Македонија
МЗ: Детектирани околу триесетина случаи со делта-сојот, не сме единствени со воведување мерки
Министерството за здравство информира дека во земјава досега се детектирани триесетина случаи со делта-сојот, кој рапидно се шири насекаде во светот, во регионот, па многу е веројатно истото да се случи и кај нас. Делта-сојот на СарсКов2 ја прави вакцинацијата уште поважна, оттука мора да се вакцинираат што поголем број граѓани за да се избегне повторно затворање, полициски час и слично. Граѓаните мора да покажат висока дисциплина, да се вакцинираат, за да се заштитат самите себе, семејствата, децата, пријателите, колегите на работа. Мерките кои ќе стапат на сила ги најавуваме, ние не сме единствена земја која ќе воведе мерки, многу порестриктивни мерки веќе се применуваат во земјите од регионот, Европа и светот, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Од таму додаваaт, дека за разлика од други земји, каде што за одредени категории професии, вакцинацијата кај нив е задолжителна, кај нас истата е прво на избор.
„Но, ја потенцираме важноста од вакцинација, затоа граѓаните кои досега не се вакцинирале се двоумат, имаат дилема околу вакцинирањето, да се охрабрат и што побрзо да примат вакцина. Министерството за здравство укажува дека вакцините се безбедни и ефикасни, штитат од компликации на болеста и смртен исход. Само со масовна имунизација може да спречиме ширење на мутации на Ковид-19“, велат од здравство.
Во обид да се зачува јавното здравје и да се стави под контрола рапидното зголемување на бројот на заразени, што претставува ризик од преоптоварување на здравствените системи, сè повеќе земји воведуваат задолжително приложување на вакцинален сертификат за своите граѓани, за непречено користење на јавните места и услуги, напоменуваат здравствените власти.
Додаваат дека Данска, Австрија и Унгарија беа меѓу првите земји кои во март оваа година воведоа здравствени сертификати, кои во Австрија се сè уште неопходни за посета на ресторани, хотели и спортски центри. Вакви мерки се актуелни и во Португалија и Ирска, додека во Луксембург се построги и вакциналниот сертификат е задолжителен и при влез во маркетите.
Приложувањето на сертификат за вакцинација во затворените угостителски објекти минатиот месец стапи на сила и во соседна Грција, со цел во туристичката сезона да се заштитат домашните работници, но и големиот број странски туристи кои влегуваат во земјата.
Според одлуката на Владата на Италија, пак, за престој во затворени простории, граѓаните е неопходно да приложат документ за вакцинација за примена барем една доза, доказ за имунизација по природен пат, односно прележување на вирусот или негативен ПЦР-тест, не постар од 48 часа.
Вакциналниот сертификат во Италија е задолжителен за наставниците, граѓаните кои користат јавен превоз, за влез во кината, музеите и на спортските настани, но и за гостите во рестораните. Сертификат ќе им биде потребен и на студентите, додека вработените кои нема да приложат доказ за имунизација пет дена последователно, ќе бидат суспендирани од работа и нема да го остварат правото за добивање плата, бидејќи ќе претставуваат ризик за останатите граѓани.
Четвртиот бран на Ковид-19 предизвика пораст на инфекциите и во Франција, каде на сила стапија мерките за задолжителна вакцинација на здравствените работници и приложување на сертификат или негативен ПЦР-тест за присуство на јавни места, настани со масовна посетеност и користење јавен превоз. По стапување на мерките, билансот на населението со две примени дози од вакцината изнесува 50 отсто.
Покрај европските, повеќе земји во светски рамки, меѓу кои и САД, воведуваат задолжителна вакцинација за одредени категории граѓани, но и задолжителен сертификат за имунизација за посета на јавни места, користење на јавните добра и услуги, со цел да го ограничат масовното ширење на вирусот и да го заштитат здравјето на населението, посочуваат од министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.

