Регион
Климата на Балканот ќе биде уште полоша, климатолозите со црни предвидувања
Климатските промени во нашиот регион ќе предизвикаат уште повисоки температури, суши, поплави, но и спротивни крајности, предупредуваат климатолозите.
Многу делови од светот се борат со катастрофални пожари во последните недели, а Балканот е меѓу оние што се најтешко погодени. Огнот зафати огромни области во Турција и Грција, однесе и животи, додека пожарите, во помала мера, ја опустошија и Северна Македонија, Косово, БиХ и Хрватска.
Причината е јасна – земјите од регионот ова лето бележат многу високи температури, а некои од нив забележаа највисока топлина досега. Во Грција се измерени 46,3 Целзиусови степени, а во Турција 49,1 Целзиусови степени и токму во овие две земји беснеат најтешките пожари, кои со помош на ветрот брзо се шират, велат експертите.
Многумина од нив се согласуваат дека овие пожари се само една од последиците од климатските промени што брзо ги менуваат условите за живот на нашата планета, вклучувајќи го и Балканот, што, според климатолозите од регионот, ваквите лета едвај ги преживуваме, но како што велат ќе следат уште полоши во годините што доаѓаат.
Крешо Панџиќ, климатолог од Државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска, тврди дека јуни и јули оваа година статистички биле значително потопли од повеќегодишниот просек од 1981 до 2010 година, со почести екстремно топли периоди кои влијаат врз здравјето на луѓето.
„Климатските сценарија предвидуваат зголемување на фреквенцијата на топлотни бранови во Југоисточна Европа во наредните години или децении, во зависност од сценариото за емисија на стакленички гасови“, рече Панџиќ, кој предупреди за последиците од високите температури.
Сепак, топлината е само дел од промените и може да се каже – мал дел од проблемот – бидејќи високите температури нужно ќе предизвикаат бројни екстремни феномени и временски непогоди кои досега не беа вообичаени на нашите простори.
Едно од нив, тврди Панџиќ, е појавата на т.н „пијавици“, ветрови кои со својата моќ се повеќе ќе личат на торнадата што ја пустошат Северна Америка.
„Општо земено, во наредните години се предвидува зголемување на фреквенцијата и интензитетот на екстремните временски и климатски настани во сите сезони, како што се зголемување на врнежите, што може да предизвика особено поројни поплави, а во исто време почести и може да се очекуваат подолги суши, особено во лето. Постојат повеќе деструктивни атмосферски вртлози – пијавици – и на копно и на море, чија разорна моќ се повеќе може да се спореди со торнада, чија појава е далеку најизразена во Големите рамнини во Соединетите Американски Држави“, вели Панџиќ.
Средоземното Море, предупредуваат експертите, не е она што некогаш беше.
„Се претвора во тропско море. Климатските промени не се закана за иднината, тие се закана денес, за што сведочат научниците, рибарите, нуркачите, крајбрежните заедници и туристите. Многу се загрозени во еколошка смисла, бидејќи Медитеранот е одличен снабдувач за нас луѓето. Ако сакаме да го смениме постојниот тренд, треба да го намалиме човечкиот притисок врз морето и да ја изградиме неговата отпорност. Здравите екосистеми и растечката биолошка разновидност се најдобрата природна одбрана против ефектите од климатските промени “, рече Џузепе Ди Карло, директор на Медитеранската поморска иницијатива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

