Македонија
Филипче: Мерките не го делат народот, новите трендови со „делта-сојот“ се многу сериозни

Министерот за здравство Венко Филипче на „Фејсбук“ напиша дека јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а дека мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока.
„Тие не го „делат народот“ како што изненадувачки изјави лидерот на опозицијата, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем. Овие мерки се применуваат во многу држави и веќе даваат резултат“, напиша Филипче.
„Забраната за движење во шуми не го дели народот на планинари и оние кои не планинарат, тоа е заштита од пожари. Условот за запишување во училишта на децата со примена вакцина не е поделба на децата туку нивна заштита од болести и епидемии. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните“, додава министерот за здравство.
Тој во својот напис како што вели бара максимална одговорност од сите.
„Делта-сојот брзо се шири. Податоците и трендовите кои ги имаме се многу сериозни. Апелирам на доследно почитување на постоечките мерки за заштита и масовна вакцинација“, потенцира Филипче.
Неговата објава следеше откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оцени дека ова се „квази мерки кои што не само што нема да го заштитат здравјето на граѓаните, туку и дополнително ќе направат поделби меѓу граѓаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДИК: Вкупно 8.848 болни или немоќни лица денес можат да го остварат своето право на глас

Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање а се сместени во установите за вонсемејна грижа, соопшти Државната изборна комисија.
Вкупно 8.848 болни или немоќни лица, како што велат од ДИК, можат да го остварат своето право на глас на овие локални избори.
Со почеток во 7:00 часот во 14 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 2162 лица кои се на издржување казна затвор или притвор.
Од ДИК информираат дека 442 лица сместени во установите за вонсемејна грижа своето право на глас може да го остварат во вкупно 13 центри за вонсемејна грижа.
Гласањeто денес започна во 7 часот утринава, а завршува во 19 часот.
Македонија
Од средината на следната недела ќе биде потопло

Следува период на стабилно време, освен во среда, кога ќе има локални врнежи од дожд. Дневната температура од четврток ќе биде во пораст, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Макималната температура ќе достигне до 16 степени.
Македонија
ОЈО Струга отвори предмет за спомен-куќата на Владо Малески

Основното јавно обвинителство Струга оформило предмет во врска со уривањето на спомен-куќата на Владо Малески, при вршење градежни работи во близина на објектот од страна на лице од Велешта.
Јавен обвинител, како што соопшти денеска Основнот јавно обвинителство, на 16 октомври извршил увид на лице место во присуство на вешто лице од градежната струка.
„Наредено е вештачење, а се преземаат и други дејствија за испитување на околностите под кои се случил настанот“, стои во соопштението на ОЈО.
При изведба на градежни работи на индивидуален објект во старото градско јадро беше срушен јужниот ѕид и дел од кровната конструкција од куќа заштитена како културно наследство.
Министерот за култура најави изработка на проект за обнова и реставрација на спомен куќата на Малевски со цел да се зачува автентичниот изглед и историјскиот дух.