Регион
Жителите на Евија одбиваат евакуација, на смени ги чуваат своите куќи
Жителите на островот Евија се на стража и се решени да останат во своите домови за да се обидат да ги спасат од силните пожари што го зафатија овој грчки остров, и покрај тоа што властите ги повикаа да се евакуираат.
Се очекува грчката влада денеска да објави итни мерки за помош на оние што ги загубија своите куќи и друг имот, но за некои локални жители, напуштањето на домовите во пожар не е опција.
„Полицијата дојде и ни рече да се евакуираме од селото Авгарија, но не можеме, ова е наш имот. Не можеме да дозволиме нашите куќи да изгорат. Веќе три дена спиеме на смени“, рече Јанис Агелопулос (55), сопственик на продавница на северниот крај на островот, пренесува „Ројтерс“.
Пожарникарите очекуваат попладнево посилни ветрови, што може да предизвика повеќе пожари на овој втор по големина грчки остров, каде што огнот гори веќе осум дена, а други пожари на Пелопонез, исто така, би можеле повторно да се активираат.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа се извини за неуспехот на државата да се справи со пожарите што изгореа низ целата земја минатата недела, а властите брзо работат на утврдување на штетата предизвикана во катастрофата.
Мицотакис денеска треба да претседава со владиниот состанок, кога се очекува да бидат објавени посебни мерки за оние што загубиле куќи, фарми и друг имот, а вчера беше одобрен буџет од 500 милиони евра за помош на Евија и регионот Атика околу главниот град Атина ..
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Убиен син на хрватски пејач во Еквадор: Го застрелале две лица на мотор, го убиле со четири куршуми
Томислав Зеленчиќ (48), хрватски државјанин, е убиен во вооружен напад во Манта, во провинцијата Манаби во Еквадор, што го прави четврта жртва во регионот во последните три дена. Зеленчиќ, кој живееше во тој град повеќе од 20 години, беше убиен во напад во вторник, на 26 ноември, во 10 часот, во близина на неговиот дом во населбата Јоцај.
Според изјавите на сведоците, жртвата се движела по тротоарот во близина на неговата куќа, а нападот го извршиле две лица на мотор. Напаѓачите, според еквадорските медиуми, испукале најмалку четири куршуми кон Томислав Зеленчиќ пред да побегнат. Тешко повредениот Хрват останал да лежи на улица во локва крв. Соседите и роднините со приватно возило го пренеле во болницата ИЕСС Манта, каде и покрај напорите на медицинскиот персонал набрзо починал. Полицијата излегла на местото на настанот за прибирање докази. Телото е пренесено во Судскиот центар Манта за понатамошна обдукција. Мотивот за нападот се уште не е познат, а властите започнале интензивна истрага за откривање на сторителите.
Јутарњи лист пишува дека Зеленчиќ е син на пејачот Инослав Ино Зеленчиќ, основач на групата Задар експрес. Пред многу години, Томислав се преселил во Панама, каде што работел на рибарски бродови, по што се преселил во Еквадор. Еквадорските медиуми објавија и дека Зеленчиќ во 2016 година поднел пријава за грабеж, кој била набрзо решен
Регион
Почина 13-годишното девојче кое падна од шести кат од зграда во Мостар
Почина тринаесетгодишното девојче кое падна од балконот на шестиот кат во зграда во Мостар.
Информација за „Аваз“ ја потврдил Људевит Мариќ, портпарол на полицискиот оддел на МУП на Херцеговско-неретванскиот кантон.
Инцидентот бил пријавен во полиција во 14 часот и 30 минути, а на лице место бил спроведен увид, предводен од дежурниот кантонален обвинител на Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон.
Како што беше речено, преземени се сите потребни истражни дејствија за целосно расветлување на сите околности на овој настан.
Во моментот на падот, според „Аваз“, девојката била сама во станот, а малку порано нејзината мајка излегла да пазари во блиската продавница.
Откако дознала за несреќата, жената доживеала шок.
Регион
Тринаесетгодишно девојче паднало од шести кат од зграда во Мостар
Тринаесетгодишно девојче е во тешка состојба откако паднало од балкон на станбена зграда во Мостар.
Таа е хоспитализирана во Универзитетската клиничка болница Мостар, пренесува Klix.ba потврда од оваа здравствена установа.
Според првичните информации како што пишува медиумот тоа се наоѓа на Одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
Според неофицијални информации, девојката паднала од шести кат.
Засега не се познати околностите за нејзиниот пад, според написите.