека следната рунда украинско-американски преговори ќе се одржи во САД по консултациите меѓу Вашингтон и Москва наведувајќи дека состаноците би можеле да се одржат веќе во текот на викендот, објави „Танјуг“.
Фото: депозитфотос

