Македонија
(Видео) Мицкоски: Системот не функционира, бараме централно кризно тело од експерти

Состојбата на терен е пресложена и пресериозна. Делови од Македонија се зафатени од сериозна огнена стихија, а народот е оставен сам на себе да се спасува кој како може, умее и знае. Имаме целосно, потфрлање на системот кој нефункционира, истакна на денешната прес конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ова не е прес конференција да судам, ниту да давам квалификации за владиниот неморал. Сакам да испратам апел за целосна мобилизација на се што може да се мобилизира од институции, ресурси и човечки потенцијал и заеднички да се спротиставиме на огнениот пустош. Апелирам, човечки молам, владините институции да го прават тоа за што се платени, да му служат на народот. Граѓаните се исплашени и под притисок. Имаат чувство дека се оставени на цедило. Сакам да направам јасна разлика и да потенцирам дека народот, пожарникарите и службите кои се на терен и помагаат, ја имаат мојата помош и поддршка, но она што недостасува е отсуството на институционално раководење со тие сили“, порача Мицкоски.
Тој апелира да се формира централно кризно тело, а не како што рече ова што сега го има државата.
„Знам дека од Владата ќе одговорат дека веќе има такво, но тоа е далеку под просечно се справува со кризата. Колку животи и имоти треба да се уништат за да владата се уозбили и наместо циркузанти кои кршат керамиди со оваа деликатна работа да се зафатат стручни луѓе и тим од професионалци. Мора да се ангажираат најдобрите експерти и да се искористат најдобрите човечки потенцијали“, посочи Мицкоски.
Повика во најкус можен рок и Собранието да заседава на посебна собраниска седница каде ќе се разгледува точка со информација за последните случувања со пожарите во Македонија.
„Мора јавно да се изнесат слабостите за да се најдат решенијата. Недозволиво и во најмала рака невкусни се коментарите кои ги даваат институциите „ако видите пожар, оставете да гори, Владата ќе ви плати“. Јасно е дека Владата е неспособна, и таа треба час поскоро да замине“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Одговори и на како што ги нарече измислиците и невистините кои провладините платеници ги шират.
„Истите тие ја обвинуваат опозицијата дека политизирала и дека сме се обидувале политички да профитираме па дури и ме нарекоа мене пироман, додуша политички. Згрозен сум од нивото на речникот што се користи од директните владини платеници но и тие кои се индиректни владини платеници, циркузанти и изманици кои имаат задача да го одвлечат вниманието на народот од вистинските проблеми. Нема да останам рамнодушен ниту на оние странични монструозни лаги кои доаѓаат од еден ист центар, СДСМ, дека опозицијата распалувала пожари. Останувам згрозен како човек и со чувство на гадење гледам на злобата на власта што е доказ само за тоа колку се неспособни да делуваат и помагаат за сметка на тоа колку се способни да лажат и измислуваат. Ги жалам таквите ликови“, додаде Мицкоски.
Информираше дека денеска ќе биде во Пијанец и Малешевијата со цел помош на населението од пожарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Марш на ангелите во Кочани: Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој

Правда мора да има, ако не ќе поставиме шатори пред судот и полицијата и нема да дозволиме никој да влегува. Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој. Ова го порача поддржувач на родителите чии деца загинаа на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој од својата инвалидска количка го предводеше осумнаесетиот марш на ангелите. Зборувајќи пред Основниот суд во Кочани, ја обвини полицијата дека дваесет минути на влезот во градот, кај ресторанот „Национал“, држела луѓе од други општини затоа што доаѓале да ги подржат кочанчани.
– Без никакво образложение легитимирале, претресувале. И порачувам на цела Влада – помеѓу тие луѓе нема ниту еден терорист, ниту еден нарко дилер, ниту еден криминалец. Тоа се луѓе со душа и срце. Зошто се прави таков притисок, се обидувате ли нешто да скриете. Истрагата „терајте“ ја како што треба. Родителите на починатите веќе немат солзи во очите, изјави поддржувачот на родителите.
Осумнаесетиот марш на ангелите вечерва се одвиваше по истата маршрута како и претходно: Парк на Револуцијата, кафуле „Класик“, Општина, УЈП, полиција, суд, со тоа што вечерва немаше свирежи пред споменатите институции.
Родителите беа доста тивки. Сестра на починато момче во пожарот во „Пулс“ само потсети дека денеска, 16 август, навршија пет месеци откако на 16 март 62 лица ги загубија своите животи.
Македонија
Пожарот што зафати дел над селото Лојане, Општина Липково, во голем дел е локализиран и изгаснат

Пожарот што зафати дел над селото Лојане, Општина Липково, во голем дел е локализиран и изгаснат. Селото е целосно заштитено, а интензитетот на горењето во појасот на боровата шума значително е намален, информира вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Али.
Со отворањето на патот за пристап, како што наведува, се овозможи пешадиско дејствување на екипите на „Национални шуми“, што значително придонесе кон ограничување на ширењето на огнот.
– Во акцијата беа ангажирани хеликоптер Бел-412 на МВР, две екипи на Територијалната противпожарна единица Куманово со соодветни противпожарни возила, како и екипи на „Национални шуми“ – Подружница Куманово со специјализирани возила за шумски пожари. Активно учество зема и месното население, чија помош беше од големо значење. Како директор на Центарот за управување со кризи, лично ги координирав активностите на терен, осигурувајќи соработка меѓу институциите и брза реакција за заштита на животите и имотот на граѓаните. Благодарност до сите учесници за професионалниот ангажман и посветеност, нагласи Али.
ЦУК соопшти дека вечерва до 18:00 часот на територијата на цела држава има вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, а 15 се изгаснати. Освен пожарот во селата Лојане и Табановце, активни пожари има и во повеќенаменското подрачје „Јасен“, во општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце, Долно Орешје, каде се зафатени пасишта и мешана шума и во кумановското село Черкези.
Македонија
На Табановце се чека 40 минути

Зголемена е фреквенцијата на возила во земјава. На граничниот премин „Табановце времето на чекање за излез е околу 40 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, а интензитетот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.