Македонија
Повлечени од употреба кремови за готвење и бази за сладоледи, не се безбедни порача Агенцијата за храна
Агенцијата за храна и вeтеринарство информираше дека од употреба се повлечени креми за готвење и бази за сладоледи поради како што велат од таму присуство на етилен оксид.
Како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската Унија, Агенцијата за храна и ветеринарство постапи по добиената нотификација со број 2021.3720 за увоз на небезбедни производи во земјава и спроведе инспекциска контрола кај двајца увозници на кремови за готвење и бази за сладоледи од Струга и Струмица, соопшти Агенцијата.
„При инспекциската контрола кај опереатиорот со храна Гајрет ДООЕЛ од село Лабуништа, утврдено е дека увезениот производ од Италија, (крем за готвење) BRAVO CREAM CUSIMA MK L 0,2X24, со лот број 21089, посочен во РАССФ нотификацијата, не е безбеден за консумација поради утврдено присуство на етилен оксид. Во магацинот на увозникот затекната е количина од 1 440 парчиња од овој производ со лот 21169 со рок на употреба 13.06.2022 година, а не е пронајден истиот производ со лот број 21089 наведен во нотификацијата. На овој оператор со храна наложено му е да изврши отповикување/повлекување од пазарот на посочените производи“, стои во соопштението од оваа институција.
Агенцијата апелира до потрошувачите доколку го набавиле небезбедниот производ со наведениот сериски број/лот и рок на употреба, истиот да не го консумираат, односно да го вратат од таму од каде што го купиле или нештетно да го отстранат.
„Врз основа на истата РАССФ нотификација, инспекциска контрола спроведена е и кај операторот со храна ДПТУ Агрома од Струмица кому поради утврдено присуство на етилен оксид во неколку производи увезени од Италија, наредено му е да изврши отпповикување/повлекување на производите наведени во нотификацијата. Со контролата утврдено е дека производите биле делумно продадени на познати оператори, а делумно се складирани во магацин во Скопје (AI7YOS ГОЛД 50- млечна база за сладолед -120 килограми и AI70XE АИМАРА ТУТО КАКО – база за сладолед 63 килограми)“, соопшти Агенцијата.
Според нив, отповикувањето/повлекувањето за овој оператор се однесува на следниве производи:
1.AI7YOS ГОЛД 50- млечна база за сладолед; Сериски број/лот 21140; Датум на производство 20.05.2021; Датум на употреба 04.05.2024
2. AI70XE АИМАРА ТУТО КАКО – база за сладолед; Сериски број/лот 21088; Датум на производство 29.03.2021; Датум на употреба 13.03.2024
3. AV23AA МАСТЕР ГОУРМЕТ ГОЛД – растителен крем; Сериски број/лот 21070; Датум на производство 11.03.2021; Датум на употреба 06.03.2022
4. AV20IQ МАСТЕР ГОУРМЕТ-ШЕФ; Сериски број/лот 21084 и 21089; Сериски број/лот 21084; Датум на производство 25.03.2021; Датум на употреба 20.03.2022; Сериски број/лот 21089: Датум на производство 30.03.2021; Датум на употреба 25.03.2022
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

