Регион
Вулин: Ќе инсистирам на поостри казни за сите што предизвикуваат пожар

Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, посочи, за време на неговата посета на Пчињскиот округ, во кој се евидентирани повеќе од сто пожари во последните пет дена, дека ќе инсистира на заострување на казнената политика кон сите што предизвикуваат пожари.
Александар Вулин наведува дека од 25 јули до денес, Србија се соочила со повеќе од 850 пожари на отворено.
„Тоа покажува колку сме неодговорни, колку не мислиме, колку систематски немаме одговор за оние кои не се грижат за себе, но и за другите “, истакна Вулин.
Тој нагласи дека сите оние кои предизвикуваат пожари од негрижа мора да знаат дека ќе бидат пронајдени и дека ќе одговараат за се што направиле, и материјално и на кој било друг начин.
„Само во округот на Пчиња, од 2 август до денес се евидентирани повеќе од сто отворени огнови, а во гаснењето беа ангажирани 500 пожарникари и повеќе од сто возила, кои беа повлечени од цела Србија за да се реши проблемот настанат од неодговорните поединци, кои не размислуваа дека согорувањето на стрништата може да го запали целото село, лишувајќи некого од живот“, посочи министерот.
Како што е наведено во соопштението на Министерството за внатрешни работи, Вулин посочил дека во овој момент нема пожари во областа Пчиња кои се опасни, но и предупредил дека истите ќе ги има доколку поединци се однесуваат бескрупулозно.
„ Инсистирам на промена на казнената политика, и секако Секторот за вонредни ситуации и Министерството за внатрешни работи ќе сторат се за секогаш да бидат подготвени и способни да им помогнат и заштитат на сите наши граѓани“, нагласи Вулин.
Министерот додаде дека припадниците на Секторот за вонредни ситуации и Единицата за хеликоптери значително помагаат во гаснењето и локализирањето на пожарите во Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Регион
Еди Рама вети бесплатни нови куќи за оние кои во пожарите ги загубија своите домови

По катастрофалните пожари кои деновиве зафатија делови од Албанија, уништувајќи домови и имоти, премиерот Еди Рама излезе со силно и директно ветување до сите настрадани граѓани. Во објава на социјалните мрежи, тој најави дека државата целосно ќе ги обесштети сите што претрпеле штета, вклучително и бесплатна обнова на секој уништен дом.
„Кој и да го изгубил својот дом, ќе го обновиме бесплатно, кој и да изгубил добиток, ќе го рефинансираме еден по еден“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Оваа мерка, како што појасни министерот за одбрана Пиро Венгу, ќе се спроведува преку општините. Ќе се формираат посебни комисии за проценка на штетите на куќи, инфраструктура, бизниси и земјоделски култури, по што ќе следува обештетување од општинските фондови за цивилна заштита, поддржани од државниот буџет.
Регион
Шестмина припадници на полицијата се повредени за време на синоќешните протести во Србија

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека за време на синоќешните протести имало драстично нарушување на јавниот ред и мир и брутален напад врз полицијата, и дека, според досегашните податоци, повредени се шестмина припадници на полицијата.
„Шест полицајци се повредени, според информациите што ги имаме во моментов, а 38 лица се приведени. Секој можеше да види во преносот во живо дека имало брутален напад врз полицијата, дека демонстрантите дошле со намера да ги нападнат полицајците, да ги повредат“, рече Дачиќ.
Тој изјави дека вечерта немало поддржувачи на Српската напредна партија, што, како што рече, не ги спречило демонстрантите да ги нападнат просториите на таа партија низ цела Србија, и додаде дека на некои места биле нападнати и просториите на Социјалистичката партија на Србија.