Македонија
Сончево и многу топло со температури до 41 степен
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Дневните температури ќе бидат над просекот за овој период од годината, поради што ќе биде активирана жолта, а во југоисточниот дел од земјата портокалова фаза за опасност од високи температури. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната од 34 до 41 степен. УВ=9.
Во Скопје ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе биде 18, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во вторник ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена облачност и со натпросечни температури за овој период од годината. Максималните температури во југоисточните подрачја повторно ќе надминат 40 степени.
В среда ќе има изолирана појава на краткотраен пороен дожд и грмежи, а услови за локален дожд ќе има и в четврток, кога температурите ќе опаднат за неколку степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Локализиран пожарот кај село Урвич во Општина Боговиње
Локализиран е пожарот кај село Урвич во Општина Боговиње, соопшти вечерва Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Се работи за пожар покрај патот кон село Урвич во Општина Боговиње. Пожарот е изгаснат од страната на патот, но е активен под патот каде што има голема провалија и не е пристапно. Гори претежно ѓубре, но и мал дел сува трева. Во близина нема куќи и објекти, стои во соопштението.
Пожарот, кој во 17:22 часот бил пријавен преку бројот за итни случаи 112, е локализиран од екипа од ТППЕ Тетово. ЦУК посочува дека дежурната екипа од ТППЕ Тетово се повлекува од терен. Во текот на ноќта со падот на температурата се очекува пожарот да се самоизгасне, а доколку биде активен ќе се интервенира утре рано.
За пожарот е известен и Националниот парк „Шар Планина“ кој, како што се наведува, ќе испрати свои вработени на местото и ќе информира за состојбата.
Македонија
Се запали куќа во Битола, на терен се пожарникари
Денеска избил пожар во куќа во Битола, а на терен веднаш излегле пожарникарите од ТППЕ Битола.
„Примена дојава во 11:55ч. за запалена куќа на ул.Љубојно. ТППЕ Битола интервенираше со 1 возило и 5 пожарникари. Брзата и навремена интервенција спречи пожарот да го зафати целиот објект и соседните куќи“, велат од ТППЕ Битола.
Македонија
Мицкоски ги повика граѓанските организации да учествуваат во градењето на поквалитетен национален образовен систем
Премиерот на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во соработка со ИРИ, како дел од проектот за дијалог со граѓанските организации оддржа средба со повеќе невладини организации.
„Образованието е столб на општеството и затоа е поставено високо меѓу владините приоритети. Без квалитетно образование, нема ниту квалитетни доктори, наставници, економисти и така натаму. Одлучни сме да направиме крупни промени и го повикувам граѓанскиот сектор активно да учествува во креирањето и спроведувањето. Заедничка обврска е да создадеме подобри услови за едукација на младите, а со тоа и подобра иднина во сопствената земја.“
Ова е пораката која премиерот Христијан Мицкоски ја испрати до младинските организации кои беа дел од денешниот настан во рамки на дијалогот помеѓу Владата и граѓанскиот сектор на тема образование и младинско учество, што го организираше Меѓународниот републикански институт.
„Жал ми е што морам да констатирам дека образованието во минатото ни е значително опаднато. Секоја идеја е добредојдена и затоа ги организираме овие тематски дискусии со граѓанскиот сектор“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата работи транспарентно и создава услови за услови за граѓанските организации уште поактивно да учествуваат во развојот на државата.
Повика да поддржат процес и заеднички да биде креирана стратегија за развој на државата, со временска рамка која ќе биде доволно голема, за како што рече, да можеме да трасираме пат и да оствариме резултати на тој пат по кој ќе одлучиме да се движиме.
За време на дебатата, дел од младинските организации изнесоа свои предлози за мерки, проекти и системски решенија со кои, како што рекоа, ќе се задржат младите во својата земја и тука ќе го градат и реализираат својот потенцијал.
Беа повикани и сите останати здруженија да достават свои иницијативи во одделението за соработка со граѓанскиот сектор при Владата, како и до надлежните министерства.
Обраќања имаа и министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Заеднички став е дека односите со граѓанскиот сектор се развиваат во добра насока и се очекува политиките кои се креираат преку меѓусебната соработка, да дадат позитивен исход.