Македонија
Филипче: Не е доцна за мерки, ги предлагаме сосема навремено
За министерот Венко Филипче мерките не се донесени доцна, иако бројот на заразени од коронавирус се искачи и на 370 нови на дневно ниво. За него, настаните не се проблем туку непочитувањето на протоколите за време на настаните.
Тој кажа дека ако продолжи овој раст во идните недели, вработените во школите и градинките ќе бидат опфатени со задолжително вакцинирање.
„Не е доцна за мерки, мислам дека сосема навремено ги предлагаме сите мерки. Ова беа работи кои ние ги најавуваме дека ќе ги воведуваме, само го чекавме моментот. Ние не можеме да предвидиме дали овој раст ќе продолжи или ќе запре. Се надеваме дека ќе запре. Зошто? Заради тоа што сепак имаме една одредена бројка на вакцинирани граѓани“, рече Филипче.
Инспекторатите, како и до сега, ќе треба да контролираат дали се спроведуваат мерките кои вчера ги донесе Владата.
„Во есенските месеци очекуваме да се зголемат ризик факторите, се враќаат луѓето на работните места, а настаните се префрлаат на затворено. Апелирам да се вакцинираат граѓаните во што поголем број. Вакцините штитат солидно, тоа е единствен начин за стекнување на колективен имунитет. Нема колективен имунитет со само прележување на болеста, тоа е докажано. Без разлика дали граѓаните прележале или не, единствен начин за стекнување на колективен имунитет треба да се вакцинираат со две дози вакцини кои ги имаме на располагање“, додаде Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

